Aвстриска вечер; Квартет Арпеџо – Виена
Квартет Арпеџо – Виена
Леонард Фурда- прва виолина
Роден во Клуж-Напока во Романија, Леонард Фурда е докажан виолинист и член на Виенскиот камерен оркестар. Виолина започнува да учи во родниот град каде на бројни натпревари освојува први награди. Образованието го продолжува на Универзитетот во Виена од каде излегува како зрел музичар. Негова основна пасија е живата изведба, како солист или во дуо со пијано. Настапува во престижни концертни сали како „Атенеум“ во Букурешт и Филхармонијата во Минхен. Комбинирајќи виртуозна техника и експресивна интерпретација, Леонард ја освојува публиката ширум светот настапувајќи со Виенскиот камерен оркестар но и со други ансамбли.
Јохана Лакроа- втора виолина
Јохана Лакроа е слободен уметник од Виена. Нејзините ангажмани ги вклучуваат: Камерната опера во Виена, барокните ансамбли како „Бах Консорт“- Виена, „Ле Талан Лирик“, Оркестарот на Виенската академија, „Оркестар 1756“, Ансамблот „Матеус“, Ансамблот „Клаудиана“, а исто така, настапува и во различни камерни формации. За време на нејзините студии на Универзитетот во Грац во класата на Естер Хафнер, таа се фокусира на современа и барокна музика, дополнувајќи ги студиите со посета на семинари во Клангфорум Виена, Ансамблот „Решерше“, Фрајбуршкиот барокен оркестар и др. Од 2014 година е дел од серијата концерти водени од „Амбитус“, група посветена на современата музика, а истовремено настапува и во разни интердисциплинарни проекти како солист и камерен музичар. Од 2017 година Лакроа заедно со Чанда Вандер Харт е уметнички диркетор на „Тејлспин-музички бајки за млади и стари“, и е ко-автор на книгата и ЦД „Мајмунот кој си ја бараше бељата“. Книгата е промовирана во виенскиот „Музикферајн“ пред распродаден аудиториум. Во 2022 година ова дуо ја издава и аудио книгата „Моргиана и 40-те разбојници“.
Ентони Гилберт-виола
Ентони Гилберт е виолист од Мемфис, Тенеси. Од 2020 година живее во Виена и редовно настапува како член на Виенскиот камерен оркестар. Во периодот од 2016-2020 година е заменик – водач на групата виоли во Филхармонискиот оркестар на Малта. Како камерен музичар, Ентони настапувал со Ансамблот „Призм“ во Мемфис и бил предавач на летната школа на истоимениот фестивал. Во периодот од 2007-2011 година бил извршен директор на ансамблот „Ероика“. Ентони студирал на колеџот „Оберлин“, а магистерските студии во 2003 година ги завршува на Колеџот за изведувачки уметности во Чикаго.
Мара Ахлајтнер- виолончело
Мара Ахлајтнер е родена во Пало Алто, Калифорнија, а живее во Виена од 2003 година. Откако три години настапува во оркестарот на ОРФ (Радио Виена), Мара започнува соработка со ансамблот „Лукс“, квартет од Виена кој е посветен на изведба на дела од современи автори. Како водач на групата виолончела, Мара настапувала на турнеи во Јапонија и во Европа со Оркестарот на виенскиот бал, а редовно настапува со Виенскиот камерен оркестар и Ансамблот „Контрапункт“ во престижните Музикферајн и Концертхаус во Виена. Таа е водач на групата виолончела на „Биг Ајланд“ оркстар кој е специјализиран за снимање на музика за филм и мултимедија.
Тина Жердин-харфа
Словенечката харфистка Тина Жердин ги завршува студиите по харфа на Универзитетот во Виена со голем успех. Актуелно е харфистка на оркестарот на Виенската академија, на Виенскиот камерен оркестар како на Австро-унгарската „Хајдн Филхармонија“ и на оркестарот „Синхрон“. Често е ангажирана и во Виенската опера како и во други виенски оркестри. Како солист и камерен музичар Тина Жердин е активна најмногу во Австрија и Словенија, но и во други земји во Европа и Азија. Изведува современа музика со ансамблите „Клангфорум“, „Реконсил“, „Контрапункт“, а од 2017 године е членка на квартетот „Ерборн екстендед“. Амбасадор е на словенечката современа музика и е вклучена на бројни аудио изданија. Од 2024 година е менаџер на Словенечкиот културен центар „Коротан“ во Виена.