Концерт посветен на флејтистот Илија Зимбо
ПИЈАНО ТРИО – обоа, фагот и пијано
Составено од тројца етаблирани музичари: Татијана Петрушевска – Караскаковска – прва обоа во оркестарот на НОБ, Марјан Милошевски – прв фаготист во оркестарот на НОБ и професор по фагот на ФМУ и Петар Макариевски – пијано, уметнички соработник при ФДУ, ова трио ги здружи своите сили во 2014 г.
Сите остварени и потврдени уметници на своите инструменти, поттикнати од желба за истражување на нови композиции и зголемување на својот репертоар, како и од потребата за камерно музицирање со формирањето на овој ансамбл, започнуваат со истражување на репертоар од различни епохи и композиции кои бараат виртуозност во изведбата и се предизвик за изведување.
Триото својот прв настап го имаше на концертот и промоцијата на ЦД во чест на флејтистот Илија Зимбо во Скопје. Следуваат концерти во скоро сите градови во Македонија, како и во Нови Сад во годината кога овој град беше Европска престолнина на културата. Во 2022 година македонските композитори Вања Николовски-Ѓумар и Филип Иванов,напишаа дела специјално за Пијано Трио , кои својата светска премиера ја имаа на Фестивал на камерна музика во Нови Сад. Во ноември 2022 година Триото настапи со програма од рецитали на фестивалот „Есенски музички свечености“ со дела од светската литература, а во 2023 година композиторите Костадин Делиниколов и Горан Начевски посветија свои композиции на Триото, кои имаа светска премиера на ДММ 2023 г.
Она што го карактеризира Триото како состав се: истенчен, моќен звук, интерактивност,
прецизност во изведбата,индивидуалност и виртуозност на музичарите.
Татијана Петрушевска – Караскаковска-обоа
Родена е во Куманово, Tатијана Петрушевска – Караскаковска започнува да учи обоа во МБУЦ во Скопје во класата на проф. Васил Атанасов, а дипломира на ФМУ во класата на проф. Киро Давидовски. Во 2015 година магистрира со највисока оцена во класата по обоа на проф. м-р Гордана Јосифова – Неделковска. Уште како студент активно учествува во камерни состави, ги формира Дувачкиот Квинтет „Арт“ и Камерното студио „Бахус“ со кои остварува бројни концертни настапи, хонорарно соработува со Филхармонијата на Р. Северна Македонија и со Оркестарот на МОБ. Како уметник кој секогаш трага по нови програмски предизвици, започнува соработка со „Опера трио“ во состав: обоа, кларинет, фагот, како и „Пијано трио“ во состав: обоа, фагот и пијано.
Соработува со повеќе ансамбли за современа и барокна музика, а остварува и аудио и видео записи за МРТВ. Вo 2010 година го издава своето прво самостојно ЦД, а во 2018 година со „Опера трио“ го издава носачот на звук со наслов „Звукот на трските”. Исто так, нејзини изведби се ставени и на други носачи на звук, како солист и во рамките на различни ансамбли. Соработува и во Нишки симфониски оркестар, оркестрите на Операта на ХНК „Иван Племенити- Зајц” во Ријека и ХНК Сплит, а присутна е и на сите значајни фестивали во С. Македонија. Настапувала со Филхармонијата на Р. Северна Македонија на „Риечки летни ноќи“, на „Сплитско летo“, а гостувала во Бугарија, Романија, Србија, Грција, Украина, Хрватска, Португалија. Во моментот работи како прва обоиска во Оркестарот на НОБ.
Марјан Милошевски -фагот
Марјан Милошевски музичкото образование го започнува уште од најмлада возраст свирејќи хармоника до својата 14 година, за подоцна во средното музичко училиште да започне да учи фагот. Студиите ги продолжува на ФМУ во Скопје во класата на проф. П.Трајковски, каде и магистрира во 2003 година. За време на студиите настапува со факултетскиот оркестар, но и со рецитали и концерти на камерна музика, а како еден од најдобрите студенти во инструменталната класа во два наврати е одбран да настапува со Филхармонијата на Република Северна Mакедонија.
