Подиум на млади уметници
Камил Ел-Ахмадиех – пијано, Либан/Чешка
Сара Једличкова – виолончело, Чешка
Сара Једличкова- виолончело
Сара Једличкова е родена во 1996 година во Брно. Дипломира на Прашкиот конзерваториум во класата на Михал Канка во 2019 година, а паралелно студира музичка продукција на Академијата за изведувачки уметности во Прага каде дипломира во 2020 година и запишува магистерски студии во класата на Силва Стејскалова. Академската година 2020/2021 ја поминува на студентска размена на Академијата „Сибелиус“ во Хелсинки на одделот за музички технологии. За време на престојот студира чело со Раимо Сариола и електро-акустична композиција со Алехандро де Монте Ока и Алехандро Оларте. За време на студиите учествува на повеќе мастер класови и е активен член на Барокниот оркестар во Прага (2016-2019). Има одржано повеќе концерти за фондацијата „Бохуслав Мартину“, како и рецитали во Чешка, С. Македонија, Канада и Финска.
Камил Ел Ахмадиех-пијано
Камил Ел Ахмадиех е роден во 1994 година и студира пијано на конзерваториумот во Брно во класата на проф. Ина Асламас. Во 2016 година ги започнува студиите на Академијата за уметности „Јаначек“ во Брно каде дипломира во класата на проф. Хелена Вајсер. За време на студиите е добитник на прва награда на натпреварот „Бохуслав Мартину“ во Поличка. Во 2019 година го издава првиот албум со дела од Бетовен, Шопен и Јаначек. Активно делува како пијано-соработник и членува во повеќе камерни ансамбли.
Со неговиот дуо партнер Пфам Хоанг Ан настапуваат заедно повеќе од 7 години и освојуваат бројни награди во категоријата пијано-дуо. Во 2018 година настапуваат на фестивалот за дуо-пијано во Амстердам.
Од 2020 година е запишан на магистерски студии на академијата „Сибелиус“ под менторство на проф. Хамса ал-Вади Јурис. Во 2020 година е добитник на втора награда на натпреварот „В. А. Моцарт“ во Лугано, а во 2021 година се закитува со први награди на меѓународниот натпревар во Один, како и на натпреварот „Изведувачи на 21 век“ во Москва.
Програма:
Ј. С. Бах: Прелудиум C-dur (Свита бр. 3 за виолончело)
Д. Скарлати: Соната h-moll K197
Соната Е-dur K135
Ј. Брамс: 3 Интермеца оп. 117
– Andante moderato
– Andante non troppo e con molto espressione
– Andante con moto
Б. Мартину: Ноктурно бр. 1 за виолончело и пијано
Л. Јаначек: Приказна за воилончело и пијано
Б. Мартину: Соната за виолончело бр. 2, H. 286