Рецензија: „Големиот Чајковски“ – Гала балетски концерт на Националната опера и балет за отворањето на шеесет и првото издание на фестивалот „Охридско лето“
Надежта во класичната уметност
Дали сеуште постои потребата на современиот човек за класична уметност поставена во нејзиниот оригинален изворен облик? Дали во морето од неброени бизарни напади и нови форми на себеизразување во вид на медиуми, социјални мрежи но и борба со невидлив непријател опасен по животот, сепак токму таа, класичната уметност претставува оддишка од сé она што нé демне? Дали имаме капацитет да ја осознаеме класичната уметност? Некако природно ни се наметнуваат овие прашања пред почетокот на новото шеесет и прво издание на „Охридско лето“ и концертот посветен на класичниот балет и романтичната музика од Чајковски за чинот на свеченото отворање на фестивалот.
Шеесетте минати години „Охридско лето“ постојано трага по пронаоѓање нови уметнички оставрувања, нови креативни соѕвездија кои ќе го сочуваат местото на фестивалот како најпрестижна музичко-сценска манифестација кај нас и како препознатлив уметнички симбол на Охрид и Македонија во светот. Вкусот и естетиката се менуваат, но потребата по убавото останува непроменлива константа кај секоја нова генерација. Новите идеи и форми кои го пренесуваат уметничкиот порив секогаш водат кон прогрес во животот и во уметноста и тие ја одразуваат постојаната жед на уметниците да создадат автентични и уникатни творештва. Па сепак… класичната уметност сеуште го плени вниманието на милиони и особено во „тешкиов миг“ во кој се наоѓаме ни дава надеж… Часови и часови минати во вежбање, виолина, харфа, виолончело или на шпиц-патики, сеедно, раѓаат вредна духовна творба која подеднакво го допира и не го остава рамнодушен и оној што ја создава и оној кој ја ужива. Тоа е таа надеж која ви ја дава класичната уметност…
Несомнено сите што учествуваа во креирањето на идејата и ликот на годинешниов Гала балетски концерт за свеченото отворање веројатно интуитивно проникнаа дека бројната публика во магичниот амбиент на Античкиот театар после долги месеци исчекувања, со видна возбуда ќе дозволи да ја понесе и да допре токму таа …старата добра класична уметност.
И можеби некој, колажот најблескави извадоци од балетите на Чајковски, ќе го доживее како нешто на што му одминало времето… Напротив, во мигот на ослободување од сеопштиот речиси двегодишен застој, страдања и неизвесност, токму сјајот во музиката на Чајковски и неговите безвремени балети ги восприемаме како појдовна точка или враќање на почетокот, ако сакате.
Кон концертот
Во инспиративните обраќања пред почетокот на концертот Олга Панго во име на уметниците, министерката за култура Ирена Стефоска и претседателот на државата Стево Пендаровски, нé потсетија за насушната потреба на уметниците за сценски израз, за потребата од убавото како излез и спас од сите неволји и за она за што треба постојано да си приспомнуваме… благодетта што така дарежливо ни ја дава Охрид и која треба да ја чуваме како најскап дар. Зашто Охрид не е само историја, духовност, архитектура и природна реткост, Охрид веќе шеесет лета е музика, танц, драма, „Охридско лето“ ги вткајува уметничките вдахновености на неброени уметници во енергијата на градот и со тоа го прави уште попосебен.. единствен…
Со таква силна вдахновеност и жар и волја за повторна средба со публика и сцена целиот уметнички тим на Националната опера и балет пристапува кон проектот „Големиот Чајковски“, надоврзувајќи се со тоа кон традиционално успешната поврзаност со Фестивалот „Охридско лето“. Ги помниме „Кармина Бурана“ од пред точно триесет години, „Македонска повест“ од деведесеттите, „Леди Магбет“, „Јас Исидора“, „Танго фрагменти“, „14 часа“ во новиов милениум, сé до минатогодишното „Болеро“… под маски…
