Во црквата „Света Софија“ синоќа се одржа концерт во рамките на проектот „Подиум на млади“ на „Охридско лето“.Пред фестивалската публика настапија младите уметници, обоистот Андреј Петрески од Република Северна Македонија и пијанистот Александар Хаџиевски од Република Србија.
Двајцата настапуваат првпат на фестивалот изведувајќи ги Сонатата за обоа и пијано од Франсис Пуланк и Концертната пиеса за обоа од германскиот композитор Риец.
-„Охридско лето “ е голема промоција за младите музичари. Тие не добивааат многу можности да свират, но „Охридско лето“ го прави тоа, да настапувааат и како солисти и како камерни музичари, рече обоистот Петрески.
И пијанистот Хаџиевски кој има и македонско потекло, отсекогаш сонувал да концертира на престижниот фестивал во Охрид, а особено откако го проследил концертот на „Охридско лето“ на големиот руски пијанист Николај Лугански.
– Мојот татко потекнува од струшкиот крај и уште како дете доаѓав овде и сонував дека еден ден ќе настапам и јас на фестивалот. Бев пресреќен кога ја добив поканата да учествувам бев пресреќен, вели Хаџиевски.
Андреј Петрески е роден 1997 во Скопје, С. Македонија каде го завршува своето нижо и средно музичко образование во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј” во класата на проф. Надица Ристиќ. Во текот на образованието учествува на повеќе државни и меѓународни натпревари на кои се стекнува со многубројни награди. Исто така е дел од повеќе проекти, еден од нив е: „Младинскиот супер оркестар” со кој настапува во Љубљана, Белград и Скопје каде учествуваат млади музичари од истите градови.
Во 2015 година се запишува на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје во класата на проф. Гордана Јосифова – Неделковска. Дел е од дувачкиот квинтет при ФМУ со кој остваруваат значајни настапи како и целовечерни концерти. Има настапи со камерениот оркестар „Саша Николовски – Ѓумар” при музичката младина на Македонија. Соработува со Македонската Опера и Балет, Црногорски симфониски оркестар како и Македонска филхармонија. По неговото дипломирање на ФМУ во 2019 има соработка со Сараевската Филхармонија во Босна и Херцеговина, каде од 2020 година официјално ја има позицијата прва обоа.
Александар Хаџиевски е српски пијанист и композитор роден во Белград во 1998 година. Основното и средно образование ги завршува во музичкото училиште „Јосип Славенски“ во Белград во класата на проф. Милена Јосифовиќ, а за време на школувањето е добитник на повеќе награди меѓу кои и втора награда на Државниот натпревар во Србија. Учествува на бројни мајсторски курсеви, а дел е од хуманитарниот проект „Музика за мир“. Пред да замине да се школува во странство, Александар е поканет да учествува на натпреварот „Џорџ Гершвин“ во Њујорк каде освојува трето место во категоријата за млади уметници. Како резултат на оваа награда, настапува со рецитали во САД, а дебитира на Академијата за наука и уметности во Белград во 2019 година. Александар во периодот 2018-2020 студира пијано и интерпретација на Менхетен школата за музика во класата на проф. Нина Светланова, а во моментот е запишан на трета година студии на Школата за музика „Манес“ исто така во Њујорк во класата на проф. Владимир Ваљаревиќ.
Вечерва „Подиумот на млади“ на „Охридско лето“ од 20 часот во црквата „Света Софија“ ќе донесе концерт на хармоникашот Филип Петрески и пијанистот Виктор Рафајловски.