Првите професионални чекори ги остварува со камерниот оркестар за модерна музика „Света Софија“ со кој настапува на фестивалите „Охридско лето“ и „Денови на македонската музика“.
Набргу станува и член на Националната опера и балет во Скопје, а во 2000 година гостува во Операта во Тирана, Албанија.
На Мајсторската школа во Дубровник 2002 година станува еден од членовите на оркестарот за современа музика „Сонемус“ со кој има остварено бројни концерти на Балканот, но и во други европски центри. Во 2004 година Милошевски ја основа музичката работилница „Ад Либитум“ во чии рамки работат дрвен дувачки квартет и квартет фаготи, а негови партнери при изведбата на рецитали се пијанистите: Марија Вршкова, Сара Пројковска и Петар Макариевски.
Тој е активно соработник на повеќе камерни состави како: Трио „Аура, „Опера трио“, Дувачки квинтет при МОБ, „Сонорис“ Ансамбл за современа музика, Ансамбл „Контемпора“, „Пијано трио“, „Ба-Рок“ ансамбл и други. Освен во С. Македонија настапувал и во Србија, Црна Гора, Хрватска, Босна и Херцеговина, Швајцарија, САД, Бугарија, Русија,Израел.
Моментално е вработен во НОБ како прв фаготист и редовен професор по фагот и камерна музика при ФМУ во Скопје .
Петар Макариевски-пијано
Петар Макариевски е роден во Скопје. Во 2001 година дипломира на Факултетот за музички уметности во Скопје во класата на проф. Јасминка Чакар. Од 2001- 2003 година посетува магистерски студии по пијано на Државната музичка академија во Софија, Бугарија, во класата на проф. Антон Диков. Во 2011 година добива асистентско место на Државниот универзитет во Атланта, САД , таму паралелно завршува уште еден циклус на магистерски студии по пијано во класата на проф. д-р Серџо Гало. Во текот на престојот во Атланта, Макариевски активно настапува со солистички концерти, камерна музика и работи како хонорарен – пијано соработник на истиот Универзитет. Како лауреат на натпреварот за инструментални концерти во Атланта настапува како солист со повеќе оркестри кои му носат позитивни одгласи од музичката критка.
Макариевски активно настапува и во С. Македонија. Во 2005 година заедно со пијанистката Весна Ангелова го формираат камерното пијано – дуо Ангелова/Макариевски. Истата година формираат дуо со реномираната Татијана Петрушевска – обоа. Во 2014 година заедно со обоиската Татијана Петрушевска и фаготистот Марјан Милошевски формираат „Пијано трио“со кое остваруваат забележителни настапи во земјата и странство. Во 2022 година на покана на реномираната македонска пијанистка Марија Вршкова,камерното пијано дуо Ангелова/Макариевски се приклучуваат и формираат ансамбл за шестрачно пијано. Настапувал и како солист со Филхармонија на Р.Северна Македонија, а со солистички и камерни концерти настапувал во Бугарија, Србија, Хрватска, Косово, Германија, САД.
Макариевски работел како педагог и пијано соработник во МБУЦ „Илија Николовски-Луј“, како хонорарен корепетитор во МОБ; официјален пијано соработник на Меѓународниот натпревар во Приштина; асистент по пијано на Државниот универзитет во Атланта во САД, и како хонорарен уметнички соработник на ФМУ –Скопје. Во 2019 година се вработува на Факултетот за драмски уметности како уметнички – пијано соработник а од 2022 година работи како хонорарен професор по пијано во приватното музичко училиште „Пијанофорте“.
Програма:
М. Блаве: Соната “La Vibray” оп. 2 бр. 2
La Vibray. Andante
Allemanda. Allegro
Gavotte. Les Coquets
Sarabanda. Largo
Allegro
Ф. Пуланк: Соната за обоа и пијано
Élégie
Scherzo
Déploration
К. Сен Санс: Соната за фагот и пијано оп. 168
Allegro moderato
Allegro scherzando
Molto adagio / Allegro moderato
-пауза-
М. Глинка: „Патетично трио”
Allegro moderato
Scherzo. Vivacissimo
Largo
Allegro con spirito
Ф. Пуланк: Трио за обоа, фагот и пијано
Presto
Andante
Rondo