Грчка вечер – Данае Доркен – пијано

Германската пијанистка со грчко потекло Данае Доркен е една од најбараните уметници на нејзината генерација, позната по нејзината неверојатна техника, фантастична сценичност и длабочина на музичката мисла.

На само седумгодишна возраст, Данае Доркен веќе била поддржувана од познатиот Јехуди Мењухин и уште тогаш ги освојува симпатиите на публиката со „нејзиното уживање во интерпретирањето на музиката“. По студиите со Карл-Хајнц Кемерлинг и со познатиот солист и педагог Ларс Вогт, започнува нејзината кариера и денес таа редовно гостува со водечките европски оркестри, меѓу кои: Камерниот оркестар на Париз, Симфонискиот оркестар во Дизелдорф, Германскиот симфониски оркестар, Оркестарот на Комичната опера во Берлин, Филхармонијата во Баден-Баден, оркестрите во Прага и Хелсинборг, Нордискиот камерен оркестар, Симфонискиот оркестар од Њукасл, Естонскиот национален оркестар, како и оркестрите во Нирнберг и Вајмар.  Остварува настапи во Лондонскиот „Вигмор хол“, Филхармонијата во Париз, „Концертхаус“ во Виена, „Моцартеум“ во Салцбург, „Тонхале“ во Цирих, „Бозар“ во Брисел, „Брукнерхаус“ во Линц, „Концертхаус“ во Берлин, операта во Франкфурт, салата „Мегарон“ во Атина, Филхармонијата во Келн, како и „Бетовенхаус“ во Бон.  Редовно е присутна на меѓународните, како и на фестивалските сцени во Германија. Нејзината сезона 2024/2025 е исполнета со значајни настапи како оној во центарот „Линколн“ во Њујорк со нејзиниот долгогодишен партнер за камерна музика, кларинетистот Себастијан Манц, потоа настапува со Оркестарот на Комичната опера во Берлин под диригентската палка на Џејмс Гафиган. Заедно со нејзината сестра Кивели ќе настапуваат како дуо пијано на повеќе концерти. Во декември 2024 година беше издаден нејзиниот албум „Глас два“ кој е проект со вибрафонистот и композитор Паскал Шумахер, а концертната промоција на албумот ќе биде претставена и во престижната сала на Елбфилхармонијата во Хамбург, како и во други концертни сали.

По повод 100-годишнината од раѓањето на грчкиот композитор Микис Теодоракис која се одбележува во 2025 година, Данае Доркен ќе издаде албум со делата за пијано од овој композитор. Минатата година, исто така, беа промовирани неколку албуми – „Аполо и Дионисиј“ издаден за „Берлин класикс“ како дуо со нејзината сестра и три албуми со францускиот обоист Филип Тондре за издавачката куќа „Кларте“. Нејзиниот најзначаен аудиопроект, снимката на Моцартовиот концерт бр. 21 и ретко изведуваниот Втор концерт за пијано и оркестар од Феликс Менделсон под диригентство на Ларс Вогт и со Симфонискиот оркестар од Њукасл се здобива со одлични критики, додека пак соло албумот „Одисеја“ е номиниран за повеќе значајни меѓународни награди.

Данае и Кивели Доркен заеднички го основаат меѓународниот музички фестивал „Моливос“ на островот Лезбос во 2015 година на кој настапуваат бројни интернационални музички имиња како Себастијан Манц, Марлис Петерсен, Линус Рот, Максимилијан Хорнунг, а истовремено тие се посветени на добротворната работа со бегалци, промовирањето на грчката музика, како и на зајакнување на врските помеѓу Германија и Грција.

  • 00

    Денови

  • 00

    Часови

  • 00

    минути

  • 00

    секунди

Дата

25 Јул 2025

Време

21:00 - 21:00

Цена

MKD400.00

Категорија

музичка програма
Црква Св. Софија

Локација

Црква Св. Софија
Цар Самоил 88, Охрид 6000

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *