Ткаченко: Мојата порака до „Охридско лето“ е да ги продолжи ваквото ниво и квалитетот на програмата што ја нуди
Фестивалот „Охридско лето“ ја продолжи годинешната програма вчеравечер со концерт за виолина и пијано на украинските уметници, виолинистот Дима Ткаченко и пијанистот Роман Лопатински што се одржа во црквата „Света Софија“.
Изборот на потешките дела од класичната музика што ги изведоа Ткаченко и Лопатински, само потврди дека се работи за двајца уметници, кои иако млади, сепак се виртуози на своите инструменти. И двајцата првпат настапуваат на „Охридско лето“, но како што рекоа, добро се информирани дека станува збор за фестивал со огромно реноме кој ги негува високите уметничко-естетски вредности.
-На двајцата ни е прво учество на „Охридско лето“. Чувствувам огромен наплив на емоции, не само од настапот во „Света Софија“, туку и од сета таа убавина што нѐ опкружува. Многу сум благодарен на публиката зашто беше максимално сконцентрирана на она што ние го изведувавме. Со секој здив ја чувствуваме публиката и тоа е многу скапоцено за нас како уметници. Охрабрувачки е, што фестивалот, во ова чудно и застрачувачко време, и покрај пандемијата од ковид 19 не ја прекина програмата. Мојата порака до „Охридско лето“ е да ги продолжи ваквото ниво и квалитетот на програмата што ја нуди, изјави по завршувањето на концертот, виолинистот Ткаченко.
На репертоарот беа Соната за виолина и пијано бр. 11 од Лудвиг ван Бетовен, Соната за виолина и пијано бр. 3 од Јоханес Брамс, Интродукција и рондо капричиозо оп. 28 од Камиј сен-санс, а прекрасната вечер беше заокружена со композицијата Цигански напеви од Пабло де Сарасате.
Уметниците кои дојдоа од Украина за да настапат пред фестивалската публика, започнале да ги изучуваат своите инструменти уште на петгодишна возраст. Ткаченко и Лопатински се лауреати на голем број меѓународни натпревари, а настапуваат во светски познатите концертни сали.