Роденденска торта и концерт на „Синтезис“ за 61-от роденден на „Охридско лето“
Со роденденска торта што свечено ја пресече министерката за култура на Република Северна Македонија, Ирена Стефоска, НУ „Охридско лето“ денеска го одбележа 61-от роденден.
Директорката на фестивалот „Охридско лето“ Наташа Поповиќ на денешната прес-конференција рече дека богатата историја на фестивалот е доказ за влогот на многу генерации и нивните напори да се исткае успешната приказна на врвната културна сцена.
– Секоја година 40- те фестивалски денови се празник на уметноста. „Охридско лето“ носи околу 1000 уметници, актери, театарски работници, солисти, хористи, музичари… од сите земји во светот. И во време на пандемија успеавме да ја продолжиме традицијата, да го задржиме квалитетот и да ги донесеме најдобрите домашни и светски уметници. Посебно сум горда што и покрај здравствената криза со ковид-19, успеавме оваа манифестација да не изгуби од својот квалитет. Напротив, продолживме и го надградивме квалитетот за што добивме и бројни пофалби како од нашата верна публика, така и од уметниците кои се дел од програмата, рече директорката Поповиќ ,која најави дека традицијата ќе продолжи, но, како што кажа, во иднина фестивалот ќе чекори и кон модерни, побогати и разновидни уметнички достигнувања.
Денеска, на денот кога оперската примадона Ана Липша Тофовиќ во 1961 година го означи почетокот меѓународниот фестивал „Охридско лето“, НУ Македонски Народен театар на фестивалот му предаде биста на големата Ана Липша Тофовиќ, дело на академик Димо Тодоровски, датирано во 1970 година, со наслов „Орфеј на Ана“. Бистата е излеана во бронза, со димензии 99х55х32 сантиметри.
-Во договор со синот на Ана Липша Тофовиќ, кој за жал од оправдани причини не можеше да присуствува на оваа прес-конференција, МНТ излеа, според оригинална гипсена биста три сигнирани копии во бронза од кои една е во сопственост на д-р Стефан Тофовиќ, една е дел од музејската поставка на МНТ а една, еве денес, се предава на НУ „Охридско лето“. Ликот на Орфеј во „Орфеј и Евридика“ на Кристоф Вилибалд Глук е желба на Ана Липша-Тофовиќ која во 1950 година премиерно ја изведува на Операта при МНТ. Токму таа страст и големина на ликот скулпторот Тодоровски ја преточува во елегантна и суптилна форма, со здржана лиричност, строга поетичност на чувствата и голема симболика во преточувањето на ликот на Орфеј и можноста на Ана Липша Тофовиќ,рече Ивана Јарчевска, раководител на Музејот при МНТ.
Според директорката Поповиќ, бронзената биста за фестивалот претставува вреден спомен кој секогаш ќе потсетува на нејзиното дело и зборовите „ да ни е вечно Охридско лето “.
-Нејзината благородна мисија е аманет за сите нас да го негуваме и оддржуваме блесокот на оваа сцена. Вечно благодарни кон нејзиниот лик и дело, посакуваме да се слави овој ден уште многу години. Посакуваме уште многу блескави моменти на следните фестивалски изданија, додаде Поповиќ.
Одбележувањето на шеесет и првиот роденден ќе продолжи и вечерва со голем концерт на етно-групата „Синтезис“ на Античкиот театар.
-Љубителите на традиционалните звуци со современи аранжмани, нашите верни пријатели, вечерва со почеток од 21 часот на Античкиот театар ќе имаат прилика да уживаат со музиката која ги комбинира корените на македонското народно музичко наследство, користејќи целосен опсег на оригинални македонски инструменти: кавал, гajда, тапан, тарабука и тамбура. На тој начин се зачувуваат и промовираат трајните вредности на македонската култура и традиција.Најпозната македонска етно-група со одржани повеќе од 500 концерти на сите континенти и настапи на најпознатите светски сали и фестивали се меѓу најголемите амбасадори на македонската музика во регионот и ширум светот. Нивните настапи се постојано следени со воодушевување од страна на публиката и критиката насекаде во светот. „Охридско лето“ е фестивал најголем од сите културни манифестации кој духовно го збогатува Охрид. „Охридско лето“ е препознатлив знак на нашата држава и најголем културен амбасадор насекаде во светот. Тој е нашата духовна престолнина, рече на денешната роденденска прес-конференција, селекторката на музичката програма на „Охридско лето“, Даница Стојанова.
Претставникот на групата „Синтезис“ Ванчо Јовчев рече дека е огромна честа да се настапува на фестивалската сцена на која низ годините нанзад настапиле врвни уметници од целиот свет.
-Од името на групата му го честитам 61-от роденден на „Охридско лето“ и посакувам уште многу вакви родендени. Голема е честа и задоволството да настапиме на овој според нас огромен фестивал каде настапуваат врвни уметници од областа на класичната, но и од областа на жанровската музика. „Охридско лето“ досега ни дозволил да ги презентираме сите наши изданија и тоа за нас е голема чест, да го презентираме нашиот израз на македонската музика и на она што го носиме во нашите корени пред овдешната публика во која има и бројни странски посетители, нагласи Јовчев.
На денешната прес-конференција, директорката на „Охридско лето“ им се заблагодари на сите кои придонеле за големината на оваа музичко-сценска манифестација како Претседателот на државата кој е и покровител на фестивалот, Владата на РСМ, ресорното министерство за култура, Општина Охрид, како и бројни фирми и претпријатија кои секоја година несебично ја даваат својата поддршка.