Традиционалната вечер на фестивалот „Охридско лето“ синоќа донесе концерт на финскиот пијанист Оли Мустонен.
Публиката во црквата „Света Софија“ уживаше во звуците од пијаното со кое беспрекорно владееше познатиот пијанист Мустонен преку Сонатата за пијано во А-дур од Лудвиг ван Бетовен, Шесте мазурки на Фредерик Шопен, Сонатината во фис-мол од Јан Сибелиус, Сонатата за пијано бр. 7 Б-дур од Сергеј Прокофјев, како и Соната за пијано „Јехкин ливана“ напишана од самиот пијанист кој со своето музицирање ја воодушеви публиката, но и преку извонредниот настап и‘ ги пренесе и своите впечатоци од фестивалот „Охридско лето“ каде настапува првпат и од градот.
-Воодушевен сум од Охрид и од езерото кое е вистински рај. Исто така ме фасцинира и црквата каде што настапив.Вечерта ја започнав со соната од Бетовен и моментално сум на средина од свирење на сите негови сонати.Исто така застапени беа и фински композитори. Репертоарот е правен специјално за мојот настап на „Охридско лето“, вели пијанистот Мустонен.
Вечерта на Европската унија се одржува традиционално на фестивалот „Охридско лето“ под покровителство на Амбасадата на Европската унија во Република Северна Македонија. Вчерашниот концерт го следеше и Амбасадорот на ЕУ во Република Северна Македонија, Самуел Жбогар кој како добар домаќин ја пречекуваше публиката на влезот од црквата.
– Морам да кажам дека „Охридско лето“ е прекрасен фестивал со многу долга традиција.Им носи радост на охриѓани, но се разбира и на туристите. Квалитетот на фестивалската програма е одличен и горди сме што секоја година сме дел од „Охридско лето“. Годинава, бидејќи Финска го презеде претседавањето со Европската унија, во оваа величенствена црква донесовме одличен фински пијанист, изјави евроамбасадорот Жбогар.
Оли Мустонен во светот е познат по неговите врвни интерпретации на пијаното, а во родната Финска е многу ценет како композитор.