Ана и Игор Дурловски со Оркестар Ајга (С. Македонија)
Игор Дурловски – бас
Дурловски е роден во 1977 година во Битола, Македонија. Дипломира и магистрира на ФМУ во Скопје со највисоката оцена „Cum Laude“. Дебитира во Македонската опера и балет во 1999 година и има учествувано во петнаесетина нови продукции.
Неговата интернационална кариера започнува во 2001 година во Виенската камерна опера како Нонакоур во операта „Флорентинската сламена шапка“, а потоа следуваат улогите на Плуто во „Танцот на неблагодарните души“од Монтеверди, како и Плутоне во „Евридиче“.
Во сезоните 2009/2011 настапува во Државниот театар во Касел во Германија каде остварува десет нови продукции.
Во 2013 година дебитира во Операта во Лајпциг во Вагнеровата опера „Самовили“ која доживува своја реприза на престижниот фестивал во Бајројт.
Во 2014 година дебитира во Театарот во Линц во Австрија со улогата на Зарастро, а следната година и во Државниот театар во Штутгарт.
Во 2016 година ја толкува улогата на Тимур во „Турандот“ во Макао (Кина), а следната година е дел од продукцијата на операта „Аида“ во Хонг Конг.
Настапувал со филхармониските оркестри во Белград и во Москва, како и со Македонската филхармонија. Има настапувано во дваесетина држави на повеќе континенти.

Ана Дурловски – сопран
Македонската сопранистка Ана Дурловски студиите ги завршува на ФМУ – Скопје, а на оперската сцена дебитира како Лучија од Ламермур во истоимената опера на Доницети во Македонската опера и балет, по што ѝ се отвораат и вратите на оперите во Србија, Босна, Хрватска и во Албанија.
Во 2006 година таа дебитира во Виенската државна опера како Кралица на ноќта во Моцартовата „Волшебна флејта“, улога која ја повторува и во Баварската државна опера, во Берлинската опера и во Германската опера во Берлин.
Од 2006 до 2011 година Дурловски е член на оперскиот ансамбл на Операта во Мајнц каде ги пее улогите на Лучија („Лучија ди Ламермур“), Софи („Кавалер со роза“), Музета („Боеми“) и Манон („Манон“). По овој ангажман, Дурловски станува еден од солистите ангажирани во Државната опера во Штутгарт, каде нејзината интерпретација на главната улога во „Месечарка“ ѝ ја носи наградата „Фауст“ за најдобра женска улога доделена од германската стручна критика, а списанието „Опернвелт“ ја прогласува за „откритие на годината“. Во Штутгарт ги исполнува и улогите на Моргана („Алчина“), Фоли („Плате“), Сестра Констанцa („Дијалози на камрелиќанките“), Цербинета („Ариадне“), Виолета („Травијата“), Олимпија („Хофманови приказни“), Елвира („Пуритани“) и Норина („Дон Пасквале“).
Во Мадрид настапува како Розина во „Севилскиот берберин“, а е Кралица на ноќта и Олимпија. Во 2014 година дебитира во њујоршката „Метрополитен“ како Кралица на ноќта, улога која ја одбележува нејзината кариера со која настапува и со Берлинската филхармонија на Фестивалот во Баден-Баден под диригентската палка на сер Сајмон Ратл, како и во Мадрид, во Берлин и на Фестивалот во Брегенц.
Во Дрезден ја исполнува улогата на Џилда во „Риголето“, а на престижниот фестивал во Бајројт ја изведува улогата на Валдвогел во „Зигфрид“ во 2016 и 2017 година.
Други проекти ги вклучуваат Лучија ди Ламермур во Грац и во Хамбург, ја пее главната улога во „Алчина“ во Стразбур и во Дармштад и е Маргарита во „Хугеноти“ во Манхајм, како и Дона Ана во Театарот во Билефилд. Добитничка е и на признанија од списанието „Opernglas“ за улогите на Амина и Фоли.
Нејзината успешна кариера ѝ носи соработки со светски познати диригенти и солисти како: сер Сајмон Ратл, Јонас Кауфман, Адам Фишер, Прити Јенде, Рејчел Вилис-Соренсен и др. Активна на концертната сцена, Дурловски настапува со Берлинската филхармонија, со Симфонискиот оркестар во Шангај, со Оркестарот на Минхенското радио, со Филхармонијата во Штутгарт и др.
Од 2015 година Ана Дурловски е носителка и на највисокото државно признание – титулата „Национален уметник на Р. Македонија“.

