Симфониски оркестар „Нингбо“ – Кина
Симфониски оркестар Нингбо
Симфонискиот оркестар Нингбо е формиран во 2015 година од страна на Општинското биро за култура, радио, телевизија и туризам, а за негов уметнички директор е поставен познатиот диригент проф. Ју Фенг. Од основањето, па до денес, оркестарот се стреми да биде првокласен ансамбл кој ќе остварува успеси на домашната, но и на меѓународната сцена. Со атрактивните пакети за вработување, овој оркестар успеал да привлече 100 кинески музичари школувани низ светот и со тоа да се постави на кинеската музичка сцена. Во 2017 година е откриена првата комплетна сезона на оркестарот со диригенти како: Ју Фенг, Лонг Ју, Ли Шинсао, Лу Џиа, Жанг Гуојонг, Шу Жонг, Јанг Јанг и Лин Даје, но и Улрих Виндфур и Петр Попелка. Солистичките имиња ги вклучуваат виолинистот Нинг Фенг, виолончелистот Кин Ливеи, како и повеќе кинески пијанисти кои одлично котираат на домашната и на меѓународна концертна сцена.
Покрај делата од светската класична музичка ризница, овој оркестар изведува и оригинални композиции напишани за нив како „Порта кон светот“, „Нингбо Партита“ и „Добре дојдовте во Нингбо“, додека пак операта „Еленов крик“ создадена заедно со Нингбо перформанс и арт групата е наградена со националното признание „Најдобро дело“. Оркестарот активно партиципира во прославата по повод 70 години од создавањето на Кинеската репубика на плоштадот Тјанмен, на отворањето на 15-от Азиски уметнички фестивал, како и на отворањето на ЕКСПО во Кина. Интернационално, настапуваат на турнеи во Италија, Полска, Бугарија и Јужна Кореја.
Преку нивната програма за културна размена, оркестарот станува еден од главните промотори на урбаната култура во Нингбо, а преку Летниот фестивал на мајсторски курсеви кои се случува, буквално, насекаде низ градот, оркестарот успева да ја рашири музиката и да ја доближи до сите граѓани. Исто така, оркестарот е организатор на Меѓународниот вокален натпревар во Нингбо кој во 2023 година привлече 417 натпреварувачи од 5 континенти и од 43 земји.
Симфонискиот оркестар Нингбо е вистински промотор на градот, претставувајќи високи културни достигнувања и постојан стремеж кон уметнички квалитет.
Ју Џи-диригент
Младиот и талентиран диригент Ју Џи е асистент диригент на Кинескиот филхармониски оркестар и е дел од „Кругот на уметници“ кои се дел од Националната програма за исклучителни млади диригенти.
Во 2012 година, тој се запишува на студии по диригирање во класатана проф. Ју Фенг на Националниот конзерваториум за музика, каде во 2017 година и магистрира.
Тој е еден од селектираните кандидати за престижната програма за млади диригенти финансирана од Националната фондација за уметности, преку која добива можност да учи од реномирани диригенти како Ју Лонг, Жанг Гуојонг, Јап ван Цвејден, Јоханес Шлефли и Томас Зандерлинг. Во 2017 година преку глобална аудиција е избран да биде дел од мајсторскиот клас на Академијата „Мењухин“ во Швајцарија, а во 2018 година запишува студии по композиција во класата на Џулија Вулф на Универзитетот во Њујорк.
Досега има соработувано со голем број кинески оркестри меѓу кои Кинеската филхармонија и опера, оркестрите во Хангжу, Шангај и Ченгду,како и со оркестри во Италија и Швајцарија.
Посветен е на промоцијата на современата кинеска музика и е еден од основачите на Ансамблот „Новел“, камерен оркестар за современа музика каде извршува функција на диригент и уметнички директор.


Програма:
Жу Житонг: Нингбо Увертира
Жанг Шуаи: Панда Свита за жуди и оркестар
– Allegro Con Brio
– Largo Dolente
– Moderato Abbandono
–пауза–
Традиционална кинеска: Месечина отсликана во втората пролет
В. А. Моцарт: Симфонија бр. 36 „Линц“ C-dur K. 425
– Adagio – Allegro spiritoso
– Andante
– Menuetto
– Finale. Presto