Кога во биографијата на уметникот ќе видите дека се школувал во Париз на најпрестижните школи, Парискиот конзерваториум и “Ecole Normale de Musique” и изучувал пијано и композиција кај историски легендарни личности како пијанистот Тиери де Бруноф (ученик на Алфред Корто, лично) и Надја Буланже (да, „париската учителка“ на најголемите композитори на дваесеттиот век), таа едукациска генеза едноставно предизвикува посебен респект и ве тера со нетрпение да го дочекате тој уметник. Освен тоа, потребата од откривање нови музички тенденции во дваесет и првиот век е актуелна, да, ама сепак се поклонуваме пред класичен концерт со „вечна“ програмска содржина: Бах, Бетовен, Лист. Накусо, тоа беа насоките пред солистичкиот рецитал на реномираниот турски пијанист Хусејин Сермет во рамките на шеесет и второто издание на „Охридско лето“.
Изборот од Баховите Прелудиум и фуга, бр. 1 во Це-дур и бр. 22 во бе-мол од првата книга „Добро темпериран клавир“, Бетовеновата Соната оп. 109 во Е-дур и „Ха-мол“ – Сонатата од Франц Лист како програмска определба сам за себе е доволен предизвик, зашто тоа се исклучително познати дела од класичната пијанистичка литература што се свират често… на испит, на натпревар, на концерт… и ги свират „сите“… ги „знаат сите“. Со мали отклонувања, овие пиеси вообичаено ги слушаме со некој востановен концепт, поимање и интерпретација. Артикулацијата и динамиката се дефинирани, а се знае точно кои се „дозволени и предвидени“ темпо и агогика. Но штом на сцена доаѓа уметник со изразит уметнички персоналитет што прави отстапка од зацртаните патеки, тогаш добро познатите дела добиваат нов лик. Точно таков артист е Хусејин Сермет: неконвенционален, автентичен, иновативен. Отворајќи го концертот со Бах – Прелудиумот во Це-дур во неверојатно бавно темпо (речиси како во ознаката за темпо да стои Grave), пијанистот ви го привлекува вниманието и веднаш препознавате дека ви претстои невообичаено патување. Популарната тема за Гуноовата „Аве Марија“ Сермет ја изведе со длабоко мисловен пристап, со одмерување на секој тон и ни ја покажа сета раскош на хармонското богатство, скриено во генијалната репетитивна, ама божествена едноставност на Бах. Како совршен контрапукт четиригласната фуга ја слушнавме во изразито legatissimo sostenuto артикулација, при што секоја нова појава на темата (симболични 24 пати), со извлекување на широк спектар клавирски бои, пијаното во црквата, чудесно звучеше како вокален ансамбл. Следната нумера, уште повпечатливо, беше претставување на контрастот меѓу елегантниот Прелудиум и фугата во пет гласа (надградена на „лаконска“ тема“). Оваа фуга, несомнено едно е од најкомплексните остварувања на Баховиот полифон стил воопшто, за која извориштето авторот го пронаоѓа кај раните ренесансни мајстори. Безвременската композиција, пијанистот Хусејин Сермет ја изведе со мајсторски дозиран баланс меѓу цврстата рамка на партитурата и сопстевната сензибилност, без трунка патетика, проникнувајќи во сите длабочини на Баховиот гениј. Особен белег во интерптретацијата на Баховата музика, пијанистот Хусејин Сермет, покрај длабокото „донесување“ на темите, е експресивната постапност со која ги креира климаксите во фугите, со што во целост ја доловува моќта на централната форма во музичкиот барок.
