На програмата на Охридско лето вечерва со почеток од 21 часот е концертот на косовскиот гитарист Петрит Чеку. Концертот ќе се одржи на сцената во Предворјето на црквата „Света Софија” На програмата се дела за гитара на Бах, Моцарт, Бетовен, Листеш.
Специфичниот сензибилитет и експресивност на Петрит Чеку се главните карактеристики кои ја привлекуваат публиката на неговите концерти насекаде низ светот. Настапува како солист на рецитали, но и со Симфонискиот оркестар на Балтимор, Чешката камерна филхармонија, Филхармонијата на градот Даежон, Државниот оркестар Ермитаж од Санкт Петербург, Филхармонијата „Панон“ и Загрепската филхармонија. Редовно настапува со гудачкиот ансамбл „Загрепски солисти“ и е основач на Триото гитари „Елогио“.
Критичарот Колин Купер го нарекува Чеку „солист со највисоки перформанси“, квалитет кој му носи победи на многу интернационални натпревари за гитара меѓу кои најпрестижни се секако натпреварот „Паркенинг“ во Малибу, САД, „Шадт“ (Алентаун, САД), „Биазини“ и „Питалуга“ во Италија.
