Концерт на камерниот оркестар на МММ ,,Сашa Николовски – Ѓумар”

Камерен оркестар на МММ „Саша Николовски- Ѓумар“

Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија постои 37 години и е основан како прв сегмент на Летниот музички камп на МММ во Охрид во 1986 година. Повеќе од 400 млади музичари биле дел од овој уникатен состав, а диригенти и уметнички раководители на оркестарот биле: Ф. Муратовски, Г. Коруновски, С. Николовски-Ѓумар, В. Николовски-Ѓумар, М. Спасов, Б. Цанев, А. Ремерајт, Б. Чадловска, О. Кондратенко, Миша Кац, Џанлука Мартиненги, Елена Митревска. Како признание за постигнатите резултати, во 1995 оркестарот беше поканет и одржа концерт во Будимпешта по повод 50-годишнината од основањето на Светската федерација на музичка младина. Оркестарот има остварено повеќе од 100 концерти добивајќи голем број позитивни критики и признанија, а на неговиот репертоар покрај делата од светската класика свое место наоѓаат и делата на современите македонски композитори. Веќе 37 години завршниот концерт на летната сесија на оркестарот е дел од програмата на фестивалот „Охридско лето“, а во последните  години и на фестивалите „Скопско лето“ и „Битолско лето“. Од 2018 година оркестарот го носи името на македонскиот диригент Саша Николовски-Ѓумар.

 

Иван Еминовиќ-диригент

Роден во Скопје, музика започнува да изучува на 6-годишна возраст, на одделот по пијано во нижото музичко училиште, а потоа и средно образование во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ во Скопје. На ФМУ во Скопје се запишува на одделот за оркестарско диригирање во класата на проф. Саша Николовски – Ѓумар, каде во 2010 година дипломира со концерт во чест на проф. Коста Трпков, истовремено здобивајќи се со наградата на фондацијата „Томислав Зографски“ како најдобар студент на одделите за диригирање, композиција, музикологија и музичка теорија и педагогија. Во 2012 година магистрира со почести на истиот оддел, со операта „Рита“ од Гаетано Доницети. Како пијанист одржал бројни концерти низ Македонија и странство и добитник е на повеќе државни и меѓународни награди и признанија. Во јули 2018 година диригира со Сараевската филхармонија по повод отворањето на фестивалот „Башчаршиски ноќи“ во Сараево. Во неговото диригентско портфолио се вбројуваат повеќе продукции на Националната опера и балет меѓу кои: „Травијата“, „Набуко“, „Дамата со камелии“, „Кармина Бурана“, „Севилски бербер“, „Кавалерија Рустикана“, „Жизел“, „Риголето“, „Евгениј Онегин“, „Адриана Лекуврер“, „Дон Џовани“, „Турандот“, „Реквием“ од Моцарт, како и многубројни концерти.

 

Марија Ташевска- сопран

Роденa во Скопје, Марија Ташевска средното образование го завршува во ДМБУЦ „Илија Николовски -Луј“ на насоката за традиционална музика и игра. Кон крајот на средното образование ѝ се раѓа љубовта кон оперското пеење чии тајни започнува да ги изучува со помош на проф. Гонца Богоромова – Краповски. Образованието го продолжува на ФМУ во Скопје, отсек соло пеење во класата на проф. м-р Славица Галиќ – Петровска, а подоцна во класата на проф. д-р Горан Начевски каде што сѐ уште студира. Марија учествува на повеќе натпревари како што се: Меѓународниот фестивал „Полихимниа” во Скопје на кој освојува прва награда и на Меѓународниот натпревар „Балканска романсијада“ во Софија, Бугарија од каде што се враќа со трета награда. Во јуни 2021 година го одржува својот прв концерт заедно со виолончелистката Мартина Јаневска во Музејот на македонската борба. Редовно настапува на циклусот концерти „Слободна среда“ организиран од страна на Музичката младина на Македонија, како и на концертите „Музика Вива“ организирани од Факултетот за музичка уметност-Скопје. Зема учество на традиционалниот концерт одржан во чест на проф. Коста Трпков во 2022 година со оркестарот на Националната опера и балет.  Низ текот на своето образование има учествувано на повеќе мастер-класа со познати оперски пејачи:  Раме Лахај, Јуриј Мињенко, Благој Нацоски, Наташа Јовиќ и Михајло Арсенски.

 

Програма:

В. А. Моцарт: Дивертименто F-dur K138
                             – Allegro
– Andante
– Presto

В. А. Моцарт: Увертира кон операта „Бастиен и Бастиена“ KV50

 

В. А. Моцарт: Арија бр.1 “Mein Liebster Freund hat mich verlassen”

од операта „Бастиен и Бастиена“ KV50

Џ. Росини: Соната за гудачи бр.1 G-dur
– Moderato
– Andantino
– Allegro

Г. Ф. Хендл: Ombra mai fu

Т. Џордани:  Caro Mio Ben

Г. Ф. Хендл:  Lascia ch’io pianga

П. И. Чајковски:  „Елегија“ од Серенада за гудачи

Џ. Б. Перголези: Арија “Stizzoso mio stizzoso” од операта “La serva padrona”

Ф. Шуберт: Sei mir gegrüßt!

А. Шнитке: Полка

А. Пјацола: Обливион

Дата

27 Јул 2023
Expired!

Време

21:00

Цена

MKD300.00

Категорија

музичка програма
Црква Св. Софија

Локација

Црква Св. Софија
Цар Самоил 88, Охрид 6000

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *