Прекрасен концерт на романските уметници Иуга и Михаил за публиката на „Охридско лето“
Музичката програма на фестивалот „Охридско лето“ синоќа донесе извонреден концерт за контрабас и пијано со романско-германскиот контрабасист Петру Иуга и романскиот пијанист Хориа Михаил.
Музичкото доживување што го приреди ова дуо започна со Шубертовата соната „Апреџоне“ во а-moll, а потоа со романските танци на Бела Барток со што на публиката ѝ беше претставена и дел од романската класична музика. Во вториот дел од концертот, романските уметници ги отсвирија Сонатата за виола во d-moll од Глинка и Варијациите на Рококо тема од Чајковски.
Иуга и Михаил првпат доаѓаат во Охрид, но заминуваат со многу позитивни импресии.
–Првпат сум во Охрид, дури и воопшто во Северна Македонија.Многу сум импресиониран од убавината на природата и луѓето кои се многу пријатeлски настроени. Ова е прекрасен фестивал судејќи по имињата кои настапувале, па затоа честа и задоволствoто се огромни што можам да настапувам овде токму на „Охридско лето“. Исто така и убавината на црквата, особено ми е интересно бидејќи првпат свирам во православна црква, а доаѓам од Романија. Ме плени нејзината акустичност, рече контрабасистот Иуга.
Двајцата уметници имаат свои извонредни соло кариери и се познаваат од одамна, но нивната работа ги однела на различни страни во светот.
-Со Хориа се знаеме одамна, но го замолив да учествува со мене бидејќи е извонреден уметник кој студирал во Бостон и знае да се организира при вакви настани. Преку нашиот настап во Охрид всушност нашето минато го поврзавме на сцената, додаде Иуга.
И за пијанистот Хориа Михаил исто така е голема честа и задоволството што вчеравечер музицираше на најголемата музичко-сценска манифестација во земјава и регионот, фестивалот „Охридско лето“.
–Голема е честа што се наоѓам овде во Охрид на овој доста познат и ценет фестивал што го организирате секоја година. Вчудоневиден сум од убавината на стариот град од езерото. Петру живее во Германија јас во Романија но убаво е што се соединивме токму овде. Директор сум на еден голем фестивал во Романија што ќе се одржи наредниот викенд, па после концертот ќе патувам за Букурешт за да се погрижам за организацијата на фестивалот каде ќе имаме над 500 уметници и 60 концерти. Идната година ветува многу, се надевам дека ќе биде без коронавирусот. Потоа резмислувам за одмор па би сакал пак да се вратам во Охрид, но овојпат како турист, кажа пијанистот Михаил.
Фестивалот „Охридско лето“ продолжува вечерва исто така со концерт за контрабас и пијано, но публиката ќе има можност да ужива во изведбата на македонските уметници Ѓорѓи Цинциевски и Марија Вршкова.