Со спектакуларен концерт на големата оперска дива Елена Мошук започна 58-то издание на фестивалот „Охридско лето“.
Фестивалската историја стана побогата со имињата на оперските ѕвезди, познатиот светски сопран Елена Мошук, тенорот Калин Братеску и диригентот Николае Молдовеану кои приредија спектакуларно отворање на 58-то издание на „Охридско лето“ на Античкиот театар во Охрид.
Грандиозниот настап на двете оперски ѕвезди под диригентската палка на маестро Николае Молдовеану, придружувани од оркестарот на Македонската филхармонија уште еднаш ја потврдија репутацијата на Мошук како еден од најразновидните и најекспресивните сопрани во светот, но и на уметникот Братеску, како еден од најбрилјантните тенори на денешницата. Публиката која го исполни големиот Амфитеатар уживаше во најпознатите и најпопуларните оперски арии од Џакомо Пучини, Чарлс Гуно, Пјетро Маскањи,Винченцо Белини и од Џузепе Верди. Како посебно изненадување оперската дива Мошук ја изведе композицијата „Македонско девојче“ со што ги воодушеви посетителите на Антички театар.
Прогласувајќи го за отворен фестивалот„Охридско лето“, Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов кој е покровител на најголемиот македонски културен бренд рече дека уметниците коишто ќе настапат на фестивалот, со себе ќе го донесат светот, а потоа, во светот ќе го понесат Охрид како македонско огледало на европската култура.
-Од денеска па натаму светот е во Охрид и Охрид е во светот. Музиката и уметноста секогаш му помагале на човекот и кога е слаб да биде силен, и кога е сиромашен да биде богат, и кога е во пранги да биде слободен, и кога е исплашен да се охрабри. Во тој јазик на вистината нема простор за лагата. Во тој јазик на љубовта, нема простор за омразата. Впрочем, и двете најпознати песни во историјата на светот се посветени токму на љубовта. Песната над песните, напишана од старозаветниот Соломон, и химната за љубовта составена од новозаветниот Павле, рече Претседателот Иванов.
Претседателот Иванов потсети на Жан Моне, еден од татковците на Европа, кој рекол дека ако Европа треба одново да се создава, тогаш треба да се започне со културата, со уметноста.
-Оваа мисла на Моне се однесува не само на Европа, туку и на сите геостратегии што се кројат во светските центри на моќ, особено имајќи предвид дека годинава се слават 70 години од Универзалната декларација на човековите права. А едно од тие права е и правото на учeство вo културата и уживање во уметноста, додаде покровителот на фестивалот „Охридско лето“, Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов.
На свеченото отворање на фестивалот „Охридско лето“ кој се одржува со финансиска поддршка на Министерството за култура, се обрати и министерот за култура Асаф Адеми кој кажа дека токму овој фестивал што постои 58 години, зборува на најуниверзалниот и најбожествениот јазик.
–Уметноста е универзалниот јазик на светот. Велат дека јазикот е измислен од човекот за да ги искаже своите чувства, но реално го употребува повеќе за да ги сокрие истите, да лаже, да убие.Само во јазикот на уметноста сé е искрено, чисто…божествено. Овој фестивал роден и израснат во ова цивилизациско огниште, во нашиот Охрид, 58 години зборува со најуниверзалниот јазик, најискрениот, најбожествениот, и ќе продолжи да живее многу подолго од другите јазици, кои ги прикриваат чувствата, истакна министерот Адеми.
Фестивалската уметничка порака годинава ја пренесе маестралниот македонски актер Никола Ристановски кој притоа нагласи дека уметноста нема да се предаде, зашто како што рече, таа е последната палуба каде што луѓето се заедно,а вонвременскиот Охрид е нејзиното приридно пристаниште.
-Уметноста е последната хумана интернационала.Нејзината палуба е последното место каде навистина сме заедно.На нејзиниот кораб се распнати едрата на убавината, дарбата, прозрачноста, слободата и едноставната верба.Верба на дете што некогаш само за миг ја прекинува својата детска игра за да откине парче леб од ноќвите, колку да не заборави на животот.На оној кој навистина се случува, подвлече актерот Никола Ристановски, пренесувајќи ја годинава уметничката порака на фестивалот „Охридско лето“, рече актерот Ристановски, пренесувајќи ја фестивалската порака.
По грандиозниот концерт на Мошук и Братеску, следуваше спектакуларен огномет над охридското небо, традиција која беше прекината повеќе години.
Приказната за успешната културна магија која постои веќе 58 години и ги достигнува највисоките врвови во музичката и драмската уметност во светски рамки, годинава ќе исплете во својата историја уште 40 фестивалски вечери исполнети со 46 настани на кои ќе настапат над 800 уметници од 27 земји од светот. Ќе настапат звучни имиња од светот на музиката, но и најдобрите театарски продукции со извонредни драмски проекти. Предвидени се и три изложби, ликовна, изложба на фотографии и на современ накит.