Свечено отворање на фестивалот Охридско лето 2022
ЧЕТИРИ ИТАЛИЈАНСКИ ТЕНОРИ
Алесандро Косентино Де Акриса
Федерико Сера
Џовани Мариа Палмиа
Уго Тарквини
Оркестар на Националната опера и балет на Р.С.Македонија
Диригент: Лоренцо Бицари, Италија
Алесандро Ди Акриса дипломира оперско пеење со високи оценки на конзерваториумот во Козенца и дебитира во улогата на Ренато во оперетата „Грофот од Луксембург“ од Лехар во Театарот „Рендано“ во Козенца. Оттогаш настапува во повеќе улоги во театри како Римската опера, театарот во Модена и Читавекија, театарот „Верди“ во Трст и др. Успешно ги доловува улогите на Пинкертон во „Мадам Батерфлај“, Неморино во „Љубовен напиток“, Бепе во „Палјачи“, Ернесто во „Дон Пасквале“ и др. Избран е од фондацијата „Лучијано Павароти“ да настапува во шоуто „Белканто- наследството на Павароти“ под диригентската палка на Пасквале Менчисе.
Роден во 1987 година, Федерико Сера покажува талент за музика и пеење од најрана возраст. На само 11-годишна возраст победува на натпревар за поп пејачи, по што неговите родители го запишуваат на часови за пеење. Посветеноста кон учењето води до тоа да се пријави на повеќе натпревари за млади пејачи, а на седум од нив го освојува првото место. На 17 години се запишува во високата школа за музика во Варезе со специјалност оперско пеење и пијано, по што следуваат долги години на студирање со Вито Марија Брунети, Џанфранко Чекеле, Федерико Лонги и Алфредо Занацо. Благодарејќи на неговата истрајност и одлични резултати, тој дебитира во театарот „Доницети“ во Бергамо во 2014 година. Во 2015 година настапуваа со филхармонијата во Верона и следи негова богата концертна активност во повеќе различни театри.
Џовани Марија Палмија дипломира експериментално оперско пеење на конзерваториумот „Ариго Боито“ во Парма, специјализира на Школата за опера при театарот во Болоња, и учествува на мајсторски курсеви со Рената Ското и Мариела Девија. Започнува да настапува како хорски уметник во различни хорови, по што следуваат и улоги во оперите „Адријана Лекуврер“, „Риголето“, „Набуко“, „Аида“, „Трубадур“, „Тоска“, „Мадам Батерфлај“, „Вертер“, „Кармен“ и др. Во 2016 година дебитира во улогата на Карло Мур во операта „Бандити“ од Верди на фестивалот „Верди“ во Парма, по што го толкува Гастон во „Травијата“ во театарот во Болоња. Во „Риголето“ е Матео Борса во продукцијата на театарот „Реџо“ во Парма во режија на Пјер Луиџи Самаритани, а диригирана од Франческо Иван Чампа по повод 50-от роденден на Лео Нучи.
Уго Тарквини ги завршува музичките студии по што следи специјализација со познатиот тенор Никола Мартинучи, басот Алфредо Занацо и Лучета Бици. Настапува на престижни оперски сцени како Арената во Верона, „Бољшој“ во Москва, операта во Мускат, Центарот за уметности во Сеул, Театарот во Парма и др.
Активно соработува со фондацијата „Лучијано Павароти“ под чија организација настапува на многу концерти меѓу кои отворањето на фестивалската сезона во Арена ди Верона, во театарот „Бољшој“ и во театарот „Рубен Дарио“ на прослави и концерти посветени на Павароти. Меѓу главните улоги кои ги изведува се: Родолофо во „Боеми“, Пинкертон во „Мадам Батерфлај“, Роберто во „Ле Вали“, Тамино во „Волшебната флејта“, главната улога во „Дон Карлос“, Дон Хозе во „Кармен“ и многу други. По неговиот настап на натпреварот Ас.Ли.Ко. во 2013 година е одбран да ја толкува улогата на Ерик во „Летчкиот Холанѓанин“ во театарот во Комо, а во 2014 година по неговото учество на академијата на фестивалот „Пучини“, доделена му е улогата на Ринучио во „Џани Скики“. Покрај уметничките квалификации, Уго Тарквини има диплома за телекомуникациски инженеринг.
