Извонредната руска пијанистка Виолета Егорова синоќа приреди неповторливо доживување на „Охридско лето“ одржувајќи концерт во рамките на музичката програма на фестивалот.
Егорова фасицинира со концертниот артизам. Со внимателно избраниот репертоар, со нејзината музичка интерпретација што подразбира неверојатна леснотија и префинета техника, ги разбранува чувствата кај фестивалската публика која уживаше во романтичната вечер.
-На сцената во црквата „Света Софија“ има прекрасни акустични ефекти. За концертот подготвив програма од западни композитори, а исто така и дела од руски композитори. Донесов романтични дела за публиката, вели Егорова.
Виртуозното мајсторство врз пијаното започна со Импромпти оп. 142 бр. 3 B-dur од Франц Шуберт, а потоа продолжи со четирите пиеси за пијано од Јоханес Брамс, баладата број 4 во ф-мол од Фредерик Шопен. За да биде комплетна романтичната вечер со пијано, Егорова ги изведе и сонатата „сеќавање“ од Николај и 24 прелудиуми од Александер Скрјабин.
Целокупниот амбиент каде што настапи, според неа, е совршено место кое инспирира и придонесува за достигнување високи уметнички дострели.
-Ми требаше само мал разглед за да го засакам градот.Прекрасен поглед, прекрасно езеро, пријатна атмосфера и совршено место за уметнички дострели. Не настапувам често во регионот на Балканот. Свирам во Италија и Германија, но за фестивалот „Охридско лето“ знам откако паметам за себе, додава Егорова.
Лауреатот на бројни интернационални награди, Виолета Егорова, другарува со пијаното од четиригодишна возраст а своето деби го има на свои 12 години со целовечерен рецитал. Предава пијано на Академијата „Рахмањинов“ во Катанија каде што е претседател и основач на интернационалната награда „Сергеј Рахмањинов“. Уметнички директор е на Интернационалниот фестивал „Концертфест“ во Москва и е активен член на Интернационалната Академија за информатизација која има консултативен статус при Обединетите нации од 1995 година.