Свечено затворање на фестивалот; Театарска претстава „Приказната на Електра“ од Сашо Димовски

Европска премиера на театарската претстава

„Приказната на Електра“

Од Сашо Димоски

Режисер: Дејан Пројковски

 

Театарска асоцијација на Јужна Кореја, АРТЕМА – Театарска лабораторија и НУ „Охридско лето“

 

Оваа инсценација на митот за Електра има цел да создаде универзален сценски јазик чија парадигма се потпира на синтезата меѓу силните аудиовизуелни слики, говорот на телото и минималниот јазичен текст.

Митот за Електра, кој во својата основа ја има одмаздата на децата за убиениот татко, насочена кон сопствената мајка, одново ќе ги донесе на сцената вечните етички теми кои ги тангираат семејните релации, општествените корозии и потребата од катарза.

Дејан Пројковски и Сашо Димоски ја започнаа својата соработка во 2022 година со претставата „Инферно“, базирана на „Пеколот“ од Данте Алигиери, каде драматургијата е дело на Димоски, а режијата на Пројковски. Оваа мегапродукција на Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ од Велес беше високо оценета од публиката и критиката, истакнувајќи ја уникатната визуелна и аудитивна атмосфера. Од тогаш, нивната креативна алијанса продолжи со значајни проекти кои ја осветлија театарската сцена во Македонија и пошироко.

Во 2024 година, под режисерската палка на Пројковски, ја реализираа претставата „Демони“, адаптација на романот на Фјодор Достоевски, која како продукција на Националниот театар во Дебрецин, Унгарија, беше прогласена за најдобра претстава на сезоната во категоријата драма, опера, балет.

Претходеше „Собирачи на пердуви“ во 2023 година, претстава базирана на сценариото на Александар Петровиќ од истоимениот култен филм, со драматургија и адаптација на Сашо Димоски и режија на Дејан Пројковски. Оваа мегапродукција на Српскиот народен театар од Нови Сад ја освои првата награда на фестивалот „Театар во тврдината“ во јуни 2024 година во Смедерево. Истата година ја изведоа и претставата „Рацин“, посветена на животот и делото на Кочо Рацин, со текст на Димоски и режија на Пројковски, која имаше премиера на фестивалот „Охридско лето“ и освои три награди на МТФ „Војдан Чернодрински“.

Овие проекти се дел од плодната соработка која Димоски и Пројковски ја негуваат, создавајќи автентичен театарски ракопис што значително го збогатува и развива театарот во регионот, а нивните индивидуални интернационални кариери се препознатливи и наградени дома и во странство.

 

Уметнички директор: Џеунг Ву Сон

Асистент на режија: Мари Шин

Текст и драматургија: Сашо Димоски

Дизајн на светло: Џеонгсу Ли

Кореографија: Кјунгеун Ли

Композитор: Сашко Костов

Сценографија и видеодизајн: Сергеј Светозарев

Дизајн на костими: Раде Василев

Главен продуцент: Џинјунг Јун

Продуцент: Хе Јеунг Чунг

 

Улоги:

Ким Чоин – Електра/Ифигенија

Ким Сеонг-ми – Клитемнестра/Касандра

Чои Минхјук – Орест

Јанг Мин Ки – Агамемнон

Ха Џин – Егист

 

  • 00

    Денови

  • 00

    Часови

  • 00

    минути

  • 00

    секунди

Дата

20 Авг 2025

Време

21:00

Цена

MKD400.00

Категорија

драмска програма
Центар за култура „Григор Прличев“

Локација

Центар за култура „Григор Прличев“

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *