
Михаил Плетњов- пијано, Швајцарија-Русија
Михаил Плетњов – пијано
Пијанистот, диригент и композитор Михаил Плетњов е една од најзначајните музички фигури на нашата ера. Неговиот исклучителен пијанистички талент е високо признаен уште од 1978 година кога на 21 година ја освојува првата награда на престижниот натпревар за пијанисти „П. И. Чајковски“. Кога во 1988 година е поканет да настапи на дипломатскиот самит во Вашингтон, се запознава со Михаил Горбачов и преку нивното пријателство заеднички се обврзуваат за рушење на бариерите меѓу луѓето преку универзалниот јазик на музиката.
Во 1990 година Плетњов го основа Рускиот национален оркестар – првиот независен оркестар во историјата на Русија. Под негово раководство, оркестарот станува признат како еден од водечките оркестри во светот.
Триесет години подоцна, Плетњов уште еднаш ја докажува својата посветеност кон уметничката слобода и го основа Интернационалниот оркестар „Рахмањинов“, именуван според големиот руски пијанист, композитор и диригент Сергеј Рахмањинов чија музика и кариера инспирира илјадници низ светот.
Интерпретацијата на делата од литературата за пијано на Михаил Плетњов, неговата кариера како пијанист и диригент, како и неговите бројни снимки му носат многу награди и признанија вклучувајќи ја и наградата Греми за неговиот аранжман на „Пепелашка“ од Прокофјев. За Греми се номинирани и албумот со Симфониските етиди од Роберт Шуман (2004), како и албумот со Концертите број 3 од Рахмањинов и Прокофјев (2003). Албумот со сонати од Скарлати издаден за Вирџин/Еми е одлично примен од публиката и му ја носи наградата на магазинот „Грамофон“ во 1996 година, додека пак комплетот компакт-дискови на кој се поместени сите симфонии и концерти за пијано од Лудвиг ван Бетовен снимен за „Дојче Грамофон“ му ја носи наградата „Најдобро издание во 2007 година“ од магазинот Њујоркер.
Пијанист, диригент, композитор и културен лидер се сите значајни сегменти од личноста на Михаил Плетњов и на неговиот исклучителен живот. Но, ако го запрашате самиот Плетњов што е тој всушност, тој скромно одговара – музичар.