Свечено отворање на фестивалот Охридско лето

Анџела Георгиу – сопран

Оркестарот на Националната опера и балет, Македонија

Концерт мајстор: Верица  Ламбевска

Диригент:  Чипријан Теодорашку

 

Анџела Георгиу – сопран

Анџела Георгиу која дневниот весник „Њујорк Сан“ ја нарекува „најгламурозната и најталентирана оперска ѕвезда на денешницата“,  е родена во малиот град Аджуд во Романија. Уште од најмала возраст било очигледно дека ќе биде оперска пејачка и нејзината судбина била предодредена да биде музиката. Учела во музичката гимназија во Букурешт, а дипломирала на Националниот универзитет за музика во главниот град на Романија во класата на Миа Барбу. Прекрасниот глас,  и неверојатна сценска појава и овозможуваат на Анџела Георгиу да се прослави како уникатна интернационална оперска супер ѕвезда.

Дебитира на меѓународната оперска сцена во 1992 година во Лондонскиот „Ковент гарден“ како Мими во операта „Боеми“, по што следи и деби во Виенската опера, а и во Њујоршката „Метрополитен“ опера во 1993 година. Во „Ковент гарден“ премиерно ја пее улогата на Виолета Валери во „Травијата“ во 1994 година кога за прв и последен пат во историјата на ТВ и оперските преноси телевизиската куќа Би-Би-Си ги откажа сите програмски активности за да пренесува опера во живо. Од  тогаш па до денес, Георгиу настапува на светските оперски сцени изведувајќи ги главните ролји во оперите „Боеми“, „Травијата“, „Ромео и Јулија“, „Палјачи“, „Љубовен напиток“, „Симон Боканегра“, „Тоска“, „Фауст“, „Кармен“, „Туранодт“,„Вертер“, „Адријана Лекуврер“ и многу други.

Нејзините снимки се на носачи на звук на дискографските куќи  Ворнер и Еми класикс, Дека и др.  За уметничките достигнувања наградувана е со бројни награди и признанија меѓу кои и специјални награди од француската влада, медал од романскиот крал Михаел I, Европската културна награда за музика, повеќе пати е добитничка на награди од магазинот „Грамофон“, два пати е прогласена за Уметничка на годината на БРИТ наградите за класична музика.

На филмското платно ја игра насловната улога во екранизацијата на операта „Тоска“ во режија на Беноа Жако, филм кој добива одлични критики од меѓународната критика, и е премиерно прикажан на филмскиот фестивал во Венеција во 2001 година. Ја толкува и улогата на Јулија, во филмската адаптација на операта  „Ромео и Јулија“.

Нејзините настапи на гала настани ги вклучуваат отварањата на Кралската оперска куќа во Лондон и во Венеција (по нивните реновирања) во 1999 и 2001 година. Во 2002 година настапува на златниот јубилеј на кралицата Елизабета во Бакингемската палата и на нејзиниот дијамантски јубилеј, на концертот за доделување на Нобеловата награда во 2003, на концерт за папата Јован Павле II во дворецот Гандолфо, на отворањето на Палатата за уметности Кралица Софија во Валенсија во 2005 како и на сребрениот јубилеј за холандската кралица Беатрикс во Амстердам. Во 2011 година настапува на гала концертот за повторното отворање на Бољшој театарот во Москва, како и на настанот за отворањето на Амфитеатарот „Катара“ во Доха каде изведува дело специјално напишано за неа од грчкиот композитор Вангелис. Привилегија да го затвори спектакуларниот фестивал „Би-Би-Си Промс“ има дури три пати во 2003 во „Ројал Алберт Хол“, и во 2000 и 2006 година на големата сцена на отворено во лондонскиот Хајд Парк.

Во 2018 година излегува од печат нејзината автобиографија „Анџела Георгиу: живот за уметноста“ напишана заедно со Џон Толански.

Во 2021 година Георгиу настапува на концерт кој има за цел да им помогне на музичарите од операта „Метрополитен“ во кризата која настапи поради откажувањето на настаните како резултат на пандемијата од Ковид19. Повеќе од 150 музичари добија финансиска помош како резултат на овој нејзин гест.

Во 2022 година беше одбележана и 30 годишнината од нејзиниот прв настап во Ковент Гарден во Лондон, со реприза на претставата „Тоска“ која беше одлично оценета од професионалната критика.

Во оперската историја Анџела Георгиу се смета за редок феномен. Таа не само што е исклучителна пејачка и глумица, туку нејзината неверојатна вокална техника и музичка интелигенција придонесуваат кон тоа  таа да има магнетска привлечност на сцената која привлекува публика низ целиот свет.

 

Чипријан Теодорашку – диригент

Романскиот диригент Чипријан Теодорашку дипломира на Националниот универзитет за музика во Букурешт, а потоа започнува богата уметничка кариера во Националната опера во Букурешт, а настапува и надвор од родната земја. Неговиот репертоар вклучува повеќе од 40 оперски и балетски наслови, како и мјузикли и дела од вокално-инструменталната литература. Соработувал со истакнати уметници како: Анџела Георгиу, Алберто Риналди и балетските играчи Алина Кожокару и Стивен Мекре на турнеи во Шпанија, Германија, Јужна Кореја и Белгија.

 

Програма:

 

Џ. Верди: Увертира од операта „Моќ на судбината“

Ф. Чилеа: „Del sultane amurate… Io son l’umile ancella“ од операта „Адријана Лекуврер “

Џ. Пучини: „In quelle trine morbide” од операта „Манон Леско“

А. Хачатуријан: „Адаџо и валс“ од балтеот „Спартак“

Ж. Бизе: Увертира и хабанера од операта „Кармен“

С. Прокофјев: Извадоци од балетот „Ромео и Јулија“

Џ. Пучини: „Donde lieta usci” од операта „Боеми“

Џ. Пучини: „Un bel di vedremo” од операта „Мадам Батерфлај“

Ш. Гуно: „Валс“ од операта „Фауст“

А. Каталани: „Ebben ne andro lontana” од операта „Ла Вали“

Ј. Брамс: Унгарски танц број 5

Е. де Куртис:  Non ti scordar di me

Дата

12 Јул 2023
Expired!

Време

21:00

Цена

MKD3,000.00

Категорија

музичка програма
Антички театар

Локација

Антички театар
Антички театар Охрид

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *