
Театарска претстава – Монодрама „Сите најубави нешта“ според Данкан Мекмилан
Театарска претстава – монодрама
Сите најубави нешта од Данкан Мекмилан
Режисер: Дејан Пројковски
Охо продукција, Скопје
Монодрамата „Сите најубави нешта”, напишана од еден од најактуелните британски автори Данкан Мекмилан, претставува ведро и духовито патување низ животните лузни на еден човек, кој правејќи го списокот на сите најубави нешта за кои вреди да се живее, театарскиот простор го претвора во утроба од која се раѓа колективната надеж.
Запознавајќи ја публиката со неговото милениче, неговата најголема љубов, неговото семејство, психичките проблеми на неговата мајка и траумите кои доаѓаат со тоа, протагонистот го руши четвртиот ѕид на еден досетлив, скокотлив начин и почнува да ги меша реалноста и фикцијата, потенцирајќи дека сѐ убаво и сѐ лошо што ни се случува е природно, ни припаѓа на сите подеднакво, суптилно прелевајќи го животот во театар и обратно.
Игор Ангелов е еден од најпознатите македонски актери, кој својот неверојатен актерски потенцијал го има потврдено во многу театарски и филмски проекти, како во Македонија, така и во Бугарија и Србија. Дел е од ансамблот на Драмски театар Скопје. Ова е негова прва монодрама за која изведбите се распродаваат со неверојатна брзина, со што се потврдува нејзината уметничка, естетска и перформативна вредност.
Дејан Пројковски е еден од најдобрите и најзастапените режисери на Балканот и пошироко. Во неговиот професионален опус, не постои претстава која ја има режирано, а која има поминато незабележително и без награда на некој од најзначајните регионални фестивали.
Автор: Данкан Мекмилан
Настапува: Игор Ангелов
Режија: Дејан Пројковски