Театарска претстава „Галеб“ од Антон Павлович Чехов
Режија: Нела Витошевиќ
Изведба: НУ Турски театар – Скопје, Р.С.Македонија
„Галеб“ е драма која зборува за театарот и љубовта. Во ова култно дело, Чехов на трагикомичен начин ни ја пренесува атмосферата за минливоста на животот, во која се испреплетува синџир од ликови со промашени животи, со несреќни судбини, невозвратени љубови, ставени во животни околности со кои не можат или не знаат да се справат. Во претставата ние се обидовме да навлеземе длабоко во тие ликови и да направиме едно современо видување на „Галеб“ и отворивме две важни теми: конфликтот помеѓу две генерации (постара и помлада) и последиците од невозвратена љубов. Ставивме акцент и на проблемот на тоа како постарите генерации играат улога во кршењето на соништата на помладите и како го убиваат детето во нас. Оваа драма ја сакам уште од моите студентски денови и сите заедно ја сработивме со голем мерак.
Нела Витошевиќ, режисер
„Замислете пишувам драма. Пишувам со задоволство, иако многу се судирам со барањата и потребите од страна на театарот. Започнав форте, а завршив со пианисимо, спротивно на правилата на драмската уметност.“ (А.П. Чехов за „Галеб“ во писмо до неговиот пријател Суворин, 1895 година)
Прашањето кое се поставува за делата на Чехов не е – зошто во драмите нема класична драмска приказна, туку зошто таа драмска приказна не им е потребна? Чехов не го интересира ни драматичното само за себе, ниту пак безначајното само за себе, него пред сѐ го интересира односот помеѓу тие два вида на случувања и што се добива со нивното постојано судирање, испреплетување, среќавање.
И заради тоа што Чехов повеќе го интересираат односите меѓу ликовите и односот помеѓу ликовите и околината, стварноста во која живеат, повеќе отколку што го интересираат последиците, не може да се сложиме со првичната слика за неговите дела дека ништо не се случува, напротив во Чехов се случува и повеќе од што е потребно.
Крајот во драмите на Чехов не е ни конечна дефиниција, ни конечна пресуда, крајот е тајна која останува да лебди во воздухот додека светлата не се изгасат во гледалиштето.
Викторија Рангелова, драматург
Нела Витошевиќ е театарскa режисерка, која високото образование и магистерските студии ги заврши на Факултетот за драмски уметности во Скопје, под менторство на професорот Слободан Унковски. Од 2011 до 2015 година работи и ако демонстратор на истиот факултет, на отсекот по актерска игра. Нејзината кариера успешно започнува со дипломската претстава „Чикашки перверзии“, на Дејвид Мамет, поставена и изведувана во Драмскиот Театар – Скопје. Понатаму нејзината кариера се развива со претставите „Вејка на ветерот“ од Коле Чашуле , „Да тргнеме Сењор“ од Ана Ристоска и „Макбет“ од Вилијам Шекспир; во Македонскиот Народен Театар, „Странци “ од Филипо Болоња и „Мојот маж“ од Румена Бужаровска во Драмскиот театар; „Сон на летната ноќ“ од Вилијам Шекспир, „Змејовата невеста“ од Димитар Молеров, „Казимир и Каролина“ од Еден Фон Хорват во Прилепскиот театар, „Жена од Минатото“ од Роланд Шимелфенинг и „Созвездија“ од Ник Пејн во Кумановскиот театар, „Стари времиња“ од Харолд Пинтер во Охридскиот театар и многу други. Со претставата „Змејовата невеста“, Нела ги освои и главните државни награди и признанија за театар – награда за најдобра режија и награда за најдобра претстава на фестивалот Војдан Чернодрински. Таа е еден од основачите на независен театар Wonderland Theatre кој донесе свежина и поинаков пристап на независната театарска сцена во Македонија. Таа таму има направено неколку претстави: „Фирма“ од Р. Шимелфенинг, „5:17“ од Ана Ристоска, „Брод за кукли“ од Милена Марковиќ, и авторскиот проект „Работи за кои не зборуваме“. За претставата „Брод за кукли“ ја добива главната награда од жирото, за најдобра претстава на фестивалот МОТ. За нејзината работа во театар таа има добиено околу 20-тина награди, а нејзините претстави се играле на повеќе фестивали во земјата и Европа. Во моментов е вработена како режисер во Македонскиот Народен Театар.
Улоги:
Ирина Николаевна Аркадина Трепљова- Несрин Таир
Константин Гаврилович Трепљов – Хакан Даци / Осман Али
Петар Николајевич Сорин – Џенап Самет
Нина Михајловна Заречна – Стефанија Начевска / Сузан Акбелге
Маша – Ебру Мусли
Борис Алексеевич Тригорин – Селпин Керим
Евгениј Сергеевич Дорн – Метин Ибрахим
Семјон Семјонович Медведенко – Неат Али
Сценографија: Костантин Трпеноски
Костимографија: Роза Трајчевска – Ристоска
Претставата трае 2 часа и не се препорачува за лица помлади од 16 години