Четврти август е денот кога започна да се плете магичната приказна наречена „Охридско лето“. Во фестивалската историја засекогаш ќе остане запаметено името на оперската дива Ана Липша Тофовиќ која токму на 4 август во далечната 1961 година како првенка на Македонската опера, заедно со својот сопруг, пијанистот Ладислав Пердлик го одржала првиот концерт во црквата „Света Софија“ која има прекрасна акустика. Оттогаш наваму, безмалку шест децении се плете успешната приказна наречена „Охридско лето“ која прерасна во македонски културен бренд.
Плејада уметници од сите светски меридијани, врвни и звучни имиња од светот на музиката и театарот, секоја година оставаат свој печат врз фестивалот, а заминувајќи од Охрид, ги носат со себе и своите впечатоци за „Охридско лето“ и градот.
Судејќи според досегашниот интерес и полните фестивалски гледалишта, и ова фестивалско издание донесе програма која ги оправда очекувањата на љубителите на музичката и драмската уметност.
-Приказната на успешна културна магија која не згаснува до ден денес не може да се гради и надградува ако ја нема огромната поддршка од Владата на Република Македонија преку ресорното Министерство за култура, општина Охрид, генералниот спонзор Македонски телеком како и нашите помагатели, спонзори, пријатели кои несебично го помагаат развојот и унапредувањето на културата во државава. Благодарност и до сите оние кои неуморно работеле, до сите уметници кои со својот настап го воздигнале Фестивалот и ни ја дадоа честа да славиме успешни 58 години, вели директорката на Националната установа „Охридско лето“, Сузана Вренцовска.
Роденденот на фестивалот, вчера по концертот на групата „Синтезис“ беше одбележан и со свечен коктел и сечење на роденденска торта во пријатна атмосфера и амбиент, со многу пријатели и помагатели, во хотелот „UNIQUE“.
Од фестивалската дирекција најавуваат дека веднаш по завршувањето на 58-то издание, ќе започнат подготовките за идното 59-то „Охридско лето“ .
Галерија: