Подиум на млади

Ивана Мазнејкова-пијано

Ивана Мазнејкова (2006) студира пијано на Конзерваториумот за уметност во Ротердам, Кралство Холандија. Таа е родена во Струмица каде првите часови по пијано ги добива од своите родители, Ленче и Зоран Мазнејкови, професори по пијано, во чии класи го завршува основното музичко образование. Средно музичко училиште завршува во Штип, во класата на проф. Славчо Величков, посетува семинари кај Симон Трпчески, Наталија

Трул, Андреас Фрулих, Сијавуш Гаџиев, Хајди Елзесер, Кристина Светиева, и др.

Ивана, својот прв јавен настап го има на тригодишна возраст на концерт во музичкото училиште во Струмица  и оттогаш до сега, има реализирано вкупно 190 настапи на бројни концерти, фестивали и натпревари во Р.С. Македонија и низ Европа. Има остварено седумнаесет пијано рецитали (солистички концерти) и пет полурецитали. Во нејзиниот репертоар се застапени дела од сите музички епохи и жанрови. Досега има настапувано во повеќе земји во Европа (Италија, Франција, Австрија, Холандија, Словенија, Германија…) во престижни сали како: „Бозар“ во Брисел, „Моцартеум“ во Салцбург, „Каза Верди“ во Милано, „Гилд“ во Рига, Камерната сала на Париската филхармонија, големата сала на НУ Филхармонија во Скопје, салата на Ротердамската филхармонија итн…

Ивана Мазнејкова е редовен учесник на европските натпревари за млади пијанисти и има освоено 44 први и специјални први награди. Од август 2023 година таа е корисник на стипендија на Кралството Холандија.

Во 2022 година, Ивана Мазнејкова заедно со својата сестра Ана Мазнејкова, а во соработка со македонската композиторка Ана Пандевска, снимија носач на звук, ЦД  со електро-акустична музика за пијано и фиксен медиум.

 

Ана Мазнејкова-пијано

Ана Мазнејкова е родена во Струмица, во 2010 година. Ученичка е во осмо одделение во ООМУ „Боро Џони“ во Струмица , во класата на проф. Ленче Мазнејкова. Активен учесник е на семинари раководени од етаблирани професори и пијанисти: Симон Трпчески, Наталија Трул, Андреас Фрулих, Рубен Далибалтајан, Хајди Елзесер, Елена Дикова, Александар Сердар и др. Првите чекори на пијаното ги прави со помош на своите родители Ленче и Зоран Мазнејкови, професори по пијано, а својот прв јавен настап го има на тригодишна возраст, на еден од концертите организирани во музичкото училиште во Струмица. Ана има реализирано 145 настапи на концерти, фестивали и натпревари во Македонија и низ Европа. Има остварено седум рецитали и пет полурецитали, а нејзиниот досегашен репертоар опфаќа повеќе од 170 композиции за соло пијано и четирирачно пијано. Досега има настапувано во 10 земји во Европа (Италија, Белгија, Франција, Велика Британија, Австрија, Србија, Грузија, Унгарија, Бугарија и Косово).

Ана Мазнејкова е редовен учесник на европските натпревари за млади пијанисти. Има

освоено 28 први и специјални први награди на меѓународни натпревари во Париз, Брисел,

Милано, Лондон, Виена, Салцбург, Белград, Софија, Будимпешта, Римини, Тревизо, Приштина, Битола, Скопје и др. Ана Мазнејкова има настапувано на националниот фестивал „Денови на македонска музика“; на манифестацијата „Струмица – град на културата“; на фестивалот „Piano City – Novi Sad“ во Србија, на манифестацијата „Денови на европско Скопје“ и циклусите концерти „Музичка среда“ / проекти на Музичка младина на Македонија (2022, 2023 и 2024 година).

 

Памела Велкова-виолина

Памела Велкова е родена на 6.9.1999 година во Штип. Во 2024 година дипломира во класата на проф. Олег Кондратенко на Факултетот за музичка уметност – Скопје. Основно и средно образование како првенец на генерацијата завршува во класата на проф. Борјанка Трајкова во училиштето„Сергеј Михајлов“- Штип. Во текот на нејзиното образование има настапувано на многубројни државни и меѓународни натпревари и има добиено голем број специјални и први награди. Од големо значење, за неа се настапите како солист со оркестарот на НУ Филхармонија во 2018, 2021, 2022 година. Во 2023 година настапува како солист на концертот „20 години со делата на Бете Илин” под диригентска палка на  Ребека Тонг.  Памела Велкова настапува на: „Violin-fest “, „Musica viva “, „Охридско лето“, „Скопско лето“, „Денови на македонска музика“, „Есенски музички свечености“, како и надвор од Р.С. Македонија. Како дел од триото „Divine” настапува во Лараче, Мароко Од 2022 година соработува со оркестарот  F.А.М.Е. и активен учесник е на семинарите организирани од Институтот „Фејмс“.  Велкова е член на Камерниот оркестар на музичка младина на Македонија ,,Саша Николовски- Ѓумар”, „Нонет+ “, Камерниот оркестар ,,Ајга” и Камерниот оркестар ,,Профундис”.

