Редовното настојување музичките сензации најдостојно да ги преточиме во мисли и зборови, воопшто не е едноставен процес. Колку и да се водите од некакви „реални“ параметри, донесувањето вредносен суд за уметничко дело, на крајот се сведува на искажување личен став. Музичката изведба, или таканаречената „репродуктивна уметност“ е предмет на опсервација низ историјата на музиката и низ сите епохи и гледишта во филозофијата и естетиката на уметноста. Зашто неоспорно и таа е самостоен креативен чин. Прашањето што постојано се наметнува кај сите нас кои си задаваме задача да донесеме критички суд, е во колкава мера интерпретацијата треба да е блиска до она што би го нарекле „зададена константа“ во музичкото дело. Тоа е вечна полемика, особено кај „добрите познавачи“. Но, некако историските текови укажуваат дека најсилен траг оставаат токму оние, кои впечатливо излегуваат од рамките на предвидливото и со тоа стануваат легенди. Нема да посочуваме, тоа е повторно прашање на личен став. Ама без двоумење овој кус вовед ќе го посветиме на младиот француски пијанист Лука Дебарг, што имавме среќа да ни биде гостин годинава на „Охридско лето“. Зашто неговата уметничка појава недвојбено е синоним за „револуционерен музичар“ кој со екпресна брзина се вивнува на врвот, меѓу легендите. Едноставно, кога ќе ги прочитате запишаните реакции за него, возбудата започнува уште пред доаѓањето на концерт: „Откако Глен Гулд ја посети Москва и Ван Клајбурн победи на натпреварот „Чајковски“ во виорот на студената војна, немало странски пијанист што предизвикал такво лудило“… „неверојатен талент, артистична визија и креативна слобода“… доволно е.
Вообичаено после одличните концерти на „Охридско лето“ има силен аплауз, извици „Браво!“, стоечки овации, ама силни спонтани врисоци после првото отсвирено дело, Моцартовата соната во а-мол К.310 !!! Е тоа, ретко се слуша и навистина е „лудило“.
Следејќи некои негови изјави, тој за концертен репертоар одбира добро познати клавирски дела, но и некои подзаборавени, подеднакво. Во двата случаи со научен пристап се нурнува во најскриените длабочини на партитурите, ги проучува максимално, а потоа ги „транспонира“ низ своја визија и вкус. Во тоа целосно се уверивме на концертот во Охрид. Овој пат, тоа беа исклучително познати, „свирени“ композиции, според својот обем и комплексност доволни за два рецитала. Покрај Моцарт, Шопеновите Балада бр. 2 во а-мол, Прелудиум оп. 45 во цис-мол, Полонеза-Фантазија оп. 61 во Ас-дур, „Господарот на ноќта“ од Морис Равел, Листовта „Данте“ Соната и уште три бисерно отсвирени сонати од Скарлати на бис – импознтно! А впечатокот е дека после сè тој може да продолжи со барем уште еден таков концерт.
Обемот на овој осврт е претесен за да се искаже сè што доживеавме на овој чудесен концерт. На почетокот го слушате ехото на „вистинскиот“ Моцарт низ кристално јасни пасажи, а се вчудовидувате од смелите решенија на una corda во fortissimo, лебдите во божествениот втор став, пијанистот „говори“ преку мелодиската линија, цврсто организирана артикулација во третиот став, интерпретацијата е наметлива, а сепак деликатна. А Шопен, интерпретацијата кај Лука Дебарг директно произлегува од француското толкување на неговата незаменлива музика и самиот силно поврзан со францускиот дух. Тоа е елегантен, јасен и рафиниран стил, полн со педантно изработени динамички и агогички финеси. Нема патетика. Сè е со вкус што го разбираат и ги допира и најнеупатените. После првиот дел од концертот што естетски е одлично заокружен циклус и ја прикажува повеќе лирската страна во неговата интерпретација, Лука Дебарг ве освојува со две нови интензивни точки: со Равел на свое француско поле, ама со Лист со чија изведба на уште поизненадувачки начин ве уверува дека му е близок. Самата најава дека ќе ја слушате Свитата Gaspard de la nuit од Равел, е предизвик, со акцент на последниот став „Скарбо“ евидентно една од најсложените пиеси за соло пијано во историјата на пијанизмот. Авангардниот модернизам вткаен во бурната партитура „Господар на ноќта“ – ремек дело на францускиот импресионист, што толку свежо и моќно звучи и во дваесет и првиот век, наполно соодветствува со уникатниот темперамент на Лука Дебарг, ама и со бравурозното нивото на неговата пијанистичка техника. Беше вистинска среќа да се слушне ова дело во перфектната изведба на Дебарг, кое покрај техничката сложеност, во себе крие фантастична драма, но и величествено убава музика. За крај, во полн сјај, Сонатата „Данте“, каде што блескаво ги слушнавме сите пијанистички обележја на клавирскиот јазик на Лист, експлозивни октави и акорди во автентична ad libitum интерпретација на Лука Дебарг. Во оваа композиција тој во целост ни го покажа импресивниот волумен на неговата творечка енергија, но и кретивност, ослободена од стегите на секакво класично помање на познатото дело.
Кај Лука Дебарг просто не можете да се определите што е тоа што првенствено ве фасцинира, дали е тоа беспрекорната меморија, изведувачката кондиција, неверојатната имагинација со која ги креира динамичките боења како рефлексија на неговиот внатрешен свет и длабока духовност, супериорната пијанистичка техника и секако спецификата на неговиот настап – улогата на кокреатор со „видливи“ сопствени интервенции во отсвирените композиции. Тој поседува уникатност зашто нескриено свири на начин што ги задоволува неговите уметнички вкусови, ја задоволува неговата визија за тоа како треба да изгледаат и да звучат делата, и колку и да е тоа различно, спротивно и невообичаено од востановените постановки, точно тоа е она што ја освојува публиката и допира до неа. Несекојдневен виртуоз кој во исто време ужива во сопствената беспрекорна концентрација што магично ја пренесува на публиката и и овозможува да се нурне во неговиот свет. Според еуфоријата што ја остава зад себе, веројатно во иднина естетиката на пијанизмот треба да се движи по неговата насока.
Но сепак, во контекст на уводот, еден личен став: она што го прави Лука Дебарг ГОЛЕМ УМЕТНИК, е бепоштедното, емотивно себедавање на сцената и на публиката. Тоа највисоко ниво во уметноста. Од таму доаѓат врисоците.
Викица Костоска Пенева