Симфониски оркестар „Нингбо“ – Кина
Симфониски оркестар Нингбо
Симфонискиот оркестар Нингбо е формиран во 2015 година од страна на Општинското биро за култура, радио, телевизија и туризам, а за негов уметнички директор е поставен познатиот диригент проф. Ју Фенг. Од основањето, па до денес, оркестарот се стреми да биде првокласен ансамбл кој ќе остварува успеси на домашната, но и на меѓународната сцена. Со атрактивните пакети за вработување, овој оркестар успеал да привлече 100 кинески музичари школувани низ светот и со тоа да се постави на кинеската музичка сцена. Во 2017 година е откриена првата комплетна сезона на оркестарот со диригенти како: Ју Фенг, Лонг Ју, Ли Шинсао, Лу Џиа, Жанг Гуојонг, Шу Жонг, Јанг Јанг и Лин Даје, но и Улрих Виндфур и Петр Попелка. Солистичките имиња ги вклучуваат виолинистот Нинг Фенг, виолончелистот Кин Ливеи, како и повеќе кинески пијанисти кои одлично котираат на домашната и на меѓународна концертна сцена.
Покрај делата од светската класична музичка ризница, овој оркестар изведува и оригинални композиции напишани за нив како „Порта кон светот“, „Нингбо Партита“ и „Добре дојдовте во Нингбо“, додека пак операта „Еленов крик“ создадена заедно со Нингбо перформанс и арт групата е наградена со националното признание „Најдобро дело“. Оркестарот активно партиципира во прославата по повод 70 години од создавањето на Кинеската репубика на плоштадот Тјанмен, на отворањето на 15-от Азиски уметнички фестивал, како и на отворањето на ЕКСПО во Кина. Интернационално, настапуваат на турнеи во Италија, Полска, Бугарија и Јужна Кореја.
Преку нивната програма за културна размена, оркестарот станува еден од главните промотори на урбаната култура во Нингбо, а преку Летниот фестивал на мајсторски курсеви кои се случува, буквално, насекаде низ градот, оркестарот успева да ја рашири музиката и да ја доближи до сите граѓани. Исто така, оркестарот е организатор на Меѓународниот вокален натпревар во Нингбо кој во 2023 година привлече 417 натпреварувачи од 5 континенти и од 43 земји.
Симфонискиот оркестар Нингбо е вистински промотор на градот, претставувајќи високи културни достигнувања и постојан стремеж кон уметнички квалитет.
Абзал Мухитдин – диригент
Абзал Мухитдин дипломира на Универзитетот во Јорк во Велика Британија, како и на Националниот конзерваториум во Алмати во Казахстан. Од 1998 година, па наваму основа повеќе ансамбли во неговата земја вклучувајќи ги „Камерата Казахстан“ (1998), Филхармонискиот оркестар на Астана (1999), Националната опера и балет „Баисетова“ (2000), Камерниот оркестар „Ла Примавера (2003), како и Операта во Астана (2013). Маестро Мухитдин е постојан диргиент на Операта во Астдана и уметнички директор на Филхармонијата во Астана. Диригира оперски, балетски и симфониски репертоар во родната земја и надвор од неа, но сепак наоѓа време и за камерна музика и за педагошка работа.
Тој е извонреден и сензибилен музички соработник и настапува со некои од водечките ѕвезди на денешницата како: Роберто Алања, Ана Нетребко, Марчело Алварез, Паек Кону, Денис Мацуев, Илдар Абдразаков, Вадим Репин и многу други. Неговиот репертоар вклучува повеќе од 1000 дела од симфонискиот репертоар, камерна музика и повеќе од 50 оперски и балетски наслови. Диригира на светските сцени во „Карнги Хол“, Операта „Бастилја“, оперските куќи во Дубаи и Рим, Театарот „Карло Феличе“ , театрите „Бољшој“ и „Марински“, холандскиот „Доелен“ во Ротердам и др. Инаугуративната претстава во Операта во Астана под негово водство е снимена и емитувана од музичкиот канал „Мецо“ во 2015 и 2016 година.