Што се однесува до Бетовеновата Соната оп.109, една последните и најсложени пијанистички „структури“ на композиторот, специфична по оригиналното толкување на сонатните „закономерности“, во поглед на формата, динамизмот и оригиналноста (прв став, лежерен, воздушест, втор став – сонатна форма, трет став – варијации во романтичарски манир) би забележале дека токму сите скриени атрибути на ова уникатно дело на Бетовеновата имагинација, идеално кореспондираат со имагинативниот дух на пијанистот Хусејин Сермет. Слободната форма на сонатата совршено му дава простор на уметникот да го покаже фасцинантниот опсег на креации, со кое располага како музичар но и како иноватор. Во првиот став ја слушнавме онаа интимна, лирска црта во бетовеновиот музички лик, вториот – цврста структура на сонатен став и последниот, медитативна тема со шест исклучително разнородни варијации како најсилна точка на целата Соната, низ кои Сермет нè водеше со непоколебливо усовршена техника, сепак уверливо прикажувајќи ги сите финеси на Бетовен (динамички нагли контрасти и изразита агогика, специфична за неговиот доцен творечки период). Токму во последниот став, во варијациите, пијанистот извлече неверојатен колорит и пијанистички бои во темата и првите две варијации, енергична техничка супериорност и виртуозитет во динамичните варијации. Чистото и прецизно свирење и особено уверлива интерпретација на полифоната текстура во четвртата варијација само ја дообликува сликата што на почетокот ја слушнавме во баховите фуги – тоа е уметник што од полифонијата ја извлекува потребната филозофска длабочина. Едноставно, тоа беше силна, современа интерпретација на Бетовен.
Како последна точка на концертот ја слушнавме Сонатата во ха-мол од Франц Лист – совршено заокружување на вечерта. Во ова (за своето време мошне контраверзно и револуционерно дело) пијанистот Хусејин Сермет ни предочи дека многу условно ја сфаќа темпоралноста, до максимум си дозволува и онака пранагласените агогички (за противниците на Листовиот стил) патетични, бесконечни фрази дополнително да ги „развлече“. Пијанистички гледано, оваа композиција е полна со широк „арсенал“ техники, комплетна манифестација на Листовата бурна природа – екстремни фортисима, октави, бравурозни пасажи.. кои повторно, Хусејин Сермет ги изведе технички солидно, но со бескомпромисно личен печат. “Encore” на рециталот беше композицијата Импресија за пијано бр. 2 – „Малечкото овчарче“ од туркиот композитор Улви Џемал Еркин, за кој Сермет потенцираше дека е неговиот прв учител по музика во детството.
Ќе си дозволиме како некој кој во целост „одвнатре“ го проучил и го отсвирел секој тон од изведените композиции (токму од извориштето на француската пијанистичка школа преку толкувањата на почитуваната проф. Стела Слејанска на која тука со посебен пиетет ќе си споменеме) да предочиме дека перцепцијата за настапот на пијанистот Хисејин Сермет е многу слоевита и импресивна. На сцената во Св. Софија имавме чест да слушнеме зрел уметник во чија интерпретација едноставно се чувствува долгогодишно концертно искуство, ама и широкогледост и креативност на плоден композитор. Неговиот настап е уникатен. Особено е видлива умешноста со која тој приоѓа при обликувањето на секој тон, секоја фраза од нотниот текст. Задоволство е да се биде дел од уметничката креација што ја создава овој уметник со посебен “raffinment” својствен за изданоците на француската пијанистичка школа. Eдноставно во неговата интерпретација се препознава еден исклучително богат уметнички лик со широк спектар визии за музичката уметност, но и за животот воопшто, компонирање, диригирање, па воопшто не изненадува што уметникот ужива еднакво признание на сите континентни и како композитор и како врвен пијанист со нагласена пијанистичка индивидуалност.
И да… само уметници со таква индивидуалност може да ве заинтригираат да навлезете во детали на неговиот начин на свирење. Изведбата е провокација, во ниеден миг од интерпретацијата ништо не е прувеличено и невкусно, зашто во исто време тој свири со механичка прецизност но и со речиси безобразна романтична експресивност, што не ве остава рамнодушни. Тоа може да си го дозволат само големи уметници што со сиот уметнички габарит, „стојат“ цврсто зад својата музичка креација.
Изведбите на уметници како Хусејин Сермет се дар за музичките сладокусци.
Викица Костоска Пенева