Најдобар начин да внесете свежина во концертната програма на „Охридско лето“ е да поканите млади уметници. Магдалена, Ана и Каролин се три сестри што го сочинуваат гудачкото Трио „Супниевски“, девојки во своите дваесетти години, со полско потекло, израснати и школувани во Париз. Нивната биографија најавува „надежни таленти“, но веќе со првите отсвирени тактови сфаќате дека станува збор за сериозно професионален ансамбл со исклучително сугестивен и уверлив сценски настап. Покрај тоа, ако содржината ја сочинуваат грижливо одбрани пиеси очекувано е да присуствуваме на добар концерт.
Бетовеновата камерна музика е одличен избор за секој концерт зашто е одраз на неговиот величествен симфонизам во минијатура и секако е клучна за статусот на Бетовен како еден од најобожуваните композитори во историјата на западната музика. Серенадата во Де-дур за гудачко трио од 1797 е од раното творештвото и припаѓа во онаа категорија дела што во музиколошка смисла се нетипични за Бетовеновиот сериозен сензибилитет. Тоа се оние „полесни“ композиции наменети за забава на ноќните салонски „ивенти“ во времето на доцниот осумнаесетти век во Виена. Но сепак, инвентивноста на Бетовен се наѕира како специфика на оваа сјајна и допадлива пиеса преку најавата на еден од најпознатите мотиви во историјата на музиката воопшто. Мотивот од Петтата симфонија што се појавува во Маршот од Серенадата.
Младите уметници од Триото „Супниевски“ со особено прецизна кохерентност меѓу делниците на виолината, виолата и виолончелото ја изведоа Серенадата во еден здив оживувајќи го пред публиката во Св. Софија заборавениот салонско-виртуозен стил. Интерпретацијата на овој харизматичен ансамбл ги следеше сите финеси запишани во партитурата на Бетовен, со акцент на наглите динамички контрасти, толку препознатливи за неговата творечка индивидуа. Интонативно целосно стабилни и со техничка супериорност, талентираните уметници покажаа доволна индивидуалност во соло делниците, секоја на својот инструмент, а сепак слеани во складна звучна слика. Ентузијазмот со кој овие посебно талентирани уметници ги интерпретираат танцувачките „состојки“ во Менуетот, Скерцото и Варијациите едноставно ја плени публиката и не ја остава рамнодушна. Разбирливо, со особена елеганција ја изведоа Полонезата, што дополнително ја слушнавме и на бис, со нескриена желба да се нагласи полското потекло на уметниците.
Со изведбата на Интермецото за гудачи и Серенадата во Це-дур од унгарските композитори Золтан Кодај и Ернст фон Дохнањи, Триото „Супниевски“ само ги потврди импресиите што ги забележавме кај Бетовен, тоа е свирење со особена жестина и жар, толку својствена за младите уметници. Секако за публиката беше инетересно да слушне дел од творештвото на Дохнањи, помалку познат автор од епохата на доцниот романтизам. Низ јасен „разговор“ меѓу виолината, виолата и челото слушнавме меланхолично расположение во Романсата, артистичен виртуозитет во Рондото и особено впечатливо Скерцо, полно со перфектно отсвирена „хаотична“ полифонија. Освен чувството за природно водење на музичките фрази декорирани со одмерено вибрато и микро крешченда на долгите тонови, трите уметници едноставно танцуваат кога свират, создаваат бистар звучен израз преку кој музиката „говори“ јазик разбирлив за секого. Тоа е интерпретација што тежнее да се допадне, да оствари близок контакт со публиката, при тоа не надминувајќи ги границите на добриот вкус.
Иако неброен број пати повторена, уште еднаш ќе се потсетиме на вистината дека амбиентот и акустиката на црквата Св. Софија се едноставно незаменливи и на интимните концерти од овој вид им даваат дополнителна димензија.
Викица Костоска Пеневан – музиколог