Завршен концерт на семинарот по виолина предводен од Емилио Перцан, Р.С. Македонија
Интернационалниот семинар за виолина, виола и камерна музика, под уметничко раководство на виолинистот Емилио Перцан постои од 2009 година. Првите три години се одржува во Истра, Р. Хрватска, за од 2014 година со поддршка на Министерството за култура на Р. Северна Македонија и на градот Охрид, да продолжи да се одржува во Охрид. Семинарот го посетуваат млади виолинисти од Русија, Германија, Австрија, Хрватска, Грција, Србија, Словенија, Босна и Херцеговина и земјава, а досега на семинарите учествувале повеќе од 150 ученици и студенти од овие и други земји. На семинарите, исто така, редовно учествуваат педагози и изведувачи, професионални музичари кои доаѓаат на усовршување. Како дел од семинарот традиционално се организираат и завршни концерти на најуспешните учесници, па така и оваа година тие ќе се претстават со концерт во рамките на фестивалот „Охридско лето“.
Македонскиот виолинист Емилио Перцан има активна педагошка и изведувачка кариера и соработува со уметници како: Викторија Мулова, Даниел Хоуп, Кент Нагано, Чен Реис, Рафаела Миланези, Михаел Рол, Јулија Лежнева, Ксавиер де Местре и др. Преку различни ангажмани Перцан настапува во најпознатите сали и на најпознатите фестивали низ светот како: салата на Берлинската филхармонија, салата на фестивалот во Баден-Баден, Оперската сала во Токио, концертната сала во Сао Паоло итн. Снима за дискографските куќи Deutsche Gramophone, Sony, Decca, Harmonia Mundi, Pan Classics, Onyx Classics. Од март 2015 година предава виолина на Универзитетот за уметност во Грац – Австрија, а од октомври 2020 година и на универзитетот „Калаидос“ во Цирих. Држи семинари по виолина, виола, камерна музика и предавања по историска изведба, методика во Германија( Schloss Akademie Hamburg), Русија (Чајковски конзерваториум, Гнесинска академија, Иполитовски институт), Австрија(Gifted in music), Италија, Киргистан, Украина итн. Неговите студенти се добитници на повеќе од 150 меѓународни награди.
Пијанистката Тамила Гулијева дипломира и магистрира со почести на музичката академија во Баку (Азербејџан), а продолжува да се усовршува на Универзитетот Фолкванг во Есен, каде од 2007 година е ангажирана и како предавач. Гулијева е добитничка на повеќе награди меѓу кои прва награда на националниот Фестивал за млади пијанисти и награда за Најдобар пијано-соработник во 1999 година. Со рецитали настапува како солист,но и со симфониски и камерни оркестри, а е официјален пијано соработник на мајсторските курсеви на Мстислав Ростропович, Табеа Цимерман, Квартетот „Форе“ и др.