Совршена вечер со двете пијана на „Охридско лето“ и уметниците Елзесер и Лечиќ
Двете пијана на „Охридско лето“ прозвучија совршено преку вештите раце на пијанистите Хајди Елзесер од Северна Македонија и Ненад Лечиќ од Србија.
Двајцата уметници соединети во клавирското дуо „Артворк“ вчеравечер одржаа концерт, приредувајќи незаборавна ноќ на публиката која ги наградуваше со громогласни аплаузи.
Пијанистката Хајди Елзесер концертира ширум светот како солист, но и како дел од различни камерни состави оставајќи силен печат преку својата интерпретација на дела од областа на класичната музика.
-Беше огромно задоволство, големо уживање да се свири оваа програма на „Охридско лето“, комбинацијата на класика од Моцарт, со француска музика и се разбира, македонска класична музика. Одлични инструменти, фантастична акустика, прекрасна публика што следеше со големо внимание. Сѐ беше инспиративно, рече Елзесер.
И маестро Ненад Лечиќ освен како солист настапува и како камерен музичар, а зад него стојат четири компакт-дискови со соло и камерен репертоар.
-Веќе долги години настапуваме како пијано дуо, со мала пауза во текот на последните месеци, и се трудиме да направиме интересна програма за публиката пред која настапуваме, истакна Лечиќ.
Двајцата врвни мајстори на пијаното отсвирија и две дела на македонски композитори, Сонатината за две пијана оп. 142 од Томислав Зографски и Четири става од циклусот „Стонога“ од Костадин Делиниколов.
-Последен пат Сонатината за две пијана на фестивалот е отсвирена во 2000 година од пијанистките Снежана Анастасова Чадиковска и Рита Трпчева. Ова беше убаво освежување на „Охридско лето“. Оваа сонатина, Зографски ја напишал многу рано и била помала, меѓутоа на неа се навратил последната година од својот живот. Дури неколку месеци пред неговата смрт е отпечатена од страна на професорот Јован Каровски. Јас го прашував Каровски дали има разлика од првичната верзија, но тој ми рече дека само „ја испеглал“. Не е изменета, туку е потсредена во негов стил. Оваа композиција станува се поомилена кај уметниците. Знам дека би бил среќен особено што се изведува на фестивалот „Охридско лето“ и во „Света Софија“, раскажа Панда Зографска, сопруга на истакнатиот македонски композитор Томислав Зографски.
Публиката на „Охридско лето“ синоќа уживаше во беспрекорната изведба и на дела од Цезар Франк, Волфганг Амадеус Моцарт, Морис Равел и Франсис Пуланк.