Вадим Холоденко, пијано (Украина)
Вадим Холоденко – пијано
Добитникот на златен медал на натпреварот „Ван Клaјбурн“, Владим Холоденко поседува редок квалитет на пијанизам и исклучителен талент што придонесува тој да добива покани за настапи со реномирани светски оркестри и во престижни концертни сали.
Неодамнешните и идните ангажмани го водат Холоденко како гостин на водечките оркестри во САД (Атланта, Синсинати, Индијанаполис и Филаделфија), на оркестрите во Европа (Фестивалскиот оркестар во Будимпешта, Данскиот национален оркестар, Филхармонискиот оркестар на „Ла Скала“, Лондонската филхаромонија и Симфонискиот оркестар нa Виена), како и во Азија и во Австралија. Во изминатите сезони бил резидентен артист на Симфонискиот оркестар во Форт Ворт (Тексас) и на Оркестарот на СВР Штутгарт во Германија. Во 2025 год. дебитира на фестивалот Би-би-си Промс, а соработува со некои од најпознатите диригенти на денешницата како: Карина Канелакис, Мјунг-Вун Чунг, Кристоф Ешенбах, Иван Фишер, Мари Жако, Кристијан Мачелару, Сузана Малки, Џема Њу, Сер Антонио Папано, Дима Слободениук, Томас Сондергард, Кшиштов Урбански и Казуки Јамада. Постојано баран како рецитален пијанист, тој е исклучителен камерен музичар и настапува меѓу другите со Клара Џуми-Канг, Анастасија Кобекина, Вадим Репин, квартетот „Белчеа“ и гудачкиот квартет „Ерусалим“. Има снимено повеќе албуми со виолинистката Алена Баева со која редовно настапува концертно, а заедничките настапи ги водат во Фиренца, Лондон и Париз.
За „Хармонија Мунди“ Вадим Холоденко ги снима концертите од Григ и Сен-Санс, комплетните концерти за пијано и оркестар од Сергеј Прокофјев и тие се високо оценети од магазинот „Грамофон“, се „избор на критичарите“ од страна на „Би-би-си мјузик магазин“ и ја добиваат наградата „Златен дијапазон“. Последниот албум издаден за „Кварц мјузик“ во 2022 година со Бетовеновите „Дијабели“ варијации и делото од `Ржевски „Обединетите народи никогаш нема да бидат поразени“ е одлично примен од стручната критика.
Холоденко е роден во Киев, започнува да учи пијано на шестгодишна возраст, а веќе на 13 години заминува на меѓународна турнеја. Учел во Државното училиште „Лисенко“ во Киев, а студирал на Конзерваториумот „П. И. Чајковски“, во класите на Наталија Гриднева, Борис Федоров и Вера Горностаева. Победник е на Меѓународниот натпревар Сендаи (2010), на Меѓународниот натпревар „Ф. Шуберт“ (2011), пред да го добие златниот медал на натпреварот „Ван Клајбурн“ во 2013 година. Вадим Холоденко живее во Луксембург.
