Дуо гитари, Црна Гора
Горан Кривокапиќ
Данијел Церовиќ
Црногорското дуо гитари го сочинуваат маестралните гитаристи Горан Кривокапиќ и Данијел Церовиќ. Тие заедно настапуваат на престижни фестивали и во познати концертни сали низ целиот свет меѓу кои Филхармонијата во Санкт Петербург, салата „Мануел де Фаља“ во Мадрид и „Концертгебау“ во Амстердам. Организаторите на гитарските фестивали во Кобленц, Гранада, Котор, фестивалот „А Темпо“, интернационалните гитарски фестивали во Кинлинг, Шенјанг и Даежон постојано ги ангажираат не само за настапи со рецитали туку и за предавања, мајсторски курсеви, како и за да бидат членови на жири на бројни значајни меѓународни натпревари за гитара. Дуото има широк репертоар кој се состои од транскрипции на „стара“ музика и оригинални композиции од XIX, XX и XXI, со особен акцент на современа музика за две гитари. Нивната образовна мисија ги води во Универзитетите во Монтреал и Торонто, Унверзитетите „Чапман“ и „Метрополитен“ во САД, конзерваториумот во Мастрихт, како и во повеќе образовни институции во Кина. Првото ЦД на ова дуо е издадено во 2013 година во Црна Гора и содржи дела од Доменикони, Пјацола и Богдановиќ. Во 2015 година, издавачката куќа „Наксос“ го издава првото од серијата на ЦД-а посветени на Англиските свити на Ј. С. Бах во оригинални транскрипции на Церовиќ и Кривокапиќ, додека пак во 2018 следи и второто ЦД со кое се комплетира целиот опус на овие свити од Бах и истото добива одлични критики поради историската автентичност на изведбата и спецификите на транскрипциите.
Горан Кривокапиќ од списанието „Акустична гитара“ во Германија е оценет како „неверојатно виртуозен гитарист со особена изведувачка зрелост“, додека пак во магазинот „Класична гитара“ пишуваат дека „поседува огромен талент и е комплетен уметник“.
Кривокапиќ е победник на деветнаесет натпревари за гитара. Тој настапува низ цела Европа како и во Северна и Јужна Америка, Азија, Африка и Русија, на значајни фестивали и во големи концертни сали. Особено посветен на едукативната мисија- Кривокапиќ одржува мајсторски курсеви и предавања низ целиот свет. Неговите академски позиции во минатото ги вклучуваат професорското место на Интернационалната академија за гитара во Кобленц, Институтот „Леменс“ и конзерваториумот „Принц Клаус“, додека денес предава на Универзитетот во Детмолд и на Универзитетот за музика во Келн.
Данијел Церовиќ е солист и педагог кој живее и работи во Црна Гора. Неговата кариера вклучува солистички и камерни настапи, а исто така и бројни мајсторски курсеви, предавања посветени на транскрипциите на делата на Бах, како и членувања во бројни жири комисии на меѓународни натпревари во Европа, САД, Канада, Кина и Кореја. Од 2003 година Церовиќ предава гитара и камерна музика на Музичката академија во Цетиње, и е гостин предавач на Академијата во Сараево. Тој е еден од основачите на Меѓународниот гитарски фестивал и натпревар во Никшиќ и член е на управниот одбор на Музичкиот центар на Црна Гора и на Црногорскиот симфониски оркестар.
Програма:
Ј. С. Бах /арж. Црногорско гитарско дуо: Англиска свита бр. 6 во d-moll BWV 811
Prelude
Allemande
Courante
Sarabande
Double
Gavotte I
Gavotte II
Gigue
А. Пјацола/ арж. Серџо Асад: Суита Троилеана
Bandoneon
Whisky
Zita
Escolaso
М. Де Фаља: Danza del Molinero
Danza Ritual del Fuego