Концерт на камерниот оркестар на МММ „Саша Николовски- Ѓумар“ , Р.С. Македонија

Камерен оркестар на МММ „Саша Николовски- Ѓумар“

 

Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија постои 38 години и е основан како прв сегмент на Летниот музички камп на МММ во Охрид во 1986 година. Повеќе од 400 млади музичари биле дел од овој уникатен состав, а диригенти и уметнички раководители на оркестарот биле: Ф. Муратовски, Г. Коруновски, С. Николовски-Ѓумар, В. Николовски-Ѓумар, М. Спасов, Б. Цанев, А. Ремерајт, Б. Чадловска, О. Кондратенко, Миша Кац, Џанлука Мартиненги, Елена Митревска. Како признание за постигнатите резултати, во 1995 оркестарот беше поканет и одржа концерт во Будимпешта по повод 50-годишнината од основањето на Светската федерација на музичка младина. Оркестарот има остварено повеќе од 100 концерти добивајќи голем број позитивни критики и признанија, а на неговиот репертоар покрај делата од светската класика свое место наоѓаат и делата на современите македонски композитори. Веќе 38 години завршниот концерт на летната сесија на оркестарот е дел од програмата на фестивалот „Охридско лето“, а во последните  години и на фестивалите „Скопско лето“ и „Битолско лето“. Од 2018 година оркестарот го носи името на македонскиот диригент Саша Николовски-Ѓумар.

 

Иван Еминовиќ-диригент

 

Роден во Скопје, музика започнал да учи на шест годишна возраст, на одделот по пијано во нижото музичко училиште, а потоа и средно образование во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ во Скопје. На ФМУ во Скопје се запишува на одделот за оркестарско диригирање во класата на проф. Саша Николовски – Ѓумар. Во 2010 година дипломира со концерт во чест на проф. Коста Трпков, истовремено здобивајќи се со наградата на фондацијата „Томислав Зографски“ како најдобар студент на одделите за диригирање, композиција, музикологија и музичка теорија и педагогија. Во 2012 година магистрира со почести на истиот оддел, со операта „Рита“ од Гаетано Доницети. Како пијанист одржал бројни концерти низ Македонија и странство и добитник е на повеќе државни и меѓународни награди и признанија. Во јули 2018 година диригира со Сараевската филхармонија по повод отворањето на фестивалот „Башчаршиски ноќи“ во Сараево. Во неговото диригентско портфолио се вбројуваат повеќе продукции на Националната опера и балет меѓу кои: „Травијата“, „Набуко“, „Дамата со камелии“, „Кармина Бурана“, „Севилски бербер“, „Кавалерија Рустикана“, „Жизел“, „Риголето“, „Евгениј Онегин“, „Адриана Лекуврер“, „Дон Џовани“, „Турандот“, „Реквием“ од Моцарт, како и многу други концерти.

 

Енис Аљи- виолончело

 

Енис Аљи е роден во Скопје. Почнува да свири виолончело на единаесетгодишна возраст под водство на проф. Маре Видевска. Подоцна, се запишува во средното музичко училиште „Илија Николовски-Луј” во Скопје. Учествува на државни и меѓународни натпревари во Македонија, Албанија, Косово, Црна Гора и Србија и Франција каде што бил наградуван со први и специјални награди. По завршувањето на средното образование, ги продолжува студиите на Академијата за уметности во Тирана, Албанија, под менторство на проф. Дорина Ларо, а мастер студиите исто така ги завршува со највисока оцена на истата академија со истоимениот професор. Учествувал и свирел на повеќе семинари земајќи препораки од реномирани виолончелисти како што се: Анси Картунен, Анатоли Крастев, Карел Брендерхорст, Астрит Селита, Јоана Сахрин, Диего Суарез Фернандез и др.  Како оркестарски музичар соработува со значајни диригенти и солисти. Настапува како водач со ансамбли како што се Албанската филхармонија (Албанија) „Ансамбл XXI” (Финска), Музичка младина на Македонија (МММ), ансамблот „АРКО”, гудачкиот оркестар на Скадар „Скендербег”, гудачкиот оркестар „Таденус”. Дел е од состави како што се: гудачките оркестри „Профундис” и „Ајга”, оркестарот „Young Musicians European Orchestra” (Италија) како и националните институции на Филхармонија и Опера и Балет во Македонија и Албанија

 

Симеон Гошев -виолина

Симеон Гошев, роден е во 2003 година во семејство на музичари и со музиката е во контакт од најраното детството. Во 2009 година почнува да учи виолина во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во класата на проф. Ана Кондратенко, наскоро потоа започнува да настапува на државни и меѓународни натпревари. Образованието го продолжува најпрво во класата на проф. Румен Димитриев, а потоа со проф. Јелена Туфекчиевска. Во октомври 2022 година, тој започнува со студии на Музичката академија во Љубљана во класата на проф. Јанез Подлеска и асист. Ана Должан. Низ годините има освоено награди на многу меѓународни и државни натпревари. Во 2022 година ја добива наградата на „Фондацијата Илија Николовски-Луј“ за високи достигнувања во текот на школувањето, а во 2024 година освојува златна плакета и специјална награда за најдобра изведба на дело од словенечки автор на натпреварот „Темсиг“. Посетува семинари и мастер класи кај реномирани професори како: Благоја Димчевски, Пачалин Павачи, Емилио Перцан, Сихана Бадивуку, Вонџи Ким-Озим, Роберт Лакатош, Марко Симовиќ, Владимир Марковиќ, Галина Којчева, Петра Ковачич, Дан Жу,… Има одржано многу рецитали низ повеќе градови во земјава, а годинава (2024), одржа рецитал и во Љубљана во рамките на циклусот на Музичката академија „Соло е да камера“. Свирел како солист со оркестарот на Филхармонија на Р.С.Македонија и оркестарот на ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“. Член е и прва виолина на квартетот „Лаит“ и горд член е на камерниот оркестар на Музичка младина на Македонија „Саша Николовски-Ѓумар“, со кој има соработувано на многу проекти. Како хонорарен соработник свири во Словенечката филхармонија, Љубљанската опера и балет и нашата  Филхармонија. Настапувал на фестивалите „Охридско лето“, „Скопско лето“, академија „Рок класик“, Институтот „Фејмс“…

 

  • 00

    Денови

  • 00

    Часови

  • 00

    минути

  • 00

    секунди

Дата

30 Јул 2024

Време

21:00

Цена

MKD200.00

Категорија

музичка програма
Црква Св. Софија

Локација

Црква Св. Софија
Цар Самоил 88, Охрид 6000

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *