Трио „Инсендио“, Чешка
Трио „Инсендио“, Чешка
Каролина Франтишова – пијано
Филип Зајков – виолина
Вилем Петрас – виолончело
Триото „Инсендио“ е основано во 2016 година во Прага. Од формирањето до денес освојува низа награди на повеќе национални и меѓународни натпревари за класична музика како што се: „Џани Бергамо“ во Лугано, „Куп“ наградата во Кремона, наградата на натпреварот „Марчело Понтило“ во Фиренца, награда на натпреварот „Бацевич“ во Лоѓ, „Масимилијано Антонели“ во Латина и на натпреварот „Бохуслав Мартину“ во Прага каде триото „Инсендио“ истовремено добија и специјална награда за најдобра интерпретација на дело од Мартину. Неодамна Триото „Инсендио“ се закити со втора награда на натпреварот за камерна музика „Јозеф Јоахим“ во Вајмар (прва награда не е доделена).
Триото е дел од Европската академија за камерна музика каде млади ансамбли добиваат можност да работат и да учат со исклучителни уметници и професори како: Хато Бејерле, Јоханес Мејсл (членови на квартетот „Артис“), Џулиус Бергер, Александер Лонкуих и др. Триото учествува и на бројни мајсторски курсеви меѓу кои и со Рајнер Шмит (квартет „Хаген“) и на два јавни мајсторски курсеви со Алфред Брендел посветени на клавирските трија на Шуберт во салата „Рудолфинум“ во Прага кои веќе се издадени на ДВД од издавачката куќа „Супрафон“.
Триото редовно учествува на Летната академија во Рајхенау организирана од Универзитетот за музика во Виена. На оваа академија се добитници на Виенската награда за класика, наградата „Бохуслав Мартину“, како и наградата доделена од Чешкото здружение за уметност и наука за најдобра изведба на современо дело од чешки композитор. Триото е добитник и на наградата за камерна музика на оваа академија, како и на наградата на публиката.
„Инсендио“ настапуваат во Република Чешка, но и надвор од неа. Досега имаат остварено концерти во некои од најзначајните концертни сали како салата на Берлинската филхармонија, „Вигмор Хол“ во Лондон, „Рудолфинум“ во Прага и настапуваат на фестивали како „Тичино музика“, камерната сезона на фестивалот „Прашка пролет“ и на фестивалот во Давос. Нивните концерти се високо оценети од публиката и критиката поради пасионираното музицирање, стилската јаснотија и убавина на звук.
Програма:
Ф. Лист: „Тристиа“ од „Долината на Оберман“ S. 378c (S. 723) за пијано трио
Б. Мартину: Пијано трио бр. 3 H 332
Allegro moderato
Andante
Allegro
-пауза-
А. Дворжак: Пијано трио бр. 2 оп. 26
Allegro moderato
Largo
Scherzo. Presto
Finale. Allegro non tanto