Камерниот оркестар „АЈГА“ е формиран во септември 2022 година. Идејата за формирање на ансамбл од ваков тип, пред сѐ, произлезе од недостатокот на камерни состави во државата што на својот репертоар изведуваат дела од автори од различни стилски епохи и правци, каде посебен акцент е ставен врз творештвото на современите композитори. Во оркестарот членуваат истакнати имиња на концертната сцена кај нас, предводени од концерт мајсторот Ева Богоевска.
Оркестарот во различни формации (камерен, гудачки, симфониски) реализира повеќе концерти што предизвикаа бројни воодушевувачки импресии и кај публиката и кај музичката критика. Зад диригентскиот пулт на овој оркестар застанале домашни и странски диригентски имиња, меѓу кои се: Борјан Цанев, Вернер Ерхард, Виктор Митревски, како и Ана Спасовска, диригент и воедно еден од основачите на оркестарот. Како солисти, со Ајга настапиле врвни странски и домашни уметници, меѓу нив: Иво Погорелиќ, Ана и Игор Дурловски, Симон Трпчески, Кирил Трусов, Маријана Херциг, Владимир Костов, Горан Јанев, Маја Чанаќевиќ и др.
Оркестарот остави исклучителен впечаток кај публиката со неповторливите изведби на делата од македонските композитори: Тодор Скаловски, Љубомир Бранѓолица, Љупчо Константинов, Ристо Аврамовски, Стојан Стојков, Александар Пејовски, Дамјан Темков, Ана Пандевска, Бојана Петровиќ Алексова, Михајло Штерјев и Филип Иванов.
Музичката критика во досегашните настапи на камерниот оркестар Ајга ја истакнува емоцијата на музичкиот израз и впечатливата интерпретација.

Ана Спасовска – диригент
Ана Спасовска е родена во Скопје. Таа е добитник на угледни диригентски признанија, меѓу кои стипендист на Меѓународниот натпревар и фестивал „Жорж Енеску“ во 2024 година и е дел од престижната менторска програма „Таки-Алсоп“ 2024–2025, преку која остварува соработка со Марин Алсоп. Во 2022 година ја освои Првата награда на Меѓународниот натпревар за оркестарско диригирање во Сегед, Унгарија. Своето диригентско деби го остварува со Симфонискиот оркестар на Дубровник и оттогаш има диригирано со бројни оркестри низ Европа и низ Америка, вклучувајќи го Националниот радиосимфониски оркестар на Полска, Македонската филхармонија, Националниот унгарски симфониски оркестар на Сегед, Софиската филхармонија, Романскиот младински оркестар, Филхармонија Банатул – Темишвар, Симфонискиот оркестар на Универзитетот „Шеперд“ и „Њу ворлд симфони“.
Таа е уметнички раководител на камерниот оркестар „Ајга” во Скопје, со кој настапува меѓународно, вклучувајќи го и настапот на ЕКСПО во Осака (2025) во Јапонија. Спасовска соработувала со истакнати домашни и странски солисти како: Иво Погорелиќ, Симон Трпчески, Кирил Трусов, Ана и Игор Дурловски.
Од 2024 година работи како гостин асистент диригент на Националниот радиооркестар на Франција во Париз, а исто така како асистент диригент беше дел од програмата на Европската престолнина на културата во 2023 година.

Програма:
МАКЕДОНСКИ ТРАДИЦИОНАЛНИ ПЕСНИ
Аранжмани за оркестар: Сони Петровски
Увертира
„Си заљубив едно моме”
„Ленка Пингова”
„Што да правам, што да чинам”
„Пајдушко”
„Нели ти реков моме Донке”
„Oj ти момче Охриѓанче”
Интерлудиум I
„Невеста жито требеше”
„Дејгиди луди млади години”
„Излегу да се мамо рашета”
„Кажи Анѓо”
Интерлудиум II
„Стојне бре Стојне”
„Назад назад Калино моме”