„Разновидна екстраваганција во музичката кошница“ е насловена музичката програма на традиционалната Украинската вечер што ќе се одржи на „Охридско лето“, во црквата „Света Софија“ , денеска од 21 часот.
Ќе настапат Божена Корчинска на украинска надолжна флејта и Богдан Кожушко на хармоника.
Дуото Корчинска – Кожушко ќе изведат несекојдневна програма насловена како: „Разновидна екстраваганција во музичката кошница“. Тие се редок инструментален состав – украинската надолжна флејта и хармоника. Страсниот ентузијазам на музичарите за малку познатите ремек-дела од жанрот на музичките минијатури, виртуозната музика за флејта и свежиот звук на барокните хитови на хармониката ќе ги предизвика сетилата на слушателите пред сѐ поради спецификите на инструментите и изборот на програмата која хармонично ги обединува во себе делата на древните епохи и музиката на XX век.
Божена Корчинска е една од виртуозните изведувачи на надолжна флејта, наследничка на професионалната уметност на свирење на украинскиот кавал, основана од нејзиниот татко Мирослав Корчинскиј.
Коричинска соработува со мајсторите за оптимизирање на конструкцијата на инструментот, а исто така го проширува репертоарот и отвора нови можности на инструментот. Од 2000 година таа е организатор на Отворениот натпревар на кавалџии и блок флејтисти во Украина. Соработува со бројни ансамбли и солисти.
Дипломирала на Лавовската Национална музичка академија „М.Лисенко“, а исто така на Киевската Национална музичка академија „П.И. Чајковски” на катедрата за барокна музика. Побдник е на Меѓународниот натпревар на изведувачи на народни инструменти „Г. Хоткевич” во Харков, 1998 година.
Денес Божена Корчинска води сопствена класа на Лавовската Музична академија „М.Лисенко”. Божена Корчинска ја посветува својата активност на потврдувањето на украинскиот хроматичен кавал како уметнички, концертен инструмент, преку своето творештво и изведувањето на нејзините студенти, формирајќи го новиот стандард на звук на овој уникатен национален украински изум.
Во 2017 година ја одбрани докторската дисертација посветена на овој инструмент прва од ваков вид во историјата.
Богдан Кожушко студира на Националната музичка академија „М. Лисенко“ во Лавов во класата по хармоника на проф. Јарослав Олекскив. Во 2018 година започнува да учи и оргули во „Халациана школа Канторум“. Учесник е на бројни натпревари и фестивали и се закитува со награди на повеќе од нив како: прва и втора награда на натпреварот „Провесин“ во Кривоград, Украина, втора награда на Интернационалниот натпревар во Ланчано, Италија, прва награда на интернет натпреварот во Белград, прва награда на меѓународниот натпревар „Перпетум мобиле“ во Дрохобич, Украина и др.
Учествува на семинари кај чембалиската Даниела Долчи во Швајцарија, кај полскиот чембалист и оргулист Марек Топоровски во Полска, кај познатиот полски хармоникаш Клаудиуш Баран итн. Нстапува како солист во Украина, но и надвор од неа во Полска, Германија и Литванија. Соработува со повеќе ансамбли во Украина и настапува на бројни фестивал во родната земја и во странство.