Aдриатик пијано квинтет
„Квинетето Адриатико“
Ансамблот „Квинтето Адриатико“ е нов проект на италијанскиот пијанист Федерико Ловато, хрватската виолончелистка Латица Аниќ и Хрватско-македонскиот контрабасист и долгогодишен соработник на фестивалот „Охридско лето“, Илин -Диме Димовски. Квинтетот е плод на повеќе од 20 годишната соработка на Ловато и Димовски кои преку нивното учество и соработка во оркестарот на Фондацијата „Сан Марко“, како и гудачкиот оркестар „Солисти ин Вила“ во Портогруаро (Италија) настапуваат на фестивалот „Санта Чечилија“ во музички партнерства со бројни познати музичари. Во постојана потрага по нови предизвици и квалитетно заедничко музицирање тие ја контактираат фантастичната виолончелистка Латица Аниќ која гради интернационална кариера како солист и педагог на академијата во Лихтенштајн, како и македонската виолинистка Фросина Богдановска која е концерт-мајстор на оркестарот во Клагенфурт. Заедно, таа и Димовски се долгогодишни соработници во меѓународни ансамбли како оркестарот „No Borders” и „Ингац Фукс“ ансамблот. Последен член на квинтетот е талентираната виолистка Дагмар Корбар, победничка на годинашниот натпревар „Папандопуло“, водач на секцијата виоли во Холандската филхармонија и асистент професор на музичката академија во Загреб. На овој концерт како гостин им се придружува и македонската пијанистка која живее и работи во САД- Јана Павловска Молц.
Фросина Богданоска-виолина
Фросина Богданоска е родена во 1986 година во Велес, Македонија во уметничко семејство под чија закрила ги прави првите чекори и успеси со свирењето на виолина. Во текот на школувањето освојува бројни награди на натпревари за млади виолинисти а воедно и повеќе пати настапува како солист со Македонската филхармонија, Младинскиот оркестар на Централно Европската Иницијатива ЦЕИ, како и со други камерни ансамбли. Во 2001г. се запишува на Националниот музички конзерваториум во Тулуз, Франција, во класата на проф. Благоја Димчевски, кај кого посетува и повеќе семинари. Дипломски и постдипломски студии завршува на Факултетот за музичка уметност во Скопје со највисока оцена CUM LAUDE, во класата на проф. Љубиша Кировски. Во 2010г. добива стипендија и понуда за постдипломски студии на Кралската Академија во Лондон, а во 2012г. запишува специјализација на Универзитетот за музика и изведувачки уметности во Виена, во класата на проф. Антон Сороков. Настапувала во Германија, Австрија, Турција, Словенија, САД. До 2018 беше член на Симфонискиот оркестар на Австриското радио РСО ОРФ Виена, а потоа станува член на Каринтискиот симфониски оркестар во кој од 2021 година е прв концерт мајстор. Свири на виолина изработена од нејзиниот татко Светозар Богданоски.
Дагмар Корбар-виола
Родена во 1999 година во Загреб, Дагмар Корбар започнува да свири виола на пет годишна возраст, станувајќи најмлад виолист во Хрватска. Во 2013 година започнува да студира на Музичката академија во Загреб во класата на Милан Чунко. Во септември 2022 завршува магистерски студии на Конзерваториумот во Амстердам каде студира со Марјолеин Диспа и Нобуко Имаи. Во 2021 е назначена за водач на виолите на Холандската филхармонија. Дагмар учествува на бројни семинари предводени од Бруно Гиурана, Табеа Цимерман, Гилад Карни, Томас Риебл и Мигел да Силва. Исто така, таа е носител на стипендија на Меѓународната музичка академија во Лихтенштајн каде учествува во интензивни курсеви и надградба. За време на студиите е добитник на бројни награди и признанија, а во февруари оваа година е победник на натпреварот „Папапндопуло“ во Загреб, а во 2019 година ја освојува и првата награда на Државниот натпревар за виолисти во Холандија. За своите достигнувања за време на студиите е наградена со Ректорско признание. Членка е на ансамблот „Есперанца“ кој го сочинуваат стипендирани млади уметници од Академијата во Лихтенштајн. Како камерен музичар поканета е да учествува на фестивали во Швајцарија, Германија, Холандија и Хрватска. Во 2018 година дебитира со Загрепската филхармонија изведувајќи го Концертот за виола од Волтон.
Латица Аниќ-виолончело
Латица Аниќ (1994) започнува да учи виолончело кај Миховил Каруза на 7 годишна возраст. Редовно учествува на семинарите на Валтер Дешпаљ организирани од фондацијата „Музика и млади“ во Лихтенштајн, а посетува и мајсторски курсеви со Миклош Перењи, Жером Перно, Ласло Фењо, Јенс Петер Мајнц и др. Од 2010 година студира во класата на В. Дешпаљ во Загреб и на Интернационалната музичка академија во Лихтенштајн. Во 2014/15 година е дел од класата на Ласло Фењо во Карлсруе, а последните години работи со Рафаел Мерлин од квартетот „Ебене“ на конзерваториумот Булоњ-Биланкор во Париз, а соработува и со познатиот француски педагог Мишел Штраус. Свири на инструмент изработен од Жан-Баптист Вијом во 1860 година кој и е позајмен од фондацијата „Рајнланд Пфалц“ од Германија. Лауреат е на повеќе државни и меѓународни натпревари, а неодамна победува на натпреварот во Лиезен (Австрија) како и на „Борис Папандопуло“ во Загреб. Латица Аниќ настапува како солист со Камерниот оркестар на Штутгарт, Филхармонијата во Плевен, Загрепската филхармонија, Симфонискиот оркестар на ХРТ, Загрепските солисти и Сплитскиот камерен оркестар. На камерната сцена соработува со музичарите од квартетот „Ебене“, со кларинетистката Ширли Бриланд, пијанистите Матиас Киршенрајт, Шани Дилука и Џонатан Анер. Со рецитали настапува во Австрија, Германија, Франција, Португалија, Лихтенштајн и Швајцарија, а настапува и на бројни меѓународни фестивали.
