„Војната заврши, барем на сцената. Театарот е живот, а животот е театар!“.
Со оваа реплика завршува поставката „Кротењето на опаката“ (оригинален наслов „The Taming of the Shrew“) од Вилијам Шекспир во режија на Викторија Шевченко, во изведба на Киевски академски регионален музички и драмски театар „П.К. Саксагански“ – Киев, Украина, со која беше отворена интернационалната театарска програма на „Охридско лето“.
Режисерката, актерите и екипата на претставата во продукција на драмскиот театар „П.К. Саксагански“ – насловен според актерот, режисер и драматург Панас Карпович Тобилевич, со уметничко име Саксагански (1859-1940), водечка личност на украинскиот театар во првата половина на 20 век – сè би дале со „љубовната војна“ да заврши и вистинската војна во Украина во таа прва августовска вечер во предворјето на Св. Софија, каде што ја одиграа нивната претстава. Но, самиот чин на изведба на претстава на некој украински театар во земјата и, како во случајот со драмскиот театар „П.К. Саксагански“, за прв пат на „Охридско лето“, им дава друга димензија на познатата максима за „штиците што значат живот“: како споменатата финална реплика од крајот на претставата, театарот е живот, а животот е театар, колку и да е суров и тежок.
Обично не се споредуваат разни театарски поставки со екранизирани видувања на вакви класични дела, но „Кротењето на опаката“ е прилично популарен наслов и како сентенца надвор од театарскиот свет, во популарната култура. Позната и под алтернативниот наслов во разговорен стил „Скротената горопадница“, како и по десетината екранизации на филм и телевизија – од кои најпопуларен наслов е „The Taming of the Shrew“ од 1967 во режија на Франко Зефирели, со Елизабет Тејлор и Ричард Бартон во главните улоги – „Кротењето на опаката“ често пати е користена и како синоним за многу женски личности низ историјата.
Напишана кон крајот на 16 век, „Кротење на опаката“ се смета за прва во трилингот комедии што ги создал Шекспир (1564-1616), во која спаѓа и „Комедија на забуни“, што подоцна станува термин за своевиден поджанр низ вековите. Колку за илустрација, во него спаѓаат и комедиите „Солунски патрдии“ и „Викенд на мртовци“ на македонскиот драматичар Миле Попоски (1922-2009).
Дејството на „Кротењето на опаката“ се одвива во Падова, околу двете ќерки на Батиста Минола, постарата Катерина (Кетрин или Кејт) и помладата Бјанка. Батиста (го игра Роман Вдовика) се држи до конзервативниот ред и сакат прва да ја омажи постарата Кетрин (Мархарита Овчарова), а потоа и Бјанка (Анастасија Карабуха): Кетрин нема додворувачи затоа што не е мила и убава како Бјанка, туку е на глас дека е голема итрица, а по малку и невротична, па тешко кој маж се нафаќа да се справи со неа.
Заплетот започнува кога од Верона во Падова пристигнува аристократот Петручио (Владислав Красиков), темпераментен боем, кој е подготвен да ја ожени Кетрин заради миразот, но тоа за него е и своевиден предизвик, без разлика на трубуленциите што таа може да ги предизвика, бидејќи и двајцата имаа опак карактер. Од друга страна, за раката на Бјанка има дури тројца кандидати: Хортенцио (Борис Пономаренко), аристократ од Падова, пријател на Петручио и негов „стројник“ за Кетрин; Хремио (Јевхен Тодоракин), постар богаташ; и Лученцио (Руслан Таран), млад и личен студен од Пиза, инаку потомок на богато семејство од Фиренца, и чиј итар слуга Транио (Владислав Дубинин). Последниве двајца ги менуваат идентитетите меѓусебно за да ги исфрлат од игра другите кандидати-младоженци за Бјанка. А дали на крајот Кетрин ќе биде скротена? Досетливиот Транио дури организира своевидно обложување меѓу ликовите по тоа прашање, со интересен пресврт…
Режисерката Викторија Шевченко (1992 година), која ја поставила „Кротењето на опаката“ во киевскиот театар во 2019, создава ново креативно читање на Шекспировата комедија, со впечатлив дизајн на костимите, шминката… Шевченко – која изминативенеколку години ги поставувала и „Ромео и Јулија“, „Алиса во земјата на чудата“, „Тие“, според претставата на М.Стефаник, „Наталка Полтавка“ според делото на Иван Котлиаревски, „Вујко Вања“ според Антон П. Чехов – во оваа прилика користи и стриполики сцени, каде што до посебен израз доаѓа пластичната игра на актерите, меѓу кои се и Свитлана Лановенко (во улога на вдовицата), и Олексеj Алмаз, Микола Холовчак, Валериј Воитов, Олександр Самојленко и Дмитро Купреичук како слугите.
Од друга страна, „Кротењето на опаката“ на сцената во предворјето на „Св. Софија“ можеби изгледа „гола и боса“ на соголената сцена од камени плочки, со минималната сценографија што во оваа прилика го донел театарот „П.К. Саксагански“, и само со нужната расвета. Но, токму тие (не)прилики создадоа поинаква димензија на „Кротењето на опаката“. Во првиот дел од претставата сведочевме на „стегнат“ шеспировски дијалог, за во вториот дел актерите да ја дигнат поставката на ниво на разиграна „брканица“ на сцената, соодветна на типична медитеранска комедија на забуни под отворено небо, со потребните импровизации.
„Војната ја уништи магијата на театарот“, рекоа украинските актери на прес-конференцијата пред изведбата на „Кротењето на опаката“ на „Охридско лето“. Но, повикувајќи се на британскиот државник Винстон Черчил, актерот Красиков смета дека секоја војна е бесцелна доколку не ја издигне културата на повисоко ниво, токму низ воените премрежија.
По Втората светска војна германскиот филозоф, мислител и интелектуалец Теодор Адорно (1903-1969) ја постави познатата етичка дилема дали пишувањето поезија после Аушвиц е варварство. Тој „велтшмерц“ (Weltschmerz, германски: светска болка), термин со кој романтичарите пред два века се обидуваа да го објаснат и опишат колективното чувство на жалост и беспомошност, одново и одново ги става уметниците во ситуација да му објаснат на човештвото зошто прават претстави, глумат, режираат, пишуваат поезија, проза и романи, снимаат филмови, сликаат платна и ѕидови…
Гостувањето на киевскиот театар на „Охридско лето“ со претставата „Кротењето на опаката“, во вакви услови, е уште едно камче во тој мозаик на „блескави и страшни“ предизвици пред кои се наоѓаат уметниците.
Стојан Синадинов