Средба со црногорската класична музика компонирана и изведена од гитаристите Булатовиќ и Никчевиќ
Црногорското дуо гитари, Срѓан Булатовиќ и Дарко Никчевиќ вчеравечер настапија во рамки на музичката програма на фестивалот „Охридско лето“ одржувајќи целовечерен концерт во црквата „Света Софија“.
Двајцата меѓународно признати гитаристи се претставија со нивни авторски дела создавани во изминатите три децении и издадени на носачи на звук.
-Изведовме композиции што ги компониравме ние двајца и кои ги изведуваме со децении во Европа и ширум светот. Дел од композициите се инспирирани од традиционалната музика на Црна Гора, а останатите се инспирирани од географијата на нашиот Балкан. На програмата беа неколку композиции што треба да излезат наредната година за нашиот трет компакт-диск, рече фламенко гитаристот Дарко Никчевиќ.
Според него, од настап на една гитара, подобри се изведбите со две гитари зашто како што кажа, тоа е меѓусебно надополнување и претставување на досегашните техники и искуства на двајца уметници.
-Ние веќе 30 години свириме заедно и ова наш четврти концерт во земјава, но никогаш во Охрид. Од една гитара, поубави се две гитари. Постојано се надополнуваме. Колегата Срѓан е доктор на класична гитара, јас сум фламенко гитарист и заеднички го применуваме сето она што го спознававме и стекнувавме со децении. Ги користиме сите искуства и техники што сме ги стекнале за да ја изразиме нашата музика на најдобар начин и да креираме автентичен израз како дуо гитари, смета Никчевиќ.
Црногорското дуо Булатовиќ-Никчевиќ годинава одбележува јубилејни три децении од првиот заеднички концерт.
-Годинава одбележуваме јубилеј, 30 години од нашиот прв заеднички концерт. Тоа е долг пат низ кој поминавме, каде наслушувавме што да правиме, каде да се движиме. Почнавме со изведба на туѓи дела од областа на класичната гитара и фламенко-гитарата, но потоа со синергијата и искуствата што ги имавме стекнато одделно, но и со храброста да нурнеме во некои други правци, дојдовме до нешто што денеска е најдрагоцено –сопствена музика. Ние сме најпрво автори, а потоа и изведувачи на сопствената музика, додаде Булатовиќ.
Музиката на ова дуо е спој на медитеранска убавина и мистичност на ориентот која ги однела двајцата уметници во најпрестижните светски концертни сали.
-Црногорскиот фолколор е нашето сидро. Тоа е земја од која заминуваме во светот и во која се враќаме, музиката која е во нашите гени и со која расневме. Сето тоа влијаеше да почнеме да пишуваме наша музика и еве, веќе десет години се претставуваме исклучиво со наша сопствена музика. Таа авторска музика не одведе насекаде во светот, двапати во прочуената њујоршка концертна сала Карнеги Хол и нѐ поврза со големиот издавач Наксус рекордс, истакна гитаристот Булатовиќ.
Во април 2022 година треба да излезе новиот компакт диск на црногорското дуо Булатовиќ-Никчевиќ со 14 нови нумери. Освен музиката по физички и електронски пат, ќе бидат понудени и нотни записи за сите композиции, така што, компоизициите на овие двајца црногорски уметници ќе бидат достапни за гитаристите кои сакаат да ја изведуваат нивната музика.