Улуџан: Заглавени сме во тешки времиња, но музиката мора да продолжи и да се споделува меѓу луѓето
Спој на младост и виртуозност, како и разнолика програма на реперотарот на фестивалот „Охридско лето“ приредија вчеравечер турските уметници, виолинистот Озџан Улуџан и пијанистката Бирсен Улуџан кои одржаа концерт што долго ќе се памети.
Освен публиката која ги награди со бурни ракоплескања, а по завршувањето на концертот, двапати ги врати на сцената, во амбиентот на акустичната „Света Софија“ ужуваа и самите уметници кои, како што велат, првпат се во Македонија.
Пијанистката Бирсен раскажа дека поминале низа турбулентни мигови на незивесност пред да настапат на „Охридско лето“ и се изненадени што се првите уметници кои во екот на пандемијата од ковид-19 ја напуштиле Турција за да настапат пред македонската публика во Охрид.
-Концертот беше полн со изненадувања бидејќи првпат доаѓаме во Македонија и многу пати ни ги променаа авионските карти, потоа ни се откажаа летовите, па менувавме летови и тајминг, но сепак стигнавме. Сѐ беше многу добро организирано за настапот. Мислам дека ние сме првите уметници што излегоа од Турција за време на оваа пандемија за да настапат на фестивал, рече Бирсен.
Турските уметници доловија дела од различни композитори во кои уживаше публиката која, исто како и организаторите, максимално ги почитуваше здравствените протоколи за одржување вакви настани.
-Свиревме различни стилови, многу разнобојна презентација. Започнавме со Соната за виолина и пијано е-мол од Моцарт, ја донесовме Свитата за виолина и пијано „Демет“ од турскиот композитор А.Аднан Сајгун, преку дело на Дебиси, за да завршиме со Соната за виолина и пијано од Штраус чии дела се големи и многу театрални, како опера, додаде пијанистката.
Еден од двата биса на вечерта, младите уметници го посветија на големиот македонски композитор Томислав Зографски, изведувајќи ја неговата Свита за виолина и пијано.
-Заглавени сме во тешки времиња, но музиката мора да продолжи и да се споделува меѓу луѓето. Поради актуелната здравствена ситуација, повеќето концерти се одржуваат од дома и се емитуваат на малите екрани, но „Охридско лето“ е еден од ретките фестивали во светот што годинава и покрај наметнатата здравствена криза, успешно ја продолжи својата долгогодишна традиција. Задоволен сум и од организаторите, и од публиката, изјави виолинистот Озџан Улуџан.
Двајцата турски уметници кои инаку се родени во Бугарија, иако млади, зад себе имаат богата музичка кариера, настапувајќи со најреномираните европски камерни оркестри, како и со звучни имиња од светот на класичната музика. Освен како солисти и камерни музичари, братот и сестрата Улуџан се истакнати педагози во својата област.