Овој пат идејата да се претстави Чајковски во еден тежок момент, кога човештвото се обидува да излезе од предизвикот што ни го донесе изминатата 2020 и годинава што протекува и при тоа со таков елан да се постават над 90 наши, домашни уметници на сцената се чини неминивно и го доживуваме како крик и копнеж за победа на уметноста над искушението. Зашто точно тој Чајковски, како еден од најголемите композитори кои ги дала руската музичка историја во својот творечки лик ги обединува длабоката поврзаност со родната земја, сепак дозволувајќи влијание од западно-европката култура, универзалните животни вредности и она што особено ја обележува неговата балетска музика – одраз на интимен и емотивен сензибилитет. Балетите на Чајковски, „Лебедово езеро“, „Заспаната убавица“ и „Оревокршачка“ нé навраќаат во еден фантастичен бајковит и исчезнат свет и навистина, потребно е во себе да имате доволно фини емоции за да може да му се препуштите. Сепак танцот најмногу од сите уметности ја симболизира радоста на живеењето и затоа веруваме дека „Големиот Чајковски“ ќе ни ги врати точно нив, радоста и оптимизмот.
Со оправдана воздржаност од тоа да навлегуваме во детална опсервација на умешноста во балетската игра, оставајќи го тоа на балетските критичари, тој дел од настапот ќе го забележиме со око на вљубеник во танцовата уметност. Во софистициран и динамичен низ од свечената „Полонеза“ од третиот чин од операта „Евгениј Онегин“ во кореографија на Саша Евтимова, сосем прикладна за најава на свечениот настан, „Антрето“ од вториот чин на „Лебедовото езеро“, темпераментните наполитански, шпански и руски игри, „Танцот на цвеќињата“ од „Оревокшачка“ како ансамблови нумери, и особено солистичките претставувања на Ивана Коцевска и Балаш Лоцеи како Одета и Принцот Зигфрид во „Белиот лебед“, Марија Кичевска Шокаровска и Васил Чичиашвили во „Црниот лебед“ и Христина Наќевска и Ендру Кук во „Сината птица“ од „Заспаната убавица“, Мими Поп-Алексова и Бобан Ковачевски во „Ана Каренина“… во класичните кореографии на Петипа, Вајнонен и Јуруменко, колажот балетски фрагменти создаде една заокружена автентична музичка и танцова целина потврдувајќи дека балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет во специфичниот по многу аспекти неповолен миг за делување на уметниците се наоѓа на високо скалило на квалитетен уметнички перформанс, кој патем ги разгалува сетилата и на најпребирливите. Кон целосна заокруженост на перформансот, неизбежно придонесува и беспрекорната костимографија која целосно го заокружува визуелниот впечаток.
При тоа неодминливо како посебно впечатливи ќе ги забележиме сугестивниот и темпераментен настап на диригентката Бисера Чадловска под чија цврста палка целиот настап го добива потребниот облик и динамична експресија и ѕвездата на вечерта, концерт-мајсторот на оркестарот Климент Тодороски кој со своето виолинско соло ни ја долови потребната божественост на звукот во „Белиот лебед“.
Пренесувајќи во овие редови една импресија од часот на Олга Панго со Ивана Коцевска и Балаж Лоцеи при создавањето и подготовката на „Белиот лебед“ неодамна во Скопје … во балетот… на речиси 40 степени, а потоа гледајќи ја таа креација пренесена во чудесната атмосфера на Античкиот театар, со бисерниот отсјај на Охридското езеро во позадина како природна сценографија, само ќе посакаме оваа ода и будење на заспаната уметност кое го означи „Големиот Чајковски“, со несмален жар да продолжи во сите фестивалски денови пред нас на „Охридско лето“. Чувствувајќи го поривот на уметниците „во воздухот“ во Охрид, веруваме дека ќе биде така.