Турскиот пијанист и композитор со четиридецениска плодна кариера Хусеин Сермет вечерва ќе настапи во рамки на музичката програма на „Охридско лето“. Концертот ќе се одржи во црквата „Света Софија“ во стандардниот фестивалски термин, 21 часот.
Сермет е уметник кого го отсликуваат разновидни музички интереси и исклучителната музичка визија која се огледува во широкиот и еклектичен репертоар и пијанистичка имагинативност.
Роден во Истанбул во 1955 година, студиите ги започнува на Музичкиот конзерваториум во Анкара за да продолжи во Париз, на тамошиот конзерваториум и на школата за музика „Алфред Корто“ во класите на Тјери де Брунхоф, Надја Буланже и Мари Курсио. Студирал композиција со Оливије Месијан, а за неговиот прв гудачки квартет е добитник на наградата „Лили Буланже“. Настапува низ целиот свет со познатите диригенти: Владимир Јуровски, Семјон Бичков, Дејвид Робертсон, Лоренс Фостер, Пабло Херас-Касадо, Џонатан Нот, Џејмс Гафиган и Ханс Граф, а како камерен музичар соработува со Марија Жоао Пирес, Готје и Рено Капусон. Гостин е на некои од најдобрите светски оркестри: Лондонската филхармонија и Кралската филхармонија во Лондон, Парискиот симфониски оркестар, Оркестарот на Минхенското радио, Симфонискиот оркестар во Луцерн, оркестрите во Бамберг, Токио, Шангај, Детроит и многу други. Настапува и во некои од најпрестижните пијанистички серии на рецитали во Лондон, Париз, Минхен, Лисабон, Копенхаген, Оксфорд и Лил.
Хусеин Сермет е активен и како композитор. Првата негова значајна композиција – „Сеќавања 1“ е премиерно изведена на Фестивалот Емпери во 1997 година, по што следи нарачка на дело за Симфонискиот оркестар во Токио- делото „Соништа и кошмари“ чија премиера е во 2004 година.
Многу од снимените материјали на Сермет за издавачките куќи „Наив“, „Хармонија мунди“ и „Ерато“ се наградувани од страна на влијателните музички магазини и избори за најдобри изданија. Тука се вбројуваат ЦД-то со делата за соло пијано на Равел, трите албуми со музиката на Шарл Алкан, избор на дела за пијано за четири раце заедно со Марија Жоао Пирес и снимката на сонатата на Лист и неговите последни дела за пијано.