Лоренцо Бицари-диригент
Роден во Болоња, Лоренцо Бицари ги завршува студиите по пијано, оперско пеење и оперска режија во родниот град, а хорско диригирање дипломира во 2003 година на Конзерваториумот во Ферара, додека пак оркестарско диригирање на Конзерваториумот во Парма во 2007 година. Учествува на бројни мајсторски курсеви кај познати светски диригенти, а вниманието на критиката го привлекува откако станува еден од финалистите на натпреварот за диригенти во Сполето (2006) по што следат ангажмани со оркестрите во Модена, Ферара, Фиренца, Џенова, Парма и др. Од 1998 е диригент и уметнички раководител на хорот „Квадриклавио“ во Болоња, ансамбл специјализиран за изведба на сакрална музика. Долгогодишната соработка со овој хор на маестро Бицари му овозможува изведби на голем дел од сакралниот музички репертоар како што се мисите на Бах, Хајдн, Вивалди, Перголези, реквиемите на Моцарт, Верди и Фореи многу други. На оперската сцена диригира огромен број наслови, вклучително оние на големите италијански мајстори Верди, Пучини, Маскањи, Росини и др. Гостува во Романија и Бугарија, а уметнички раководител е на Парма Опера Арт и на оперскиот фестивал „Реџа ди Колорно“ во Парма.
Оркестар на Националната опера и балет
Националната опера и балет опстојува во континуитет веќе 75 години. Основана е во 1947 и
своите почетоци ги реализира со тогашните расположливи професионални кадри, надополнети преку аудиции со членови од аматерските оркестарски и хорски ансамбли.
Со доаѓањето на светски познатиот диригент Ловро Матачиќ, започнува подемот на операта. Се комплетираат оркестарот, хорот и солистичката екипа и почнува да се реализира разновидна репертоарска политика, со назнака на т.н. „железен репертоар“.
Овие услови овозможуваат развој и квалитет на ансамблот, што од друга страна придонесува за можноста од претставување на истиот и надвор од границите на Македонија, во сите тогашни центри на поранешна Југославија (Белград, Загреб, Љубљана, Сараево, Нови Сад), исто така и во странство: Лоѓ (Полска), Нирнберг (Германија), Стразбур (Франција), Букурешт (Романија), Софија (Бугарија), Тирана (Албанија) и др.
Растот и развојот на Националната опера и балет придонесуваат за поголем интерес и посетеност од страна на публиката, што било поттик во 1972 година да се востанови фестивалот „Мајски оперски вечери“. Фестивалот „Мајски оперски вечери“ е еден од ретките оперски фестивали во Европа и оваа година го одбележува својот 50-годишен јубилеј.
На фестивалот „Охридско лето“ редовни гости се солистите, диригентите и ансамблите на Националната опера и балет.
Програма:
Џ. Верди: Увертира од операта „Моќ на судбината“
Ф. Чилеа: „Il lamento di Federico“ од операта „Арлезијанка“
Г. Доницети: Una furtiva lagrima од операта „Љубовен напиток”
В. ди Кјара: La Spagnola
Л. Дала: Caruso
Д. Модуњо/ Ф. Мили: Nel blud dipinto di blu (Volare)
Р. Фалво: Dicitencello vuje
Ц. Андреа Биксио: „Мама“
П. Маскањи: Интермецо од операта „Кавалерија рустикана“
К. Мендоза Кортес: Cielito Lindo
Џ. Верди: „La donna e mobile“ од операта „Риголето“
Г. Де Кутртис/Е. де Куртис: Torna a Surriento
А. Лара: „Гранада“
Л. Денца: Funiculì funiculà
Џ. Пучини: „Nesun dorma“ од операта „Турандот“
- ду Капуа: O sole mio
С. Кардило: Core ‘ngrato,
Е. де Кутртис: Non ti scordar di me
So sreka…