Во знакот на основоположникот на Охридско лето, оперската примадона Ана Липша Тофовиќ, вечерва со почеток во 21 часот ќе започне годинешново јубилејно 60-то издание на фестивалот Охридско лето.
Сцената на Античкиот театар ќе блесне со концертот на арии насловен како ,,Вокални бисери – по стапките на Ана Липша,, во изведба на светски познатите солисти, Марија Јелиќ – сопран од Србија, Дарио Ди Виетри – тенор од Италија, Иван Томашев – бас од Србија и Аманда Стојовиќ – мецосопран од Црна Гора, а во пијано придружба на Миливое Велиќ.
Солистите ќе изведат арии кои претставуваат бисери од литературата и се предизвик за секој пејач во неговиот вокален фах. Публиката ќе ужива во популарната „Несун дорма“ од Турандот, аријата на Лаурета од „Џани Скики“ – „О мио бамбино каро“, како и во арии од оперите „Кармен“, „Тоска“, „Мадам Батерфлај“, „Магбет“ и други.
-Традицијата на гламурот на Свеченото отворање, најголемите ѕвезди да настапат на Античкиот театар ја продолжуваме и годинава. Овој грандиозен проект на Антички на 4-ти август, датум кога се слави и роденденот на Фестивалот, ќе биде во знакот на првенката на македонската Опера, Ана Липша Тофовиќ која во далечната 1961 год. ја создаде магијата наречена Охридско лето, вели директорката на Охридско лето Наташа Поповиќ .
Изразувајќи огромна почит кон Ана Липша Тофовиќ, Поповиќ истакна дека фестивалот знае да ги препознае и вреднува заслугите на сите кои оставиле свој белег на фестивалската сцена и се заслужни за успесите на Фестивалот.
На отворените сцени, Антички театар, Долни Сарај, Предворје „Св Софија“, како и Црквата „Св Софија“ од 4 до 30 август ќе настапат околу 300 уметници од 19 земји.