Театарска претстава „Чудна случка со кучето во ноќта“ од Сајмон Стивенс

Режија: Зоја Бузалковска
Продукција: НУ Драмски театар – Скопје, Р.С. Македонија

 

Драмскиот текст „Чудна случка со кучето во ноќта“ (The Curious Incident of the Dog in the Night-Time) од Сајмон Стивенс е всушност адаптација на популарниот, истоимен роман на Марк Хадон од 2003 година. Овој роман освои 17 престижни награди, Меѓу кои и Whitebread Award. Адаптацијата е напишана во 2012 година и со успех изведена прво во Националниот театар во Лондон.

Сместена во Свиндон и Лондон, приказната се однесува на 15-годишниот Кристофер Џон Френсис Бун, математички гениј, кој има неспецифично нарушување од аутистичен спектар. Кристофер треба да разреши една мистерија. Некој го убил соседското куче со вила и Кристофер е осомничен, па условно ослободен. Сакајќи да открие кој го убил Велингтон и одејќи спротивно на желбите и заповедите на татко му, Кристофер започнува истрага за убиството на кучето, поставувајќи му прашања и запишувајќи ги своите постапки и сознанија во книга. Кристофер има синдром на Аспагер (кој припаѓа на семејствотo аутистични нарушувања) и никогаш претходно самиот не отишол подалеку од крајот на улицата, но детективската работа го носи во опасно патување кое го распаѓа целиот негов дотогаш познат свет. Космосот на оној кој „не може да лаже“ (што е во дефиницијата на неговата состојба) е тектонски изместен од сознанието дека е жртва на лагите на родителот, најблиските, единствената вистинска потпора, изворот на доверба и сигурност.

Драмата темелно го преработува изворниот материјал. Наместо раскажувањето во прво лице како што е во романот, драмскиот текст претставува комбинација на односи и агли, од гледна точка на самиот Кристофер Бун, но и сите оние кои доаѓаат во допир со неговата книга или се дел од неа – неговата професорка, татко му, мајка му… Резултатот е драма во драма.

Она што „Чудна случка со кучето во ноќта“ ја прави возбудлив материјал за работа е темата што ја отвора овој текст. Тоа е светот на Кристофер, светот на „посебниот“, „различниот“, „отфрлениот“, „исмеаниот“, „потценетиот“. Во време во кое многу општества, па така и нашето, се борат за инклузија на луѓето со посебни потреби, да се работи еден ваков актуелен материјал се чини исклучително важно. Во таа смисла, претставата ќе има и едукативно – воспитна функција и ќе може да ја одреди за една од своите целни групи и младата тинејџерска публика. Од друга страна, пак, жанрот на црната комедија и на моменти сурово остриот, иако бескрајно духовит, јазик, ја носат пред сѐ во вечерните термини и ја усложнуваат нејзината улога.

 

Зоја Бузалковска

Зоја Бузалковска (Скопје, 1971 г.) е театарски режисер и професор по Актерска игра и по Театарска режија на Факултетот за драмски уметности – Скопје.  Во 1997 година дипломирала Новинарство на Правниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, а во 1998 година Театарска режија на Факултетот за драмски уметности, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје. Во 2010 година станува магистер на науки од областа на културолошките студии, а во 2011 г. и магистер на уметности, од областа на театарската режија. Од 2000 година, Бузалковска започнува хонорарно да соработува со ФДУ, каде подоцна се вработува и напредува во звања во класата на проф. Кирил Ристоски. Денес Зоја Бузалковска е редовен професор на ФДУ, со своја класа Драмски актери, а води и класа по Театарска режија.  Зоја Бузалковска активно режира во речиси сите релевантни театри во Република Северна Македонија, но работела и повеќе вонинституционални проекти. Некои од нејзините најзначајни остварувања се претставите „Ојдипус Тиранос Софоклеус“ (според Софокле), „Тхе Ловер“ (според група автори), „Поручникот од Инишмор“ од М. Мекдона, „Ждрело“ од Ж. Мирчевска, „Како се станува цар“ од А. Кирјаковска, „FESTEN/Прослава“ од Д. Елдриџ во Драмскиот театар во Скопје; „Вујко Вања“ од А. П. Чехов и „Песочна сложувалка“ во МНТ Скопје, а режирала и во театарот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп; и во театарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ во Велес. На независната сцена Бузалковска ги постави „АРТ“ од Ј. Реза и „Кротка“ од Ф. М. Достоевски со продукцијата „Проартс“ и Културниот центар „Точка“ во Скопје, „Спиноза“ од Г. Смилевски – копродукција на Мал драмски театар од Битола и Драмскиот театар од Скопје, активистичките „Време на забава“ по три едночинки на Х. Пинтер во МКЦ Скопје со театарската трупа „Гнев“ и „System Error“ од М. Стевановиќ во продукција на ФДУ Скопје. Зоја Бузалковска одвреме-навреме објавува проблемски текстови во театарски и академски списанија. Авторка е на текстот „Ангел-чувар“ и приредувач на поглавјето „Траги“ во книгата „Ненад Стојановски-споменар“, а нејзиниот текст „Лекции по актерство, педагогија, човештина“, посветен на актерот и професор на ФДУ-Скопје, Кирил Ристоски, е објавен во неговата монографија. Таа е еден од уредниците на монографијата „50 години ФДУ“. Во 2018 година, во издание на Театар на навигаторот Цветко во Скопје, излегува од печат нејзината книга „Разговори со УНКОвски“.

 

Играат:

Кристофер Бун:  ДАМЈАН ЦВЕТАНОВСКИ

Шивон:  ТРАЈАНКА ИЛИЕВА ВЕЉИЌ – ТАЦИ

Ед:  АЛЕКСАНДАР СТЕПАНУЛЕСКИ

Џуди:  ЕМИЛИЈА МИЦЕВСКА ТРАЈКОВИЌ

Г-ѓа Александер / Пош жена / Глас шест – СОЊА СТАМБОЛЏИОСКА

Г-ѓа Шиерс / г-ѓа Гаскоњ / Глас еден /  Жена во воз / Жена во паркот / продавачка – ЈАСМИНА ВАСИЛЕВА

Роџер(г-дин Шиерс) / Полицаец на смена / Глас два / г-дин Вајз / Човек од билетарницата / Пијаница Еден – ФИЛИП ТРАЈКОВИЌ

Полицаец Еден / г-дин Томсон / Глас Три / Пијаница Два / Човек со чорапи / Човек на телефон / Лондонски железнички полицаец / Лондонски полицаец – СТЕФАН ВУЈИСИЌ

Пречесен Петерс / Родри / Чичко Тери / Глас Четири / Полицаец на станица / Чувар на станицa – ЗЛАТКО МИТРЕСКИ

Број 40 / Глас Пет / Жена на улица / Информации / Панк девојка –  НЕЛА ПАВЛОВСКА

 

Сценограф: Константин Трпеноски

Костимограф: Елена Вангеловска и Раде Василев

Кореографија и free running техника: Симон Симоновски

 

Времетраење: 2 часа и 45 мин. со пауза

Претставата не се препорачува за лица помлади од 12 год

Дата

Јул 20 2022
Expired!

Време

21:00

Цена

MKD300.00

Категорија

драмска програма
Центар за култура „Григор Прличев“

Локација

Центар за култура „Григор Прличев“

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *