Драмскиот текст „Чудна случка со кучето во ноќта“ (The Curious Incident of the Dog in the Night-Time) од Сајмон Стивенс – адаптација на истоимениот роман на Марк Хадон од 2003 година, кој во изминативе две децении стекна голема популарност и доби 17 престижни награди, меѓу кои и „Whitebread Award“ – е од редот на оние феномени што го прават театарот во светот „една сцена“ за сите. Од праизведбата во Националниот театар во Лондон во 2012, а потоа преку поставките на лондонскиот „Вест енд“, Мексико, Израел, Јужноафриканска Република, Јапонија, Австралија (турнеја низ сите поголеми градови), њујоршкиот Бродвеј, до премиерата на крајот на минатата година на сцената на скопскиот Драмски театар, ја покажува актуелноста на темата и нејзината способност да ги „вмрежи“ мотивите за „посебниот“, „различниот“, „отфрлениот“, „исмеаниот“, „потценетиот“. Или, на кратко, за аутистичните лица.
Но, текстот на оваа драма, колку што говори за нивните потреби, толку е погласен за нивните скриени и потценети способности. Отворено кореспондира со традицијата на детективските романи (Шерлок Холмс), но и „пипкањето“ по критичните општествени невралгични точки како што тоа го прават писателот на романот Хамон и неговите современици според сензибилитетот, како Ханиф Курејши (култниот роман „Буда од преградието“), Ник Хорнби („Стадионска грозница“, „ High Fidelity“, „Зас момчето“ и др.).
Таа општествена сензитивност е повеќе од податна за, би рекле, една експресија во сценското прикажување на сторијата во „брехтовски клуч“, покажувајќи ја од разни агли, па гледачот има можност да изведе објективна „пресуда“. Изведбата на поставката на Зоја Бузалковска на „Охридско лето“, на театарската сцена во Центарот за култура „Григор Прличев“ во траење од речиси три часа, беше одлична прилика да се увериме во тоа.
Со псевдодокументарниот стил во драматуршката структура, „Чудна случка со кучето во ноќта“ отвора можност за креирање „драма во драма“. Во фокусот на дејствието е 15-годишниот Кристофер Џон Френсис Бун, математички гениј, кој има неспецифично нарушување од аутистичен спектар – синдром на Аспагер – и никогаш претходно самиот не отишол подалеку од крајот на улицата во неговото гратче Свиндон. Кристофер има неверојатна дарба за математика и помнење, но не сака да биде допиран и не сака жолта боја: за илустрација, нешто слично како насловниот лик во холивудскиот филмски хит од крајот на осумдесеттите „Дождовниот човек“ (Rain Man) на Бери Левинсон, со Дастин Хофман (во насловната улога), Том Круз и Валерија Голино. И покрај тие дарби, Кристофер тешко се снаоѓа надвор од неговиот микросвет, во кој колку-толку се чувствува безбеден.
Драматизацијата на Стивенс ја заменува нарацијата во прво лице од романот, па неговиот текст е мозаик од различни видувања на Кристофер, неговата професорка, татко му, мајка му, сосетката…
Кристофер (Дамјан Цветановски) го наоѓа Велингтон, кучето на соседите, убиено со градинарска вила, и сосетката, г-ѓа Шиерс (Јасмина Василева) најпрвин го обвинува него. Полицијата го ослободува со опомена. Сакајќи да открие кој го убил кучето Велингтон, спротивно на забраната од татко му Ед (Александар Степанулески), Кристофер започнува сопствена истрага, која иако на почетокот изгледа наивна како детска игра, ќе му ги открие тајните во неговото семејство. Иако е на прагот да го постигне неговиот најголем успех во училиштето под патронатство на менторката Шивон (Трајанка Илиева – Вељиќ), која е неговата добра вила, Кристофер упорно „душка“ наоколу како пес, и сето тоа го запишува во нотесот. Колку што е построга забраната на татко му, толку е поголема желбата на Кристофер да ги открие односите во неговото семејство и соседството. Ги наоѓа писмата од неговата мајка Џуди (Емилија Мицевска Трајковиќ), за која татко му му рекол дека била болна и умрела.
Но, откако бабичката од соседството, г-ѓа Александер (Соња Стамболџиоска) ќе му открие дека мајка му била во љубовна врска со Роџер Шиерс (Филип Трајковиќ), сопственикот на кучето Велингтон, и дека заминала со него, Кристофер наспроти сите внатрешни социјални кочници и стравови тргнува на пат за Лондон. Сака да ја најде мајка му и да живее со неа, но дали таа ќе најде сили за мајчинството какво што му е потребно на Кристофер? И дали покајанието на татко му за неговото дотогашно однесување е доволно за прошка од страна на Кристофер?
Оикос (oikos) е антички термин кој означува основна општествена единица, домаќинство или семејна (наследна) линија, или едноставно куќа/дом, и е како создаден за алтернативно објаснување на поставката на „Чудна случка со кучето во ноќта“: што е семејството и што значи домот? А, уште поспецифично, каков дом и средина му се потребни на аутистично лице, какво што е Кристофер, но какви што се уште многу други околу нас, повеќе или помалку (не)видливи?
Зоја Бузалковска (Скопје, 1971 г.), театарска режисерка и професорка по Актерска игра и по Театарска режија на Факултетот за драмски уметности – Скопје, со дваесеттина режисерски поставки на современи и класични драмски автори во нејзиното авторско портфолио, во сите релевантни домашни театарски куќи, но и вонинституционални сцени, не ја пропуштила оваа прилика да ги спои професионалните предизвици во нејзините истражувања на режијата и актерската игра како професорка и теоретичарка.
Актерот Дамјан Цветановски е вистинско откровение: тој го игра главниот лик Кристофер, но и супериорно си „игра“ со ликот на полнокрвен начин во оваа негова улога-студија. Останатите актери Стефан Вујисиќ, Златко Митрески и Нела Павловска, кои настапуваат во по неколку ролји – впрочем, како и нивните споменати колеги – само го надополнуваат мозаикот на креативни изведби.
Потрагата по тој совршен, утописки оикос во „Чудна случка со кучето во ноќта“ има речиси френетичен сценографски ритам (Константин Трпеноски), низ минималистичкото решение со десеттина правоаголни и коцкести кутии/сандаци на соголената сцена, кои постојано го градат и разградуваат микрокосмосот на Кристофер. Такви се и костимите (Елена Вангеловска и Раде Василев), кои се функционални назнаки на десетината ликови низ кореографијата и free running техника (Симон Симоновски).
Секако дека претставата „Чудна случка со кучето во ноќта“ има и едукативно – воспитна функција во осветлувањето на ранливите категории и развивањето на свеста за нивните потреби, но тоа е само бонус остварен низ креативниот приказ на сцената.
Стојан Синадинов