Стефан Миленковиќ; „Камерата Нови Сад“

Стефан Миленковиќ – виолина, Србија
„Камерата“ – Нови Сад, Србија
„Кармина Бурана“

 

Пролог

 

Отсекогаш сакав да ја свирам „Кармина Бурана“, но сметав дека во суштина тоа е невозможно. Бидејќи ова дело е напишано за голем оркестар, неколку хора и две пијана, ми се чинeше дека секој обид композицијата да се „скроти“ за помала формација би бил во најмала рака исклучително тежок. Но соништата се тука за да се сонуваат, и кога неодамна „тркалото на среќата“ застана на вистинското поле- се запознав со Ана Крстајиќ  и со нејзиниот несекојдневен и разновиден композиторски стил. Тогаш знаев дека визијата може да стане реалност.

Ова уникатно дело се заснова на 254 манускрпити на средновековни песни од XI, XII и XIII век откриени во бенедиктинскиот манастир во Бојерн, Баварија. Песните се дело на Голијардите- верски студенти, уметници и музичари кои ја пропагирале идеологијата на уживање и препуштање, пишувале песни кои истовремено биле креативни, дрски и бунтовни, но и иронични, полни со хумор и пред сé – песни кои го слават животот. Иако овие поеми се откриени во 1847 година, Карл Орф не дошол во контакт со нив до 1934 година кога со помош на Михаел Хофман, студент по право и латински јазик направил селекција на 24 песни за кои одлучил да напише музика во форма на „сценска кантата“.

Орф бил голем поборник на драмскиот концепт „Тheatrum Mundi“- Театар на Светот во кој музиката, движењата и говорот се неразделни. Тука органски совршено се вклопува едно од бунтовните начела на Голијардите кое вели: „животот има огромен елемент на Среќа и Случајност- еден вид „тркало на среќата“’.  Овој концепт симболично се провлекува во целото дело „О фортуна“ (О Среќа), првиот став се повторува и на крајот, додека пак внатрешните ставови имаат форма на круг и се враќаат на почеток, како да ја „гонат сопствената опашка“, или пак, како да имаат еден вид мантричен квалитет на хипнотичко повторување. Тагата се претвора во среќа, очајот во надеж… Кога ќе го земеме сé ова предвид, јасно е дека тука постоел потенцијал за неодоливо „игралиште“ на генијалната креативност на Орф.

А ние уметниците? Стегната камерна формација, потполна слобода и препуштање на мигот во интерпретацијата, неограничени енергетски хоризонти.. Јас сум сосем убеден дека ние на сцената, земајќи го во прегратка ова монументално дело- се враќаме кон првобитната, интимна и непосредна верзија на оригиналната форма на овие песни кои во средниот век се свиреле, рецитирале и ги пееле во мали групи Голијардите- полни со полет, сатира и бунт, но пред сé полни со љубов и незгаслива желба да се живее.

Стефан Миленковиќ

 

Камерата Нови Сад

Ансамблот „Камерата Нови Сад“ , до неодамна познат под името „Камерата Академика“ од Нови Сад е основан во 1988 година во рамките на Академијата за уметности во Нови Сад. Во првиот период на делување, уметнички директор на ансамблот е виолончелистот Иштван Варга, и ансамблот настапува во сите големи градови во поранешна Југославија, на сите значајни фестивали како и на турнеја во Германија и Холандија. Оркестарот остварува бројни трајни снимки за радио и ТВ, и успешно делува сѐ до 1999 година кога заради околностите престанува да постои. Ансамблот е возобновен во 2007 година од виолончелистот Марко Милетиќ кој е на идеја да ја продолжи успешната традиција на Варга. Оркестарот го сочинуваат најдобрите студенти на академијата, професори, асистенти, доценти, а репертоарот е широк и успешно настапуваат со угледни солисти и диригенти. Оркестарот е еден од главните двигатели во кампањата за добивање на титулата Европска престолнина на културата која Нови Сад ја доби во 2022 година.

„Камерата Нови Сад“ редовно настапува на значајни фестивали во Србија, а минатата сезона настапија на отворањето на првата градска концертна сала во Нови Сад, гостуваа на фестивалот во Котор и на фестивалот за камерна музика во Нови Сад. Го започнуваат и проектот „Кармина Бурана“ со Стефан Миленковиќ. Уметнички раководител на ансамблот е Марко Милетиќ, а концерт мајстор е Роберт Лакатош. Од минатата сезона „Камерата Нови Сад“ е официјално градски камерен оркестар и работи под закрилата на Културниот центар на Нови Сад.





 

Извор:Banja Luka Fest

  • 00

    Денови

  • 00

    Часови

  • 00

    минути

  • 00

    секунди

Дата

Јул 22 2022

Време

21:00 - 21:00

Цена

MKD1,000.00

Категорија

музичка програма
Долни Сарај

Локација

Долни Сарај

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.