 

Доминика Робе Поповска – пијано

Пијанистката Доминика Робе Поповска своето основно и средно музичко образование го завршила во ДМУ-Битола, во класата на проф. Маргарита Татарчевска. Дипломира на Факултетот за музичка уметност при УКИМ во класата на проф. др. Кристина Светиева како најдобар студент на генерацијата. Во 2018 година станува магистер по пијано придружба, во класата на доц. м-р Марија Вршкова. Во 2022 година магистрира на отсекот пијано изведба на Florida Atlantic University, во класата на проф. Др. Ирена Кофман. Во текот на своето школување се здобива со многу награди од државни и меѓународни натпревари меѓу кои и прва награда на натпреварот Охридски Бисери. Меѓу многуте посетени семинари во земјата и странство, учесник е и на меѓународниот проект “Европски пијано рефлексии”, проект на повеќе пијанисти и педагози од различни европски земји меѓу кои Македонија, Австрија, Франција, Полска и други.

Од 2016 до 2020 година, четири години е наставник во ДМБУЦ “Илија Николовски-Луј” во Скопје. Во тој краток период реди успеси и од областа на педагогијата, па така нејзините ученици се носители на државни и меѓународни пијано натпревари. Од 2016 до 2020 година Доминика работи како пијано придружник на ФМУ Скопје, како и во Националната Опера и Балет, 2016- 2017 година. Во периодот од 2020 до 2022 година работи како пијано придружник во Florda Atlantic University, Бока Ратон, Флорида. За време на нејзиниот престој во САД, Доминика остварува и други работни искуства од областа на музиката – Директор на музика и хор, во црквата “Св. Михаил”, Велингтон, Флорида и во црквата “Presbytarian Faith”, Вест Палм Бич, Флорида. Во истиот период е и наставник во реномираното училиште “Грендвју”, Бока Ратон, Флорида.

Нејзината концертна активност е континуирана од најмали нозе, во својата најширока разновидност, како солистички рецитали, камерно музицирање, хорско и оркестарско музицирање, како во Република Македонија, така и во странство. Учесник е на фестивалите “Златна лира”, “Охридско лето”, “Денови на македонска музика”, “Бит фест”, пијано придружба на престижниот натпревар “Охридски бисери” итн.

Има остварено неколку проекти поддржани од Министерството за Култура, меѓу кои и концерт во Њу Јорк, САД. Соработувала со имиња како сопранот Junchan Zhao, контрабасистот Динко Стипаничев, саксофонистот Иван Трајаноски, а со виолинистот Симон Поповски редовно настапуваат како дуо низ земјата и во странство.

Моментално работи како наставник по пијано во основното музичко училиште во Битола.

 

Програма:

 

Ј. С. Бах:                   Прелудиум и фуга gis-moll, WTK1, BWV 863

 

Л. ван Бетовен:       Пијано соната бр.8, c-moll, oп.13 „Патетична“

Grave – Allegro di molto e con brio

 

Ф. Шопен:                 Етида оп.10 бр.12, c-moll, „Револуционерна“

 

Ф. Шопен:                 Полонеза, cis-moll, oп.26 бр.1

 

ИСПОЛНУВА: АНА МАЗНЕЈКОВА

 

М. Давиташвили:   Хоруми

 

Ф. Шопен:                 Берсеза оп.57, Des- dur

 

Ф. Шопен:                 Балада бр.1, g-moll, оп.23

 

                                                                        ИСПОЛНУВА: ИВАНА МАЗНЕЈКОВА

 

пауза

 

 

С. Прокофјев:          Соната бр, 2 D-dur оп. 94

Moderato

                                    Presto – Poco più mosso del – Tempo I

                                    Andante

                                    Allegro con brio

 

Е. Изаи:                     Соната бр. 3 d-moll оп. 27 „Балада“

ИСПОЛНУВА: ПАМЕЛА ВЕЛКОВА  ДОМИНИКА РОБЕ (пијано)

Дата

11 Јул 2024
Expired!

Време

21:00

Категорија

музичка програма
Црква Св. Софија

Локација

Црква Св. Софија
Цар Самоил 88, Охрид 6000

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *