Словенечкиот „Балкан Нуево“ ќе музицира на „Охридско лето“

Музичката програма на фестивалот „Охридско лето“ вечерва продолжува со концерт на „Балкан Нуево“ од Словенија и Гудачкиот квартет од Македонија што ќе се одржи во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот.

 

Проектот „Потполно нешто друго“ што ќе биде претставен пред фестивалската публика ги опфаќа композициите „Балкански циркус“, „Импресија”, „Подемот”,„Грешка”,„Прелудиум за југ”, „Зајди зајди” ,македонска народна песна во аранжман на Горан Бојчевски, „Танцот”,„Клезмер за 2”, „Мементо мори” и „Валцерот на седумте велови”.

 

Словенечкиот состав „Балкан Нуево“ го сочинуваа кларинетистот Горан Бојчевски, хармоникашот Томаж Марчич, контрабасистот Јошт Лампрет и Јан Север на клавир. Во Гудачкиот квартет Македонија членуваат Владимир Цветковски – прва виолина, Диана Мирчевска – втора виолина, Илза Бафтиари- виола и Димитар Ангелов – виолончело.    Во рамките на „Охридско лето“, со овие два состави ќе настапи и Димитар Михајловски – соло виолина.

 

Горан Бојчевски го вбројуваат меѓу најдобрите кларинетисти во светот. Своето школување го започнува во Македонија, додипломските студии ги завршува во Љубљана, а постдипломските на Универзитетот „Моцартеум“ во Салзбург. Како солист успешно соработува со врвни музичари и институции ширум светот. Изумител е на музичкиот стил „балкан нуево“, кој се потпира на македонската традиционална музика, модернизирана со елементи од класичната и танго музиката.

 

Јан Север е еден од најпознатите словенечки пијанисти на својата генерација. Редовен гостин е на концертни циклуси и фестивали во Словенија, Германија, Португалија и Бразил. Постојан член е на триото Славко Остерц, чија специјалност е изведба на дела на словенечки композитори од 21-ви век. Добитник е на бројни награди на државни и меѓународни натпревари, меѓу кои и „Прешерновата награда“ во 2004 година, која претставува највисокото уметничко признание во Словенија.

 

Томаж Марчич своите дипломски и постдипломски студии по хармоника ги завршува во Германија, во класата на видни професори. Неговата концертна дејност се протега низ повеќе европски земји: Германија, Швајцарија, Франција, Хрватска, Австрија, Италија. Како солист и камерен музичар соработувал со значајни музичари и ансамбли за современа музика. Покрај хармониката, негова страст е и хорското диригирање.

 

Јошт Лампрет е словенечки контрабасист, кој во својата солистичка дејност ги впишува настапите со Оркестарот на словенечката филхармонија, Симфонискиот оркестар на РТВ Словенија, а соработувал и со Медитеранскиот младински оркестар. Моментално е на додипломски студии на Музичката академија во Љубљана.