Фестивалската програма на „Охридско лето“ продолжува вечерва со настап на еден од најдобрите виолончелисти на денешницата Александар Књазев. Концертот со дела од Јохан Себастијан Бах ќе се одржи во црквата „Света Софија“ во стандардниот фестивалски термин, 21 часот.
Лауреатот на бројни интернационални натпревари, Русинот Александар Књазев е еден од најдобрите виолончелисти на денешницата. Неговите настапи низ светот постојано добиваат одобрувања од публиката и критиката. Роден е во Москва каде и го започнува изучувањето на инструментот виолончело на шестгодишна возраст под менторство на Александар Федорченко. Дипломира на Конзерваториумот во Москва во 1986 година, а потоа своите студии ги продолжува на Конзерваториумот во Нижни-Новгород, каде пет години подоцна дипломира на одделот по оргули во класата на познатата Галина Козлова.
Соработувал со извонредни диригенти – Евгени Светланов, Јури Темирканов, Мстислав Ростропович, Владимир Федосејев, Јури Башмет, Максим Шостакович и Ними Јарви. На полето на камерната музика негови партнери биле познатите руски имиња – виолинистот Вадим Репин, пијанистот Николај Лугански, виолинистот Виктор Третјаков, пијанистот Борис Березовски и многу други изведувачи од целиот свет.
Покрај изведувачката дејност, Књазев се занимава и со образовна дејност. Имено, тој е професор на Конзерваториумот во Москва, а редовно одржува и мајсторски-курсеви во Европа и Азија. Неговата дискографија вклучува снимки со Борис Березовски, Дмитри Мактин, Николај Лугански, Филхармонискиот оркестар на Санкт Петерсбург, изведувајќи ги притоа некои од најзначајните дела од литературата наменета за виолончело од композиторите: Јохан Себастијан – Бах, Едвард Елгар, Сергеј Рахманинов, Фредерик Шопен и др.