Уметноста на свирење две пијана, во сферата на камерната музика на извесен начин е препознаена како посложена вештина во однос на свирењето во други камерни формации. Перкусивната природа на пијаното подразбира дека секоја нота се продуцира со прецизен удар, па во случајот на дуо пијано ако импулсите не звучат истовремено, звучната разединетост е забележлива и ја нарушува изведбата, колку и да е добра. Во таа смислa, содржаен, ама и добар концерт за дуо пијано претставува вистинско уживање за љубителите на пијанистичката уметност. Литературата за овој вид состави, започнува да се развива уште од времето на Бах, се пренесува во класиката кај Моцарт, а станува значаен дел од творештвата на композиторите од епохата на романтизмот и императив во современата музика на дваесеттиот и дваесет и првиот век.
Втората фестивалска вечер на „Охридско лето“ 2022, после блескавиот концерт на Свеченото отворање, со камерниот концерт за две пијана, ни покажа точно таква истенчена, префинета естетика на свирење пијано. Уметничкиот пар Ана Јосимовска Кањацо и Антонио Кањацо како камерно дуо делува од 2005 година во Словенија, а настапува во повеќе европски музички центри со програма за соло, четирирачно и дуо пијано. Настапот на овие софистицирани уметници на годинешново „Охридско лето“ претставува продолжеток на традицијата во Св. Софија редовно да слушаме дуо пијано – состави. Со сета почит кон останатите, ќе го издвоиме дуото Љупка Хаџи-Георгиева и Евгениј Корољов кои со своите извонредни изведби уште од доцните седумдесетти години на минатиот век станаа миленици на публиката во Охрид.
Концертот на камерниот состав со уметничко име „Анантонио“ беше претставување на обемен, класичен репертоар за дуо пијано. Двете Свити создадени во ист историски миг , околу 1900-тата година од две силни творечки фигури, Антон Аренски, често маргинализиран веројатно заради мислењето дека оригиналноста недостасува во неговиот стил и Сергеј Рахмањинов, за чија величина е излишно појаснување, ќе ги забележиме како одличен репертоарски избор за проникнување во богатата естетика на доцниот руски романтизам. Ана и Антонио Кањацо во двете моќни композиции покажаа дека владеат со цврсто дефинирана и усогласена пијанистичка техника и суптилно организиран динамички концепт. Овие Свити се низи од романтичарски хармонски решенија, артикулирани во сложена клавирска техника, што дуото темпераментни пијанисти со имагинативна интерпретација ги исполни под сводовите на црквата со потребните расположенија и карактери. Кај Аренски, тоа беа смели хармонии во „Прелудиумот“, едноставна мелодија надополнета со сјајни пасажи во „Романсата“, магично сновение во „Сонот“ (La Rêve) и суптилен виртуозитет во „Финалето“. А што да се каже за Втората Свита за две пијана од Рахмањинов…Таа бура од имагинација што е во целосна органска поврзаност со Вториот клавирски концерт на највеличествен начин ја одразува генијалната креативност што го запоседнала неговиот дух на почетокот на минатиот век. Со извесна техничка доминантност на женскиот дел, ќе потенцираме дека дуото „Анантонио“ со педантно читање на партитурата, ги освојува и ги интерпретира сите скриени пораки од повеќеслојниот свет на Рахмањинов. Ќе го издвоиме брилијантниот Валцер кадешто пијанистите покажаа изедначен и префинет виртуозитет. Звучната слика во сите ликови на Свитата ни долови дека имаме средба со исклучително надарени, но и мајсторски подготвени музичари.
Варијациите за две пијана од Јоханес Брамс, на незаборавната свечена тема од Јозеф Хајдн беа уште една потврда кон овој став. Ана и Антонио со видливо задоволство ги отсвирија разноликите вариетети, покажувајќи го богатството клавирски техники и драматичен динамизам што го прави Брамс великан на пијанистичката уметност. Сонорните акорди поврзани во длабоки полифони фактури типични за Брамс, ги слушнавме во одлично усогласена ритмичка пулсација, па така двете пијана прозвучеа како еден инструмент.
Сонатината „Ин Це“ за две пијана од македонскиот композитор Томислав Зографски како своевиден блесок уметниците ја изведоа во еден здив. Тоа е дело што во целост го одразува творечкиот лик на еден од нашите најзначајни македонски композитори на дваесеттиот век. Делото е создадено во далечната 1955 година во раниот период од творештвото, а многу подоцна, во последниот период од животот, во 1999 година авторот делумно ја преработува, па денес пијанистите ја изведуваат обновената верзија. Ана и Антонио едноставно уживаа во изведбата на Сонатината и со изразита леснотија и шарм нè потсетија на скерцозноста и острината во делата на Зографски.
Заедничкиот творечки живот на Ана и Антонио Кањацо низ вредно и посветено долгогодишно музицирање очигледно остварил силна поврзаност што создава одлична уметничка креација. Публиката во Св. Софија имаше можност тоа да го доживее.
Со вакви концерти „Охридско лето“ како и секогаш, ја покажува насоката по која треба да се движи музичката сцена во областа на камерната музика.
Викица Костоска Пенева – музиколог