Илин-Диме Димовски- контрабас
Илин-Диме Димовски е постојано вработен во Загрепската филхармонија, а редовно настапува како заменик-водач на групата контрабаси со Симфонискиот оркестар на хрватското радио, како и водач на контрабасите на Храватскиот камерен оркестар и Камерниот оркестар „Феручио Бузони“ во Трст. Основач е и водач на секцијата на реномираниот „Ноу бордерс“ оркестар, како и на гудачкиот ансамбл „Солисти и Вила“и оркестарот на фондацијата „Сан Марко“. Димовски студирал со Ринат Ирагимов на школата за музика „Гилхол“ во Лондон, со Стефано Шаша на Конзерваториумот „Џузепе Тартини“ во Трст, и добитник е на стипендија од Академијата „Моцарт“ во Болоња да работи со професорите: Алоиз Пош, Енрико Бронзи, Сергеј Крилов и Александар Лонквич. Настапува на бројни фестивали во светот и е дел од повеќе аудио изданија за Дојче Грамофон, Јуниверзал рекордс, Парма рекордингс, Наксос, Реинбоу класикс и Амадеус рекордс. Од 2018 година тој е предавач по контрабас и камерна музика на меѓународната летна школа на Музичката младина во Грожњан, Хрватска.
Федерико Ловато-пијано
Федерико Ловато е роден во 1976 година и учел пијано со неговиот татко Џорџо и со Ецио Мабила, дипломирајќи со почести од конзерваториумот „Бенедето Марчело“ во Венеција во 1995 година, каде исто така дипломира и виолончело две години подоцна. Има два магистериума од академиите во Портогаро и Имола, а студира камерна музика со Б. Гринхаус, М. Флаксман и „Трио ди Парма“. Федерико Ловато е добитник на бројни награди и признанија (Таранто, Алберга, Венеција, Сангџемини, Пјаченца, Монополи, Порденоне, Трст, Сибиу), а концертната кариера како пијанист го носи во Франција, Словенија, Хрватска, Полска, Германија и секако во неговата родна Италија. Настапува со Хрватскиот национален оркестар, камерните оркестри на Падова и Венето, Симфонискиот оркестар во Абруцо, „Естро Армонико“, Словенечкиот РТВ оркестар, Загрепската филхармонија, оркестарот на театарот „Ла Фениче“, Филхармонијата на Сибиу и оркестарот „Сан Марко“ во Порденоне. Како камерен музичар настапува со хорнистот Џ. Пеларин со кој снима албум со француски репертоар за хорна и пијано и е еден од основачите на ансамблот „Оптер“. Свири дуо и со хрватската виолончелистка J. Очиќ со која настапува во Италија, Германија, САД, Полска и Хрватска. Дел е од квартетот „Архипелаг“ (две пијана и два перкусионисти) и предава на Конзерваториумот „Ј. Томадини“ во Удине како и во повеќе школи во регионите Венето и Фриули.
Јана Павловска-Молц-пијано
Јана Павловска Молц е родена во Скопје, а учи пијано кај професорите Рита Поповиќ, Катерина Кетковиќ-Фидановска и Тодор Светиев. По дипломирањето на одделот по пијано на ФМУ-Скопје како првенец на својата генерација, таа го продолжува своето образование на одделот по магистерски студии по пијано на Колеџот за изведувачки уметниости во Чикаго, каде студира во класата на проф. Винстон Чои. По дипломирањето таа го продолжува образовнието и стекнува Артист диплома од истата институција, во класата на проф. Људмила Лазар. Во моментот Јана е во тек на своите докторски студии по пијано и литература на Универзитетот во Илиноис при Урбана -Шампејн во класата на порф. Вилијам Хајлес. Истовремено е вонреден професор по пијано на Колеџот за изведувачки уметности во Чикаго. Павловска Молц е добитничка на многубројни награди на домашни и интернационални натпревари (Италија, Германија), избрана е за најдобар студент во 2012 и 2014 година на Колеџот за изведувачки уметности во Чикаго, и е трикратен победник на годишниот натпревар по пијано на истиот колеџ. Во 2012 година е избрана да настапи на престижниот Фестивал „Гилмор“ каде исто така работи со познатиот пијанист Емануел Акс. Јана настапува во Македонија, но и на сцените во Бугарија, Италија, Франција, Велика Британија, Хрватска, Србија, Црна Гора, Германија и САД. Вклучена е во серијата рецитали на Пијанофорте студијата во Чикаго кој е во живо пренесуван на радио на најголемата музичка станица во овој град.