Лукаш Длугош- флејта, Полска Анжеј Јунгиевич – пијано
ЛУКАШ ДЛУГОШ – флејта
Лукаш Длугош е најнаградуваниот флејтист во полската музичка историја. Списанието „Пицикато“ во оценката за неговиот албум „Приказни на флејтата“, издаден за Верго/Дојче Грамофон, го квалификува Длугош како „еден од најдобрите флејтисти во светот“.
Длугош студира соло флејта на Високата школа за музика и театар во Минхен, а магистерските студии ги продолжува на Конзерваториумот во Париз, како и на Универзитетот „Јеил“ во САД.
Победник е на повеќе меѓународни натпревари за флејта, а како солист и камерен музичар настапува во Полска и на интернационалната музичка сцена. Настапувал во Карнеги Хол, во Златната сала на Музикферајн, во Концертхаус во Берлин, во салата „Карл Орф“ и „Херкулес“ во Минхен, во театрите во Пекинг, Гуангжу, Шангај, во операта во Катар, во салата „Шин Кобе“ во Кобе, како и во салата „П. И. Чајковски“ во Москва.
Настапувал под диригентските палки на Зубин Мехта, Џејмс Левајн, Марис Јансонс, Валери Гергиев, Хесус Лопес Кобос, Јацек Капчук, Габриел Шмура, Агњешка Дучмал, а често изведувајќи го Концертот за флејта и оркестар од Кшиштоф Пенерецки настапува под диригентство на самиот композитор.
Во 2010 година го издава својот прв албум со Концертот за флејта од Мајкл Колина, придружуван од Лондонскиот симфониски оркестар. Од тогаш има издадено повеќе од 84 снимки, најголем дел од нив со музика од полски автори кои се високо оценети од критиката и кои се повеќекратно наградувани. Досега повеќе од 300 композиции се напишани специјално за него и за неговата сопруга (исто така флејтистка) Агата Кјелар-Длугош.
Во 2016 година му е доделена статуетката „Орфеј“ за особени достигнувања во областа на интерпретацијата на флејта и промоција на полската музика. Во 2021 година Здружението на композитори на Полска му ја доделува почесната награда за особен придонес во етаблирањето на полската музика. Во 2022 година се закитува со една од најзначајните полски државни награди Орденот на возобновена Полска.
Лукаш Длугош е добитник на орденот „Горија Артис“ за особени достигнувања во областа на културата, а во 2019 година ја добива титулата – професор по уметност од страна на Претседателот на Република Полска.
Лукаш Длугош е професор на академијата „С. Моњушко“ во Гдањск.
Анжеј Јунгиевич – пијано
Пијанистот Анжеј Јунгиевич важи за исклучителен камерен музичар. Студирал пијано во класата на проф. Јозеф Стомпел и камерна музика во класите на Марија Швајгер-Кулаковска и проф. Урсула Станчук на Музичката академија во Катовице.
Добитник е на стипендии од полското министерство за култура во 1986/87 година, лауреат е на Натпреварот за уметничка стипендија од здружението „Фредерик Шопен“ во Варшава во 1985 и 1986 година, победник е на Натпреварот за современа камерна музика во Лоѓ во 1986 година и на Младинскиот фестивал во Аугустов во 1985 година.
Како солист и камерен музичар настапува во: Полска, Франција, Германија, Хонг Конг, Малезија, Словачка, Шведска и Украина.
Учествува на бројни фестивали и премиерно изведува дела од современите полски композитори кои се снимани за радио и ТВ. Неговите изведби се поместени на бројни носачи на звук, меѓу кои се и двата албуми со флејтистката Агата Кјелар-Длугош.
Редовно е пијано придружник на бројни работилници и мајсторски курсеви со етаблирани музичари и педагози.
Јунгиевич е професор на Музичката академија во Катовице.