Со концертот на еден од водечките оперски уметници во Италија, сопранот Дариа Масиеро, која настапи во пијано придружба на сонародникот, пијанистот Андреа Кампора, се одржа традиционалната Италијанска вечер на фестивалот „Охридско лето“, што секоја година се организира со поддршка на Амбасадата на Италија во Република Северна Македонија. Давајќи ѝ симболика на обновената соработка меѓу Италија и Франција, со потпишувањето на Квириналскиот договор во Рим, минатата година, амбасадорите на овие две земји, блиски на Република Северна Македонија, ги разменија презентациите на италијанската и француската вечер (одржана еден ден подоцна н.з.). Затоа, најнапред се обрати амбасадорот на Франција, Сирил Бомгартнер, а потоа и амбасадорот на Италија, Андреа Силвестри, кој, најавувајќи ги италијанските уметници Масиеро и Кампора, истакна дека музиката како универзален јазик е храна за душата и е од особена важност во овие години, нудејќи ни засолниште и надеж за подобра иднина.
Дариа Масиеро, која настапува во водечките сопрански ролји на италијанскиот репертоар на повеќе оперски сцени во Италија, паралелно градејќи и интернационална кариера низ повеќе европски и светски оперски центри, за ова концертно претставување, во пијано придружба на истакнатиот италијански пијанист со меѓународна кариера Андреа Кампора, особено признат како пијано-придружник на оперски пејачи, понуди две музички тематски целини, пренесувајќи ја суштината на италијанската вокална уметност.
Во првиот дел од концертот, со својот едноставен, продуховен артизам и топло остварени детали, Масиеро се претстави со интересен избор на наполитански канцони, романси и филмски музички теми. Во акустичниот амбиент на црквата „Света Софија“, прозвучеа изведбите на наполитанските „Non t’amo piu“, „Ideale“, „La Serenata“, „A Vucchella“ и „L’ultima Canzone“ на Франческо Паоло Тости и особено популарната „Non ti scordar di me“ (на задоволство на публиката, повторена и во бисот н.з.) на Ернесто ди Куртис, кои италијанскиот сопран, градејќи го носталгичниот карактер, ги изведе со очигледен сензибилитет и емотивна зрелост. Во целокупниот концепт, како надоврзување и заокружување на овој дел, одлично се вклопија и композицијата „Musica Proibita“ на Станислао Гасталдон, како и филмската тема на Енио Мориконе, „Nuovo cinema paradiso“.
Тежиштето на концертот, оперската уметница го стави во вториот дел, каде особено дојде до полн израз нејиниот вокален, а во помала мера, внимателно дозирано, и нејзиниот артистички потенцијал. Во овој дел, таа се претстави со програмски концепт од пет оперски арии, доминантно од италијанската веристичка литература, сликајќи пет мини-портрети на пет оперски хероини, преку нивните најмаркантни оперски арии, успешно развивајќи ги основните драматуршки линии на карактерите.
Со аријата „Tacea la note placida“, од операта „Трубадур“ на Џузепе Верди, лирски сликајќи го нејзиниот романтичен и, уште повеќе, контемплативен карактер, ја креираше атмосферата на вљубената Леонора. Со префинета емисија на едвај чујно пијанисимо, поентираше во каденцата, додека виртуозниот дел од аријата, го изведе со совршено легато, кое не му пречеше на сјајот на колоратурите. Во најпопуларната арија од операта „Ла Вали“, на Алфредо Каталани, „Eben ne andro’lontana“, со грациозна изведба на долгите и широки мелодиски линии, ја подвлече меланхоличната нитка, создавајќи привлечна тонска слика. Вешто маневрирајќи со употребата на крешендото, ја изгради потребната тензија и изразувајќи ја внатрешната состојба на драмскиот лик, нежноста ја преобрази во строга ескпресија.
Финалето на концертот, Масиеро му го посвети на творештвото на Џакомо Пучини, озвучувајќи ги во црковниот храм најпознатите сопрански арии од оперите „Џани Скики“, „Мадам Батерфлај“ и „Тоска“. Особено нежен израз, прикажа при изведбата на „Oh mio babbino caro“, сликајќи ја атмосферата на вљубената Лорета која на колена ја пее аријата пред својот татко. Со прекрасно обоен вокал, јасно дефинирана позиција во изведбата на мелодиските скокови, и повторно, благодарение на умешноста во динамичкото нијансирање, оваа кратка, но ефективна и популарна оперска арија, погодна за концертни настапи, доби своја успешна интерпретација. Вадејќи во етерот ерупција од емоции, кулминацијата на концертното претставување ја достигна со изведбата на „Un bel di vedremo“, кадешто остави и најсилен впечаток. Изразувајќи ги сите стравови, соништа и надежи на младата Чо-Чо-Сан, со градирање од пијанисимо до фортисимо, ја пренесе лирската убавина на аријата со целата нејзина драматика. Концертната програма ја заврши со загриженоста на ликот на Тоска во „Vissi d’arte“, доловувајќи ги сите промени во расположението и менувајќи го изразот на интерпретацијата од убаво, милозвучно интимно пеење, до експресивен, но благороден крај.
Во комплетирањето на тонската слика на концертот и оплеменувањето на вокалната емисија на Дариа Масиеро, голема заслуга имаше извонредната пијано придружба на Андреа Кампора. Внимателно следејќи го пулсот на солистката, Кампора ненаметливо, но сигурно, го креираше потребниот фон. Неговото мајсторство на пијаното, особедно дојде до израз во солистичката изведба на „Интермецото“ од операта „Кавалерија рустикана“ на Пјетро Маскањи, каде со оправдани интервенции во клавирскиот извод, суптилно го премости преминот меѓу оперските блокови.
Александар Трајковски