
Консонанс ансамбл – „Мозаик“
Елена Дојчинова – флејта
Маја Чаначевиќ – англиски рог
Здравко Ангелов – кларинет
Сашко Темелкоски – бас кларинет
Дарко Илиевски – хармоника
Ансамблот „Консонанс“, основан во 2007 година, е истакнат ансамбл кој на своите почетоци беше составен исклучиво од дрвени дувачки инструменти, но денес во својот состав вбројува и други инструменталисти кои го збогатуваат звукот на овој ансамбл. „Консонанс“ е посветен на изведбата на камерна музика истражувајќи ги огромните можности, пред сè, на дрвените дувачки инструменти кои го сочинуваат „Консонас“, а тоа се: флејта, кларинет, англиски рог, бас кларинет, како и останатите инструменти вклучени најчесто како концертни гости. Ансамблот го сочинуваат членовите од Македонската филхармонија и тоа: Здравко Ангелов – кларинет, Маја Чанаќевиќ – англиски рог, Сашко Темелкоски – бас кларинет и Елена Дојчинова – флејта, како и композиторот и акордионист Дарко Илиевски. Сите овие музичари со долгогодишно искуство подеднакво се посветени на оркестарската, соло и камерната музика.
Здравко Ангелов го оформува своето музичко образование на ФМУ во Скопје. Добитник е на бројни награди, а како прв кларинетист, солист во оркестарот на Македонската филхармонија, настапувал многупати во улогата на солист во Македонија и надвор од неа. Своето долгогодишно искуство го гради посветувајќи се на изведба на различни музички жанрови, од кои класичната музика зазема најзначајно место.
Маја Чанаќевиќ е обоист и солист на англиски рог во Македонската филхармонија која долги години покрај негувањето на оркестарското музицирање, активно настапува и како камерен музичар и солист. Настапувала во Македонија и надвор од неа. Покрај активното музицирање, таа дејствува и на полето на музичкиот менаџмент.
Елена Дојчинова е прва флејтистка во Македонската филхармонија. Музичкото образование го завршува во Скопје, а се усовршува работејќи со еминентни флејтисти надвор од нашата држава. Посветена на солистичкото и камерно музицирање, концертира заедно со различни ансамбли во Македонија и надвор од неа.
Сашко Темелковски е кларинетист и бас кларинетист во Македонската филхармонија. Еден од основачите на „Консонанс“, кој заедно со своите колеги активно дејствува во полето на оркестарската и камерната музика. Член е и на Оркестарот на Фамес, каде се занимава со професионално снимање на филмска музика.
Дарко Илиевски дипломира на ФМУ и магистрира на отсекот за сонологија на истиот факултет. Од 2013 година е дел од ансамблот „Танец“, каде од 2020 година е уметнички раководител на оркестарот. Својата музичка дејност ја надополнува како автор, композитор и аранжер во повеќе музички жанрови.
„Консонанс“ како ансамбл има настапувано на најпрестижните национални фестивали и настани во Македонија, како и во Црна Гора, Бугарија, Хрватска и САД. Ансамблот има издадено и еден носач на звук.